1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Во одбрана на Киев: Поранешните светски шампиони во бокс, браќата Владимир и Витали Кличко, кој е и актуелен градоначалник на украинскиот главен град
Во одбрана на Киев: Поранешните светски шампиони во бокс, браќата Владимир и Витали Кличко, кој е и актуелен градоначалник на украинскиот главен градФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance
Конфликти

Кличко го нокаутира Хантингтон

24 март 2022

Војната во Украина е последната фуснота на историскиот демант на Хантингтоновата визија за светот обвиен во жарот на војните помеѓу цивилизациите. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/48xpm

Доколку цивилизацијата е тоа што е најбитно, тогаш можноста за насилство меѓу Украинците и Русите би требало да е мала. Тие се два словенски, главно православни народи со вековни блиски односи. Така зборуваше Семјуел Хантингтон во девеесетите години на минатиот век, образложувајќи ја неговата визија од 1994 година за претстојниот „Судир помеѓу цивилизациите” како клучен предизвик на светот во декадите кои ќе следат. Написот во Форин Аферс и подоцна самата книга ќе стане редовна литература низ владејачките канцеларии ширум светот. Пропонентите на реал-политиката ќе ја прифатат како прирачник во справувањето и управувањето со светот. Идеалистите претпочитаа да веруваат во универзалната сила на концептот на човекови права и „крајот на историјата”. Историчарите, пак, скептично потсетуваа на примери од минатото кои не одеа во прилог на безмалку апокалиптичните визии на конзервативниот академик од Харвард.

Нападите врз кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 речиси пластично и убедливо ја валоризираа тезата на Хантингтон за судирот помеѓу цивилизациите, конкретно помеѓу христијанството и исламот. Светот преку ноќ стана глобална Босна во која довчера доверливите соседи и пријатели одеднаш почнаа да се распрашуваат во кој бог и месија веруваат, каква облека носат и што точно кријат во торбата до нозете. Глобалното општество ќе биде опфатено во жестоки дебати кои ќе следат околу дилемата дали теророт доведе до војните или пак војните го изнудија тероризмот. Од малку значење, вистина, за невино загинатите во Багдад и воЛондон, во Либија и во Мадрид, Дамаск или Ница. 

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Хантингтон, 11 септември и подемот на крајната десница ќе доведат и до преиспитување на војните во нашиот регион. Како што забележува историчарот Оливие Рој, во периодот по нападите во Њујорк „високо рангирани офицери и интелектуалци почнаа да се запрашуваат дали Западот избра погрешен непријател, дали всушност било пологично да се подржи Србија наместо Босна и Косово”. Во тоа име и јавајќи на бранот на растечката исламофобија и финансискиот крах од 2008 година, крајната десница потпомогната од популистите почна да ја прифаќа теоријата за големо сојузништво меѓу христијанска, католичка, протестантска Европа, евангелистичка Америка, православна Русија, шиитскиот Иран против сунитскиот Ислам. Путин и неговиот „метод на кротење на Исламот” во Чеченија беше очекувано добредојден модел на справедлив бранител на Европа и Зна ападот, човекот кој ќе ја обедини Евро-азија против муслиманите, а попат ќе помогне и во оддалечување на Америка од Европа и на Кина од Медитеранот. Западот ги отвори портите за Путин, Русија го отвори Кремљ за „алтернативните вистини, факти и бунтовници”. Среде сеопштата екстаза на реал-политиката и идеалот на триумф над цивилизацијата, историчарите претпочитаа да седат на страна и да се потсетуваат на историските фусноти.

Повеќе од авторот: Прва глобална војна

Но во 2009 година на сцената се појави еден нов лик, Барак Обама. Со иницијатива спротивна на доминантниот тренд на Западот, онаа за „Нов Почеток”, за дијалог со муслиманскиот или арапскиот свет. Америка веќе беше во процес на вртење кон Азија, кон соочување со комунистичка Кина. Предизвик во кој е поупатно милијардата муслимани да бидат, ако не сосема на страна на Западот, тогаш барем делумно на страна на САД и на дистанца од Пекинг. Таму каде што се роди идејата на Хантингтон, се роди и свеста дека во тој судир помеѓу цивилизациите, победник нема да биде ниту Америка ниту Европа. Додуша, на Европа ќе и треба цела деценија за да го разбере големиот „рикверц” на Вашингтон.

Но нештата сепак не се одвиваа според посакуваното или планираното. Одненадеж, среде војната во Сирија, некои христијански свештеници упатуваа пораки до Елисејската палата, обвинувајќи ја дека нејзината политика има ставено крај на присуството на црквите во Алепо. Наскоро, руските воени сили ќе се истоварат во одбрана на диктаторот на Сирија, борејќи се против убијците од ИСИС но и курдските сојузници на Западот. Во период од една година, членката на НАТО од Босфорот под водство на Ердоган ќе помине пат од соборување на руски авион до набавка на врвни одбранбени системи од Москва, и покрај гласните протести и закани од Западот. Суровиот третман на муслиманите Ујгури од страна на комунистичка Кина ќе ги алармира политичарите и медиумите од Лондон до Сан Диего и Мелбурн. Но на изненадување на Западот, огромен дел од амбасадорите на муслиманските земји во Обединетите нации гласаа или против или воздржано за резолуциите во кои се осудува Пекинг за концентрационите логори за превоспитување на Ујгурите.

