Колкав животен простор ѝ треба на Русија | Свет | DW | 05.03.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Колкав животен простор ѝ треба на Русија

Русите нема да добијат ништо од оваа војна - сѐ што ќе добиеме е глобална омраза, уништена економија, уништено општество и глобалната почит, вели рускиот социолог и филозоф Григориј Јудин. Пишува Љупчо Поповски

Прво за она што изгледаше сосем легитимна дебата околу тоа дали руските пропагандни алатки – РТ и Спутник – треба да се исклучат од  дигиталната мрежа  и од етерот и дали тоа би било удар за новинарските слободи, а онаму каде што имаат редакции и отпушање на вработените. Во ужасна војна, како оваа во Украина, вчерашната вистина може да изгледа како голема заблуда.

Во четвртокот познатата руска независна телевизија Дожд го одјави своето работење и вестите на веб-страницата со емитување извадок од „Лебедово езеро“, балетот на Чајковски што се емитуваше без прекин на државната телевизија за време на државниот удар во 1991 година, кој доведе до распад на Советскиот Сојуз. Истиот ден многу популарната радио станица  Ехо на Москва  (независен новинарски глас) беше присилно исклучена од етерот за прв пат од 1990 година по одлуката на нејзините директори. Причината беше јасна – секој што ќе шири „лажни“ вести за војната во Украина и „специјалната воена операција“ ќе ја нарекува со вистинското име – војна, може да добие затвор до 15 години. Главниот уредник на ТВ Дожд само еден ден откако со Кристијане Аманпур на Си-Ен-Ен зборуваше дека иднината не неговата многу гледана телевизија се брои со ден или два, објави дека ќе ја напушти Русија стравувајќи за неговиот живот. Како и многу други од неговите колеги.

Во петокот руската влада го блокираше пристапот кон Би-Би-Си, Гласот на Америка, Дојче веле, Радио Слободна Европа,  како и кон рускиот медиум „Медуза“, кој е стациониран во Латвија. „Медуза“ е еден од последните руски независни медиуми кои известуваат од Русија.

Рускиот регулатор за комуникации соопшти дека постапува по барање на јавниот обвинител поради „намерното ширење на лажни информации врз систематска основа“ од страна на овие независни медиуми во врска со „специјалната воена операција во Украина“. На новинарите од овие медиуми ќе им биде одземена акредитацијата.

Изгледаше дека само познатиот независен весник „Новаја газета“ остана последниот што ќе ја брани новинарската професија во ужасниот амбиент за журнализмот во Русија, но и тој го „предаде оружјето“ вчера попладне. Главен уредник на „Новаја газета“ е Дмитри Муратов, минатогодишен добитник на Нобеловата награда за мир.

Весникот соопшти дека ќе го отстрани целото покривање на војната во „Новаја газета“ поради заканата од кривично гонење со кое би можеле да се соочат неговите новинари и читатели. Весникот рече дека не може да ја ризикува слободата на вработените во редакцијата, но исто така не може да ја игнорира желбата на читателите тој да продолжи да работи, дури и под воена цензура. Затоа ќе ги отстрани материјалите „на оваа тема“ од својата веб-страница и социјалните мрежи. Како ќе му успее тоа, сега не знае ни Муратов, прашање е дали некој воопшто знае.

Би-Би-Си објави дека привремено го суспендира работењето на сите свои новинари и персонал во Русија.

Со неколку зборови – веќе нема ниту еден независен медиум во Русија, сѐ е под најтешка можна воена цензура. А ние овде може да расправаме колку што сакаме дали европското исклучување на РТ и Спутник било или не според демократските тертипи.

