Кина како фактор на несигурност во светот | Свет | DW | 16.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина како фактор на несигурност во светот

Бастијан Гигерих од Меѓународниот институт за стратешки студии опасностите за безбедноста ги гледа првенствено во Азија. За НАТО, по изборот на Доналд Трамп за американски претседател, тој не гледа толкави тешкотии.

ДВ: Господине Гигерих, по читањето на последниот годишен извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии, многумина веројатно ќе стекнат впечаток дека светот во последната година стана понесигурен. Дали е така?

Гигерих: Безбедноста, разбирливо, секогаш е многу релативно чувство. Сепак, она на што можеме да се повикаме е следното: издатоците за одбрана во светски рамки се намалени, додека во Азија се многу зголемени во последните пет години. Тоа е прилично загрижувачки од аспект на територијалните спорови и другите безбедносни ризици. Она што исто така претставува опасен развој е ширењето на високи воени технологии. Во овој случај предничи Кина, која направи големи чекори и покажа подготвеност за извоз на овие технологии. Поради тоа, во меѓувреме голем број земји во свои раце имаат способности кои досега беа привилегија на западните држави. 

Дали факторот Доналд Трамп ја менува ситуацијата?

Прерано е да се зборува за тоа. Но, стравувањата од преодната фаза не се потврдија. Трамп реагираше релативно промислено на ракетниот тест во Северна Кореја. Неговата политика беше формулирана на начин на кој би постапил и неговиот претходник, Барак Обама: тој ги истакна сојузничките односи со Јапонија и Јужна Кореја и се заложи за водење постапка во рамките на ОН. Многумина беа изненадени, но тоа значи елемент на континуитет.

Großbritannien Bastian Giegerich International Institute for Strategic Studies (James Clements)

Д-р Бастијан Гигерих

Трамп го стави НАТО под прашалник, без оглед што подоцна ја релативираше изјавата. Сепак, на пример кај Балтичките држави, постои страв дека ќе бидат жртвувани од НАТО во случај на конфликт со Русија, дека колективната одбрана нема да функционира. Какво е Вашето мислење?

Во таборот на Трамп се забележува одредена разнишаност, делумно повлекување на првичните формулации. Заканата за Балтичките држави е многу реална. Односите во регионот, од воен аспект, покажуваат дека Русија, ако сака, би можела регионално и на одредено време да воспостави конвенционална превласт. Но, тоа не значи ставање под прашалник на способноста за застрашување од страна на НАТО. Ваквата способност секогаш е комбинација од различни способности, од желбата да се примени способноста и од комуникацијата, потврда за постоење на желба и на способност. Мислам дека стравот кај Балтичките држави се темели на прашањето за постоење политичко единство. Но, во последно време бевме сведоци дека Алијансата е во состојба да реагира на решителен начин. Покажувањето „мускули“,  присуството во првите редови во последните недели е илустративен пример, што патем, беше направено со учество на САД, вклучувајќи го и финансирањето. 

Во случај на стратешка соработка на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, можат ли тие брзо да ја окончаат сириската војна, независно од прашањето дали тоа би било вистинско решение за регионот?

Ако се прашуваме какви 'дилови' би можеле тие да склучат, тогаш примат има коалиција против т.н. Исламска држава, на што би се надоградиле веројатно и други елементи. Но, на тој пат се испречени прилично големи пречки. Од американско гледиште, на пример, „деловните врски“ на Москва со Иран и Хезболах е варијабла која не смее да се потцени. Трамп и Путин, генерално, имаат спротиставени ставови и во поглед на Иран. Оттаму, не верувам дека овој 'дил' ќе биде во скоро време.

Дали Исламска држава засилено оди во дефанзива или нејзиниот зенит допрва претстои? 

Од воен аспект, Исламска држава во моментов е потисната. Но, според мене, тоа значи дека ИД почнува да се променува и акцентот уште подиректно го става врз меѓународни терористички напади. За Европа тоа може да заврши со зголемена закана.

Како ќе се развива Кина доколку САД се повлечат од позицијата на „светски полицаец“?

Во последните години, Кина засилено инвестираше во вооружување. Воениот буџет забележа рапиден раст. Сведоци сме дека Кина почна овие свои способности да ги поврзува и со надворешната политика, која стана поагресивна отколку порано. Затоа, во регионот на Азија и Пацификот гледаме извесен фактор на несигурност, поврзана и со прашалникот околу идната позиционираност на Американците - дали ќе имаат помалку активна улога, што на Кина би ѝ овозможило да го пополни вакуумот.

Безбедносниот експерт д-р Бастијан Гигерих учествуваше во составувањето на годишниот извештај „Military Balance and Strategic Survey" на Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.

 

 

DW.COM

Реклама