Кина станува фактор на Балканот | Економија | DW | 16.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Кина станува фактор на Балканот

Кина го откри Балканот - и тоа не од вчера. Со своите инвестиции, Пекинг во регионот станува значаен фактор. Нема причина за возбуда, смета Михаел Мартенс од ФАЦ, но ЕУ треба повеќе да се заинтересира.

Балканот не е на добар глас во останатиот дел на Европа- најчестите асоцијации на него се конфликти, корупција, сиромаштија и разни други проблеми. Честопати се работи за клишеа, кои не ја опишуваат реалноста во Југоисточна Европа. Но, не секоја негативна слика за Балканот е лоша карикатура. Тоа што во многу земји во регионот независноста на медиумите е проблематична - независно од тоа која влада е на власт и го манипулира јавното мислење - не е никакво клише, туку секојдневие.
Факт е исто така дека се работи за мали држави кои се економски слаби. Малото политичко и економско значење како и нивната позиција меѓу Русија, Турција и богатата северна Европа го прави регионот погоден за манипулации. Многу е досега напишано за мешањето на Русија или за враќањето на Турција на Балканот.

Една нова студија сега фрла уште еден поинаков поглед врз една земја на која досега не се обрнуваше толку внимание: иако тоа не го прави тајно, тивката Кина стана важен инвеститор во Југоисточна Европа. Германскиот економист Јенс Бастијан кој живее во Атина долго го истражуваше економскиот ангажман на кинеските фирми на Балканот во проект на Европската банка за обнова и развој. Заклучоците од неговата студија би требало со внимание да се проучат во Брисел. Иако  Бастијан предупредува од непотребна паника, тој исто така јасно го акцентира растечкото економско влијание на Кина во регионот - и отвора дилеми за политичката димензија на тоа влијание.

Позитивни примери

Во прв ред, тој предупредува дека преку задолжувањето кај кинеските банки, балканските држави би можеле да станат политички зависни од Кина. Кина со години инвестира во сообраќајната инфраструктура, пред сѐ во пристаништа, патишта и железници во регионот. Најпознатиот пример за тоа е пристаништето Пиреа (насловна фотографија) во Атина. Тоа доживува вистински бум откако во 2009 година беше преземено со договор за концесија на 35 години од страна на кинеската компанија „Коско Пасифик“. Резултатите се драматични: пред осум години Пиреа беше меѓу 20 најголеми пристаништа во Европа, денес е меѓу првите 10, а планот е да се најде меѓу водечките во светот со отворањето на уште терминал следната година.
За Грција тоа значеше отворање на многу нови работни места. Речиси и да нема поуспешна инвестиција во Грција во последните 10 години.

И малку подалеку на север, пред сѐ во Србија, Кинезите се многу активни. Со кинески пари се гради брза железница меѓу Белград и Будимпешта. Тоа го овозможи кредиот од кинеските банки. Притоа, тие секогаш инсистираат парите за големите проекти да ги даваат само доколку истиот го води кинеска фирма и на него работат кинески работници.

Serbien Aleksandar Vucic Autobahnbau E-763 (picture-alliance/Photoshot/N. Cabric)

Српскиот претседател Александар Вучиќ во надзор на кинески проект во Обреновац

Кинески кредити- кинески работници

Пример за тоа е и мостот над Дунав кој беше изграден во 2014 година. Неговата изградба чинеше 260 милиони евра. Србија ги позајми парите од кинеска банка, кинеска фирма раководеше со проектот, а работеа кинески работници. Тоа му овозможи големо инфраструктурно олеснување на Белград, но економски профитираше Кина. Во студијата на Европската банка за обнова и развој се повикуваат синдикатите, здруженијата на работодавци и регулаторните тела во земјите од регионот, подобро да ги следат кинеските инвестиции. Среднорочната економска перспектива на балканските земји е загрозена од зависноста од кинеските државни инвестиции, се наведува во неа.
Дали на регионот му се заканува да стане кинеска колонија пред портите на ЕУ? Не, тоа е претерано. Во студијата со право се предупредува од претеран алармизам. Притоа, ЕУ и соседните држави остануваат  убедливо најважните партнери на Балканот. Кинеските инвестиции и кредити се добредојдени и многу потребни, а честопати и разумни развојни компоненти. Пример на Пиреа го докажува тоа. Но, продорот на Кинезите на Балканот исто така покажува: кога ЕУ не се интересира за регионот, тоа го прават други. Притоа, нема регион во светот во кој ЕУ се сфаќа толку сериозно како на просторот меѓу Сараево, Тирана, Белград и Скопје. Доколку таа некаде има политичко влијание и може да ги придвижи нештата, тогаш тоа е Балканот. Но само треба да го сака тоа.

 

DW.COM

Реклама