Насловната страница на книгата на Семјуел Хантингтон „Судир на цивилизациите“
Насловната страница на книгата на Семјуел Хантингтон „Судир на цивилизациите“

Повеќе од авторот: Слава Україні!

На сцената наскоро ќе стапи и Доналд Трамп, месија на евангелизмот, златното момче на западната крајна десница, партнер од доверба или контрола на Путин и полицаецот кој ќе го забрани влезот на муслимани во САД „сѐ додека не разбереме што се случува по ѓаволите”. Но по некоја чудна, невидлива глобална вибрација, никој на Западот не се почувствува навреден, повреден, разочаран или изненаден што првата негова посета надвор од Америка беше во срцето на исламот -  Саудиска Арабија. Каде, во бизарен и дистопичен момент на историјата, неговите раце и рацете на Кралот на Саудите Салман и египетскиот генерал Сиси ќе го поклопат неонски осветлениот глобус. Пораката беше јасна. Ниту Трамп, ниту Бенон, Ле Пен, Путин, Земур и останатите „нео-крстоносци” немаат проблем со муслиманите. Поточно, со богатите муслимани. Со кои се споделува новoто Евангелие на Просперитетот. А што се однесува до сиромашните, за нив истото што важи и за сиромашните католици, протестанти, будисти и растафаријанци.  

Дека цивилизациските визии на Хантингтон станаа outdated пред да се преточат во норма стана јасно при крвавиот судир помеѓу Азербејџан и Ерменија, во која Русија со нечинење се стави на страна на Азербејџан, оставајќи ја Франција осамена во дипломатските, политички и медиумски – но не и воени – сојузништва со Ерменците. Осамениот Макрон ќе најде утеха – и формула за сузбивање на ривалката Ле Пен -  во јакнење на контролата врз исламските здруженија во Франција. За што од Ердоган и Имран Кан прописно ќе биде обвинет за „предводник на исламофобијата” во Европа. За чудо, таквата глаголивост на Ердоган е традиционално и индикативно отсутна од неговите блиски дружби, партнерства и сојузништва со ликови како Виктор Орбан, Александар Вучиќ (познати по нивните антимуслимански ставови) и генерално со анти-имигрантските политичари од источна Европа. 

Повеќе од авторот: Русија бара почит, Путин преферира стравопочит

Војната во Украина е последната фуснота на историскиот демант на Хантингтоновата визија за светот обвиен во жарот на војните помеѓу цивилизациите. Кориците на таа книга денес служат како листови во огин во рацете на чеченските и сиријските платеници поканети од Владимир Путин - благословениот од Руската Православна Црква - додека ги палат цигарите или куќите на украинските православни, католички родољуби. Кој тоа би го претпоставил една година претходно кога самата помисла дека „белиот Европеец Путин” ќе покани Чеченци и Сиријци да се борат против бели Украинци би предизвикала ерупција на обвинувања за бласфемија од страна на комплетната западна десничарска армада на употребливи идиоти. Никој не би претпоставил. Освен историчарите.

Киев: Породување во подрум

Претседателот на САД, Бајден веќе објави дека по крајот на војната во Украина ќе следи нов светски поредок на чие чело мора да биде Америка. Да доживееме за да сведочиме. А сепак, какви и да се проекциите за тој „нов од понов доблесен нов светски поредок”, упатно е да се има на ум една друга, честопати докажана политичка мудрост. Дека секоја политика, колку и да е глобална, е сепак локална. Војната во Украина, како продолжение на политиката со други средства, ја потврдува таа вистина. Војна во која мотивот за одбрана од агресијата не е во име на религијата и црквата, за слобода на печатот и демократијата, за правата на ЛГБТ и еднополовите бракови. Колку и да звучи банално, толку немодерно и примитивно, борбата на Украинците е за правото на егзистенцијата на нацијата како посебност, како врвна мотивирачка сила која не се мери со ниту една фондациска идеологија, маркетинг модернизам или идеолошка тинктенковштина. Од париската комуна наваму, од таквите борби се имаат раѓано и опстојувано движењата за ослободување, за еманципација, за либерализам и на крај автентична, самогенерирана, одржлива демократија со сите последователни слободи стекнати во крв. Русија, џанам, нема да може да ја победи таа национална решителност на Украинците. За нивно добро, за сеопшто добро, упатно е на денот на толку посакуваната победа во Киев, западните добронамерни да не ја упропастат забавата со некоја нова едиција на бирократски „стандарди пред статус” будалаштини напишани под неонски светла и илјадници милји далеку од реалноста. Она што ќе и биде потребно на Украина, подеднакво како и нам на Балканите, е 70 години цивилизациски мир за и ние да го имаме она што Западот го ужива. Луксузот на заборавените сеќавања и чувства за војна во земјата и смрт по улиците.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Министерство за правда на Република Северна Македонија

За што служат законите?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница