Како зборот компромис стана чудовишен | Северна Македонија | DW | 18.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Како зборот компромис стана чудовишен

Нѐ очекува тежок период да научиме како да бидеме подеднакво среќни, или несреќни, по сопствен избор, за заеднички прифатливи решенија во односите дома и со соседите. Пишува Ерол Ризаов

Зборот компромис во Македонија го изгуби своето значење, стана чудовишен, омрaзен израз за измама, за предавство, за распродажба на националните и идентитетски посебности, за недозволиви отстапки против државните интереси. Се преобличи сосема спротивно од неговото основно значење, како еден од неопходните елементи на демократијата, на комуникациската култура, на политиката на толеранција и договарање во парламентарен повеќепартиски систем.

Секој обид за компромис и во земјата и на меѓународен план, особено во односите со соседите, се доживува како пораз, прифаќање на уцени и ултиматуми на штета на македонскиот народ. Корените на бескомпромисна борба датираат уште од крајот на 19 и почетокот на 20 век, од првите идеи и стремежи за автономна држава, за да продолжат за време на Втората светска војна против фашистичката окупација, што со победата и ослободувањето на Македонија доведе до основање на првата држава која стапи во федерален сојуз со југословенските републики.

Во еднопартискиот политички систем, во ригидниот период на комунизмот, бескомпромисните политичари станаа синоним на тврдокорни борци против промени и било какви надворешни влијанија. Бескомпромисноста беше виза за напредок во тогашната хиерархија и во политиката и во управување со препријатијата и компаниите. Крвавиот распад на Југославија резултираше со неприфаќање  и на најмал заеднички договор меѓу републиките како единствено можно решение за опстанок на државата, одбивајќи и експресно членство во ЕУ и во НАТО, дури и во форма на асиметрична федерација, или конфедерација. Цената која ја платија југословенските народи  беше најголема трагедија  по Втората светска војна што се случи на европско тло  на крајот на 20 век, стравични разорувања, илјадници жртви, сиромаштија и нова напластена вековна  меѓусебна омраза.

Најбавни промени во свеста на луѓето

Македонија ја избегна војната од распадот на Југославија, но компромисот остана несовладлива доктрина. Со прогласување на независноста и со воспоставување на парламентарната демократија промените најбавно се одвиваа во свеста и на тие што ја водеа државата и кај граѓаните дека компромисот за заеднички прифатливи решенија и меѓусебната толеранција, со препознавање на вистинските државни интереси, се темелот на новиот општествено економски и политички поредок, кој заедно со примена на владеење на правото се главниот предуслов за изградба на стабилна, функционална и самоодржлива држава.

-претходни колумни од авторот: ЕУ и С. Македонија: Уште една крастава жаба

Најтешкиот удар компромисната политика го доживеа на патот на признавање на независноста и во односите со соседите како клучен предуслов за остварување на евроатланските интеграции  со членство во НАТО и во ЕУ. Наместо таквата политика да предизвика сепартиски и сенароден консензус и единство, стана најзначајниот фактор во партиските и политичките меѓусебни пресметки што доведе до делби и драматична партизација и по национална и по меѓуетничка основа.  

Во една прилика германската канцеларка Ангела Меркел, кога најави нејзино поактивно ангажирање за надминување на деценискиот спор меѓу Грција и Македонија, даде суштинска дефиниција на тоа што е компромис во политиката. Тоа е, рече Меркел,  постигнување единствено можно решение, со одржлив  договор на подолг рок, од кој двете страни ќе бидат подеднакво несреќни, или среќни, во зависност од тоа  како  ќе функционира во практиката. Со други зборови, ако договорот не ги задоволува  поеднакво двете страни и не ги испорачува утврдените обврски и цели, тој со тек на време ќе стане неодржлив и неспроведлив.

-претходни колумни од авторот: Додека го носиме светот во џебот

Во изминатите четири години откако е потпишан Преспанскиот договор, 17 јуни 2017 година, иако изминатото време е многу кратко за некои конечни оценки во оваа фаза на негово спроведување  тој е одржлив и веќе не е предмет на остри меѓусебни судири, ниту пак е тема на дебати. Проблемот е во третата страна. Тоа е ЕУ која беше гарант на Договорот како предуслов за отпочнување на преговорите за редовно членство на Македонија.

Компромисот е погребан во Македонија

Досега единствено Брисел не ја исполни својата обврска што сериозно го доведува во прашање опстанокот на потпишаниот договор со Грција, кој го прифатија и ратификуваа двете страни постигнувајќи го компромисот во кој беа главни ветувањата за безусловен  почеток на преговорите со ЕУ. Тоа драматично ја зголеми недовербата кон Европската Унија на чии темели како најголемо достигнување се смета компромисот меѓу основачите на Европската заедница.

Неочекувано, барем не со таков тврд став, се јави и Бугарија со ултимативни барања, иако е склучен Договор и со овој сосед кој е ратификуван во парламентите на двете земји. Преговарачката рамка како ултимативна одлука на бугарското собрание отстапи од склучениот договор и ги внесе билатералните прашања надвор од европските закономерности, вклучувајќи и универзални права на самоопределување и деликатни прашања од историското минато. Тоа повторно во Македонија предизвика бура од недоверба и кон домашната и кон европската политика на меѓусебна толеранција и почитување на сопствените основачки акти. Ветото и компромисот станаа еднакво значни со нова неизвесност за стабилноста на целиот регион на таканаречен Западен Балкан.

-претходни колумни од авторот: Лошо алиби на кукавиците

За голема жал и на домашната политичка сцена по сите значајни прашања, носење на закони и одлуки, заедничките договори се  речиси невозможни и се  повод за меѓусебни партиски пресметки. Без оглед за што станува збор дали за справување со пандемијата, за образованието, за дивоградбите и за легалните градби, за заштита на човековата околина, за независноста и слободата на медиумите, за судски пресуди, за борба против тешката корупција и организиран криминал, за спорт или култура, невозможно е да се прифати заеднички став што може, а што не може да се толерира. Дури и кога нешто се прифаќа, тоа е за кратко време, колку во блиска иднина да се докаже дека компромисот е погребан во Македонија. Нѐ очекува тежок период да научиме како да бидеме подеднакво среќни или несреќни, по сопствен избор, за заеднички прифатливи решенија  во односите дома и со соседите