1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБугарија

Ковачевски и Петков во политички цугцванг

23 јуни 2022

Како францускиот предлог го претвори ГЕРБ во спасител на европските вредности?

https://p.dw.com/p/4D6Wx
Премиерите Петков и Ковачевски на нивната прва средба во Скопје на 18 јануари 2021
Премиерите Петков и Ковачевски на нивната прва средба во Скопје на 18 јануари 2021Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, учествуваат на самитот на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, и покрај претходните дилеми дали воопшто треба да заминат во Брисел. Една од темите на самитот ќе биде напредокот на Западен Балкан во евроинтеграциите, за кој тројцата политичари имаат многу што да кажат. Но дали она што ќе го слушнат од европските лидери, ќе биде потврдено и на самитот на Европскиот совет што ќе се одржи денеска и утре? 

Прашањето е важно за Северна Македонија и Албанија, чии почеток на преговори е блокиран со бугарското вето за РСМ, со што колатерална жртва е Тирана. Францускиот предлог, проектиран да биде клуч за деблокада на процесот, веќе произведе дејства спротивни на очекуваните. Во Софија падна владата на Петков откако опозициската ГЕРБ побара гласање на недоверба заради економски потфрлања. Но тоа се смета за лажен наратив, бидејќи распадот на владиното мнозинство почна со повлекување на ИТН од владата, заради „предавство на тема Македонија“.

ИТН и го отвори патот на ГЕРБ за два клучни проекта: прво да ја урне владата на Петков, а потоа да се претстави себеси како спасител на нацијата, заштитник на европскиот интерес и борец за кревање на ветото за РСМ. А токму владата на ГЕРБ беше таа која го инсталираше ветото за РСМ. Да биде апсурдот уште поголем, на ГЕРБ во уривањето на владата и помогна националистичката „Преродба“, партија чија главна заложба е напуштање на ЕУ и НАТО.

Во политичка офанзива: поранешниот бугарски премиер и актуелен лидер на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов
Во политичка офанзива: поранешниот бугарски премиер и актуелен лидер на опозициската ГЕРБ, Бојко БорисовФотографија: Dimitar Kyosemarliev/AFP

Спасителот ГЕРБ

Со такво друштво, Борисов ем успеа да ја урне владата, а со повик за прифаќање на францускиот предлог - и да собере честитки од еврокомесарот Вархеји за „историска одлука". Вчера пред домот на Борисов протестираа активисти на партијата ВМРО која беше негов партнер во владата, и со која заедно го зацементира ветото за РСМ.

ГЕРБ денеска повлекува конкретен потег: до Народното собрание ќе поднесе барање за одобрување на францускиот предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, какво што вчера достави и ДПС. Партиајта на Борисов ги повика сите „кои се препознават себеси како носители на евроатлантските и европските вредности, да го поддржат тој предлог кој максимално го штити бугарскиот национален интерес".

Вршителот на должност претседател на Народното собрание, Мирослав Иванов, смета дека францускиот предлог за РСМ не треба најпрво да влезе во пленарната сала, бидејќи има многу прашања кои сѐ уште не се разјаснети.

„Мора прво да помине расправата во собраниската Комисија за надворешна политика, за бугарското општество и пратениците да ги разберат деталите за договорната рамка со РСМ. Потребни се одговори за тоа што е направено, дали предлогот е добар или не. Дури потоа да се пристапи кон гласање на пратениците“, изјави тој. 

Падна неговата влада: Кирил Петков во бугарското собрание по одлуката за недоверба кон неговиот кабинет
Падна неговата влада: Кирил Петков во бугарското собрание по одлуката за недоверба кон неговиот кабинетФотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Расте хаосот околу патот за институционалното одобрување на францускиот предлог, заедно со неизвесноста дали Петков ќе може да преформатира ново мнозинство, без оние кои ги нарече предавници и мафија. Социологот Борјана Димитрова го користи шаховскиот термин цугцванг (Zugzwang) за да опише во каква позиција се најде Петков.

„Оваа одлука го става Кирил Петков во позиција на политички цунгцванг, т.е. кога сите можни потези се неповолни за него. Ако „Продолжуваме со промените" (ПП) гласа со ГЕРБ во парламентот, Петков ризикува да ја загуби поддршката на луѓето од плоштадот, кои ги наелектризира во последните денови. Ако пак ПП не гласа со ГЕРБ, ризикува да ја изгуби довербата на европските партнери. Односно топката за решавање на случајот повторно е на теренот на Кирил Петков, кој треба да излезе од стапицата во која самиот влегол“, вели Димитрова.

На критиките од ИТН и дел од опозицијата дека сам сакал да го укине ветото за РСМ, Петков одгвори дека Владата нема да носи став за предлогот, туку одлуката треба да ја донесе парламентот. Со тоа остави празен простор без владин став, кој сега максимално го пополнува Бојко Борисов.  

„Предлогот е навистина многу добар. Ги вклучува сите стравови и нервози и она што ја засега Бугарија. Му верувам на претседателот Макрон, и верувам на ЕК. Досега сѐ што се случи како добро за Бугарија е благодарение на ЕУ“, рече лидерот на ГЕРБ.

Заштита на идентитетот

Дали тоа што е навистина многу добро за Бугарија, е добро и за Северна Македонија? „Не е", порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и помалите коалициски партнери на Ковачевски, кои најавија дека ќе ѝ откажат доверба на Владата ако биде прифатен францускиот предлог. Ковачевски кој досега не го коментираше предлогот, замина за Брисел со став објавен на Фејсбук.

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи - чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка“, потенцира Ковачевски.

Премиерот Ковачевски спроти самитот ЕУ-Западен Балкан преку Фејсбук побарабара почитување на јазикот и историјата.
Премиерот Ковачевски спроти самитот ЕУ-Западен Балкан преку Фејсбук побарабара почитување на јазикот и историјата.Фотографија: Government of North Macedonia

Премиерот наведува и дека преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнување на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Преамбулата на Уставот.

„Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија“, истакна премиерот, додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го коментираше досегашниот молк на властите по тоа прашање, но и стравува дека Ковачевски нема да рече „не“ во Брисел. 

„Тој што го преговарал практично се согласил со овој текст и сега наеднаш ние текстот го гледаме на маса, а тој што се согласил - се прави дека не е од овде, дека нема очи, нема уши и вели - јас ништо не сум добил (...) Сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на Комисија и сите останати, зар очекувате Ковачевски да рече ‘не’, и да го одбие? Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи, на пример, му вика - не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе“, рече Мицкоски во гостување на ТВ Алфа.

Тој го повика Ковачевски, да прифати предвремени избори на кои граѓаните реферндумски ќе одлучат.

Сега и Ковачевски е во позиција на политички цунгцванг. Ако го прифати францускиот предлог - ризикува паѓање владата, ако не го прифати - ризикува европските лидери да не ги разберат суштинските причини за одбивањето, што пак Бугарија ќе го искористи да се претстави како единствен конструктивен партнер во барањето излез од сегашната блокада на македонскиот интеграциски пат.