„Кинескиот вирус“ и американската „вистина“ | Свет | DW | 04.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

Америка има три големи тактички причини да стигне до „вистината“ околу коронавирусот, нешто што е дел од нејзината поголема стратегија на конфронтација со новиот глобален ривал Кина. Пишува Ивор Мицковски

Деведесет дена за откривање на „вистината“. Три месеци за да се открие од каде се појави коронавирусот навистина. Вирус кој во година и пол предизвика 170 милиони заразени низ светот и уби 3,5 милиони луѓе. Минатата среда американскиот претседател Џо Бајден ги задолжи американските тајни служби да трагаат по коренот на пандемијата на коронавирусот. Американските 007 ќе мора да ги зајакнат своите напори за собирање и анализа на информациите во врска со можна несреќа во лабораторија во Кина и да му поднесат извештај на Бајден.

Барањето на Бајден доаѓа по објавувањето на отворено писмо во магазинот „Science", потпишано од 18 научници и пред самиот почеток на овонеделното Годишно собрание на Светската здравствена организација. Научниците побараа нова „објективна и непристрасна“ истрага, ламентирајќи огромни недостатоци во извештајот од 313 страници, објавен во март од тим меѓународни експерти на СЗО, каде беше оценето дека е „екстремно неверојатно“ вирусот да „избегал“ од лабораторија по грешка. Експертите заклучија дека е „веројатно до многу веројатно“ вирусот САРС-КоВ-2 од лилјак преку „животно домаќин“ да се пренесол врз човекот.

САД и нејзините сојузници веднаш ја доведоа под знак прашање транспаретноста и објективноста на овој извештај, инаку составен и од многу кинески експерти, поради фактот дека при посетата на Вухан на експертите не им бил дозволен пристап до податоци, до суров материјал, туку само до примероци собрани од кинеските колеги. Оттука се верува дека посетата на Вухан била строго диригирана без можности за продлабочување на истрагата. Од тие причини се појавија сомнежи во извештајот, а шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, инаку честопати обвинуван дека подлегнува на притисоците од Пекинг, побара и натаму да се истражува хипотезата за лабораториска несреќа во Вухан.

Неколку часа пред апелот во „Science", на интернет се појавија серија на протечени документи за необјавени експерименти од лабораторијата во Вухан. Еден особено паѓа во очи, експеримент направен во 2014-та година, чија цел била да се „зајакнат“ одредени коронавируси со цел да се истражи: „вкрстената реакција помеѓу коронавирусите кај лилјаците и човечките коронавируси“.

-претходни коумни од авторот:Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа

Од документите се открива дека во Институтот за вирологија во Вухан се правеле многу повеќе експерименти со вируси од тоа што било соопштено и дека лабораторијата поседувала многу повеќе геноми од тоа што споделила со научната јавност. Тоа што загрижува е дека коронавирусите врз кои се правеле експерименти биле земени од лилјаци од еден рудник во Јунан, Кина. Токму на таа локација е мапиран коронавирусот кој е најблизок до Ковидот и од кој во 2012-та година се разболеа неколку луѓе. Официјално, тој вирус не е поврзан со вирусот кој ја предизвика пандемијата.

Дополнителна дубиоза и недоверба буди фактот што научната јавност бара од Кина да ги сподели сите генетички секвенци собрани од дотичниот рудник. Институтот од Вухан порано имаше отворена база на податоци, меѓудругото и меѓународно финансирана. Но, тие податоци не се достапни веќе три години, а официјалната причина за тоа е наводен информатички напад.

Неколку дена по апелот во „Science", Институтот од Вухан дозволи отворен пристап за 8 непознати геноми на коронавирус кои посочуваат на меѓусебни врски помеѓу вирусот на САРС од 2003 година и актуелниот САРС-КоВ-2. Сепак, податоците се недоволни за да се донесат заклучоци околу еволутивниот процес на коронавирусот.

-претходни коумни од авторот:Израел и Хамас си се потребни еден на друг

Тоа што дополнително ги зајакна сомнежите во Америка е неодамна објавениот текст во „Вол Стрит Џурнал" кој откри дека тројца научници од Институтот за вирологија во Вухан побарале болничка нега во ноември 2019, еден месец пред Кина да го пријави првиот случај на Ковид-19. Повикувајќи се на разузнавачки извори, американскиот весник тврди дека претходно необјавен извештај, кој содржи нови информации за бројот на заразените научници, периодот кога се разболеле, и нивното болничко лекување - треба да послужи како основа за нова истрага за тоа дали вирусот Ковид-19 можеби излегол од лабораторија.

Сомнежите околу Институтот од Вухан се стари колку и приказната на коронавирусот. Меѓу заразените научници беше и вирологот Ши Женгли од Вухан, наречена „Жената лилјак“, затоа што најмногу работела на коронавирусот од лилјаци. Кога на 30 декември 2019 година од болниците на Вухан ќе стигнат првите пријави за некаква мистериозна пневмонија слична на САРС, првата мисла на Ши ќе биде дека новиот патоген можеби е излезен од лабораторија. Таа самата, дали од наива или од непромисленост, ќе изјави дека „не спиела со денови“ додека лично не го испитала геномот на САРС-КоВ-2 и не утврдила дека не се совпаѓа со ниеден од складираните вируси во лабораторијата во Вухан. Неколку месеци подоцна упорно ќе повторува дека не станало збор за вирус избеган од лабораторија и дека епидемијата не почнала така.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан ги окарактеризира новинарските извештаи дека тројца научници од лабораторијата се разболеле како „целосно неточни“, а истото го потврди и шефот на Институтот во Вухан.