Претходни коумни од авторот: Империјални и други сништа

Сега за работата што изгледа како опсесија за многу искусни кремљолози: што се крие во мислите на  Владимир Путин  кога зборува дека Русија е притеснета на своите граници и дека тоа нема да го дозволи. И што мислат за тоа руските граѓани, барем некои од нив. Навистина, изгледа дека на империите никогаш не им се доволни просторите што ги имаат, како на оваа „Путинова империја“.  Русија се протега на два континента и има површина од фантастични 17 милиони квадратни километри. Ако тоа сакате да си го претставите во некакви размери еве како изгледа – тоа се 680 Македонии. Но никогаш не е доволно, затоа што Советскиот Сојуз беше поголем – 22,4 милиони квадратни километри.

За да се приближи до таа цел некои од советските републики што станаа независни треба да преминат во целосно вазален однос, како што е Белорусија сега. Украина е најголемото домино. По нејзиното паѓање работите за Кремљ би требало да бидат полесни за империјалните сновиденија.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Истиот оној дигитален медиум „Медуза“, чиј пристап вчера го блокираа руските власти, пред неколку дена објави подолго интервју со познатиот руски социолог и филозоф Григориј Јудин во кое тој со мрачни, но и со по некој светол тон, ја објаснува ситуацијата во руското општество, неговата наизглед помиреност со ситуацијата за време на Путиновото владеење. Јудин не е некој од од оние руски научници кои истражуваат на западните универзитети или институти. Тој е професор по политичка филозофија на московската Школа за социјални и економски науки. Тој зборува од Москва. Јудин беше дел од демонстрациите во првите денови од војната, онесвестен со полициски удар на главата беше одвлечен во еден московски затвор. Ден-два подоцна тој го даде тоа интервју за новинарката Светлана Рајтер, кое кажува многу повеќе, отколку мирните но силни зборови во него. Сега е тешко на „Медуза“ да се дојде кон пристап до ова интервју, па затоа за нашите читатели ќе пренесеме некои делови од него за да имаат претстава што се случува во руското општество за време на оваа бесмислена и ужасна војна што ја почн   Кремљ.   И дали има смисла да се повикува на протести на руските улици.

Еве дел од прашањата и одговорите:

Можно ли е протестите да ескалираат? Можно е, да. Почетната ситуација беше во голема мера неочекувана, а всушност студиите покажаа дека луѓето во Русија не биле заинтересирани за темата  Украина.  Оттука и сигурноста дека нема да има војна.

Опасноста овде е дека, кога не сте заинтересирани за нешто, тогаш по шокантен настан сте подготвени да прифатите секое погодно понудено толкување. Што е токму она што се случи - многу луѓе се држат до најнепосредното објаснување, благодарение на владината пропаганда. Тоа е најудобниот избор: секој сака да избегне проблеми, особено во време на војна.

Но, веќе постои фактор кој внесува дисонанца во сликата - очигледно е дека блицкригот не успеа. Станува сѐ потешко и потешко да се преправаме дека сето ова се случува некаде далеку и наскоро ќе заврши - напротив, тоа е веќе очигледно значаен воен конфликт. Многу луѓе на руската страна веќе се убиени или ранети, а ќе има уште многу. Русите имаат многу роднини во Украина, а, според бројни извештаи, руската авијација почнала да користи касетни бомби, што значи многу цивилни жртви.

Сето тоа ќе ја наруши сликата и луѓето ќе бидат принудени да заземат јасен став. Ќе стане невозможно да се закопате во секојдневните задачи. Плус, реалноста на која сите сме навикнати ќе биде уништена од последиците од економскиот колапс. Затоа мислам дека е веројатен пораст на критичките ставови кај различни сегменти од општеството.

Претходни коумни од авторот: Западните лидери уште се прашуваат: А што би направил Кисинџер?

Но, ние не сме единствените кои го сфатиле ова - и треба да очекуваме акции во блиска иднина што ќе се обидат да го срушат секој вид на генерализиран протест во почетокот...

Да, протестот премногу бавно ескалира, но сепак ескалира. Гледаме сѐ повеќе јавни личности кои зборуваат против војната: пратеници; разни здруженија; познати личности, кои и покрај тоа што се обидуваат да молчат, сепак во поголем број излегуваат против војната. Ова можеби не е многу, но веќе е нешто.