Сепак, Бајден инсистира на продлабочување на истрагата поради фактот што е откриено дека во рацете на тајните служби постојат серија на податоци и информации кои се уште не биле анализирани и седат класифицирани како „top secret“. 18-те американски разузнавачки агенции не ги потрошиле и разгледале сите материјали кои ги поседуваат и кои речиси сите им биле предадени од пријателски тајни служби. Проблемот на Американците е што повеќе немаат никаква разузнавачка и шпионска мрежа во Кина. Во само две години, помеѓу 2010 и 2012 година, Кинезите целосно ја растурија американската шпионска мрежа на свое тло, убивајќи или затворајќи преку 20 извори. Тоа значи дека доказите во рацете на Американците, вклучувајќи ја и информацијата од „Вол Стрит Џурнал", се информации од втора рака. Прашање е колку се веродостојни, дали доаѓаат од сојузници од доверба или пак од некои со посебни интереси. Тоа што е сигурно е дека од 18-те разузнавачки агенции, само една е убедена дека вирусот „случајно“ излегол од лабораторијата во Вухан. Други две се убедени во спротивното, додека останатите 15, меѓу кои ЦИА и Одбранбената разузнавачка агенција – ДИА, се уште не завзеле јасна позиција.

-претходни коумни од авторот:Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

Оттука се наметнува прашањето која или кои се вистинските причини за новиот американски интерес, особено што Бајден претходно беше многу ладен на оваа тема, да се открие „вистината“ за потеклото на вирусот.

Оригиналната истрага околу „кинескиот вирус“ започна пред една година од администрацијата на Трамп, која обвинуваше дека во Вухан се одвивале сомнителни воени активности и дека кинеските истражувања биле загрижувачки и субстандардни. Таквата хипотеза беше промовирана од страна на Трамп со цел да го отргне вниманието од катастрофалното справување со пандемијата. Доказите никогаш не се материјализираа и неговите инсинуации долго време беа третирани како теории на заговор.

Сега, ревизија бара човекот кој се противеше на инструментализацијата на Трамп и држеше до научниот пристап. Тоа значи дека Бајден е под голем притисок од американските апарати да се бави со прашањето.

China | Wuhan Institute of Virology

Институтот за вирологија во Вухан

Суштински, Америка има три големи тактички причини да стигне до „вистината“ околу коронавирусот, нешто што е дел од нејзината поголема стратегија на конфронтација со новиот глобален ривал Кина.

Првата причина произлегува од американскиот избор за време на пандемијата, првично да се бават со самите себе, да се спасат сами себе, преку еден вид на вакцински „America First“. За разлика од Кина и Русија, САД одлучија прво да стигнат до колективен имунитет кај сопствената популација, па дури потоа да се погрижат за остатокот од светот. Така испаднаа себични егоисти. Доколку Американците би успеале да докажат дека Кинезите намерно или ненамерно го создале и ослободиле вирусот, тогаш би се сменила целата перспектива околу себичноста на најголемата светска сила. Судирот САД-Кина се води и околу моралната и пропагандистичка димензија и проекција на сопствениот имиџ.

Втората причина е тесно поврзана и е последица на првата. Секоја голема империја, а особено најглобалната како Америка има потреба од некаква „мисија“ со цел да се наметне себеси. Мора да има капацитет да ги собере околу себе симпатиите на потенцијалните сателити, клиенти и провинции. Не постои и никогаш не постоела империја која се наметнува единствено преку употреба на сила. Кај тие што се дел од системот, кај потчинетите, мора да постои чувство на припадност кон еден контекст кој е подобар, кон кој е подобро да се припаѓа и во него да се живее и учествува, отколку да се биде надвор од него. „Мисијата“ на САД се состои и од потрага по „вистината“, или барем во преправањето дека се трага по некаква вистина. САД мора да се докаже како искрена суперсила, заинтересирана за благосостојбата на другите, заинтересирана за „вистината“. Дополнително, целта на Америка е на тој начин да ја спречи Кина во својот напор да создаде сопствена „мисија“, да создаде сопствена пропагандистичка и наративна проекција, која би ја лансирала и стабилизирала во меѓународниот контекст. На Кина таа димензија целосно и недостасува. Пекинг се уште нема развиено стратешка длабочина и пенетрација која би ги привлекла или потчинила под Пекинг азијатските држави. Тоа на САД не им е доволно и тие превентивно дејствуваат со цел Кина воопшто да не развие таква наративна димензија на темата околу справување со коронавирусот.

-претходни коумни од авторот:(Не)веројатноста од воен удар во Франција

И третиот аспект се состои во најконкретниот од предизвиците, а тоа е обидот на САД да ја растурат кинеската претензија за светска технолошка доминација. Во последните години Кина се наметна како лидер во софистицираната техника и технологија, загрозувајќи ја Америка токму на полето на вештачката интелигенција, комуникациите и полуспроводниците. Целта на САД е да покажат и да докажат дека не може да зборуваме за Кина како технолошка авангарда кога не биле во состојба да исконтролираат еден вирус создаден во лабораторија, така создавајќи глобална пандемија која предизвика милиони жртви.

Доаѓањето до нови докази и заклучоци ќе биде исклучително тешко, особено до крајот на август. Ризикот е дека оваа политички мотивирана потрага по изворот на коронавирусот, само ќе го искомплицира доаѓањето до вистината од каде потекнува вирусот. Заедницата на научници и понатаму верува дека појавата е врзана за пандемиите од минатото, односно, дека вирусот во природа се пренел од животно на човек.

Кина нема да помогне и да соработува во оваа операција, додека СЗО е мултилатерална организација која може да биде блокирана од ветото на Кина или САД. Најверојатно нема никогаш да стигнеме до вистината. Освен ако Кина не одлучи да ни ја соопшти, како што направи Горбачов со својата „гласност“ околу Чернобил.