Ако трендот на зборување прескокнува од поделитни кругови во елитни, кругови кои се поблиски до руското раководство, ризиците за  Путин  се очигледни. Целата работа почнува да личи на нескриена ескапада со застрашувачки последици и неизбежен пораз на хоризонтот. Затоа сме на пресвртна точка: светот во кој живееме во моментов нема да опстане уште долго…

Ukraine-Konflikt - Tschernihiw

Пожарникари гаснат оган по бомбардирањето на градот Чернихив од страна на руските авиони

Дали во овој момент се чувствувате повеќе како човек или повеќе како научник? Тоа е прилично логично прашање [да се постави] во одлучувачки историски момент. Важно е да се разбере дека овие две позиции коегзистираат во секој истражувач и мора делумно да се совпаѓаат. Мора да знаете во што верувате и за што анализирате: ако анализирате без конкретна цел, само затоа што ви било наредено или побарано, ќе завршите како Елвира Набиулина [гувернерка на Централната банка на Русија]. Ризикувате да станете воен злосторник.

Мислите дека Елвира Набиулина е воен злосторник? Алберт Шпер беше воен злосторник.

Што треба да се случи за да ја натера Елвира Набиулина или Сергеј Шојгу [министерот за одбрана] да се однесуваат поинаку? Тоа е меѓу нив и нивниот Бог. Знаете, токму сега сме во момент кој, и покрај сета своја уникатност, сепак потсетува на настаните од 20. век. Хана Арент, мислам, многу правилно рече на оваа точка дека има моменти кога треба да ја прифатиш својата немоќ да го промениш светот како целина и да сфатиш за што си лично одговорен - на таков начин што потоа ќе бидеш способен да живееш со себе, да издржиш да се гледаш во огледало. Тоа е најважното прашање што секој човек треба да го одговори сам за себе, со разбирање дека ситуацијата може, и веројатно ќе се развие според најлошото сценарио.

И како го надминувате стравот во тој момент? Постојат одредени методи кои не се сигурни: мали акции со јасно мерлив ефект. Тоа е најдобриот лек против стравот и секој пат излегува дека ѓаволот не е толку црн како што е насликан. Ако заземете принципиелна позиција, ако не успеете да се справите со моралниот предизвик, ако не се преправате дека ништо не се случува или дека сте немоќни, туку разбирате дека сте во ситуација кога моралниот предизвикот е огромен, за кој сите ќе бидат повикани да одговараат, тогаш нема да можете да останете само патник. Мора да верувате дека можете да направите нешто на ниво на чин со некаков мерлив ефект.

Теодор Адорно, цитирајќи го драматургот Кристијан Грабе, еднаш рекол дека само очајот може да нѐ спаси. Денес, вообичаено е Русите кои ги боли она што се случува да чувствуваат самообвинување и срам; се обидуваат да се оправдаат или да се извинат. Овие се разбирливи и љубезни чувства, но тие не можат да доведат до акција. На крајот на денот, ова не е војна што рускиот народ ја води против Украина. Русите нема да добијат ништо од оваа војна, тие ќе изгубат на најмонструозниот можен начин, тоа ќе биде огромна катастрофа за земјата - сѐ што ќе добиеме е глобална омраза, уништена економија, уништено општество, а можеби и поразена армија.

И, конечно, ќе ја изгубиме таа непоколеблива основа за почит, таа историски изразена почит од луѓето ширум светот: ќе го изгубиме нашиот имиџ како нација ослободител, нација херој - победник во најлошите од сите војни. И затоа мора да ја запреме оваа катастрофа, затоа мораме да се обединиме со Украинците и Белорусите. Околностите се такви што Украинците се спротивставуваат на свој начин, додека Белорусите и Русите треба да најдат поинакви средства. Оној што нема да ги спречи да се погледнат во очи потоа.

Ова не се одговори и дилеми на Григориј Јудин само за Русите. Ова се клучните дилеми на секој од нас за делување или неделување во оваа ситуација – каде е мојата морална одговорност.