Како блогерот Навални стана најпознат противник на Путин | Свет | DW | 24.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како блогерот Навални стана најпознат противник на Путин

Алексеј Навални, опозицискиот политичар кој најверојатно е отруен, важи за најпознатиот противник на Путин во Русија. Неговата борба против Кремљ ја води со видеа и се обидува да изгради позиција во провинцијата.

Неговите соработници се убедени дека тој е отруен. Германските власти пак сметаат дека  е „многу веројатно“ оти рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во кома во болница во Берлин, е жртва на труење. 

„Ова е пациент кој многу веројатно бил жртва на напад со отров. Сомнежот не се однесува на фактот дека Навални самиот се отрул, туку дека некој го отрул Навални, а германската влада го сфаќа ова сомнение многу сериозно", изјави денеска портпаролот на германската влада Штефен Зајберт во образложението на.причините за поставување полициско обезбедување во болницата каде е сместен Навални.

Главниот противник на Кремљ Алексеј Навални беше хоспитализиран во Омск во четвртокот, откако му се слошило и паднал во кома, а во саботат беше пренесен во болница во Берлин.

Последните две фотографии кои во средата ги постираше Навални на неговиот Фејсбук профил, го покажуваат во Томск. На едната се гледа стамениот 44 маж во фармерки и сина кошула како се мести за селфи со своите поддржувачи, опкружен од дузина млади жени.

На другата позира меѓу двајца исто така млади кандидати на претстојните локални избори. Во некои региони на Русија во септември има избори и Навални се ангажираше во предизборната кампања.

На летот кон Москва, неколку часа подоцна му се слошува поради што авионот мора принудно да слета во Омск, каде тој во бесознание е пренесен во болница. Сомнежот за намерно труење во моментов се истражува.

Од блогер до опозициски лидер

Навални има извонредна кариера зад себе. Студирал право,  а првото политичко искуство го имал на почетокот од 2000-та кај опозициските леви либерали „Руската демократска партија" позната како Јаблоко. Неговото протерување од партијата во 2007 беше засенето со обвинувања, меѓу кои и тврдењето дека Навални е националист.

Повеќе:

-Навални пристигна во Берлин

-Лекарите тврдат дека не нашле отров кај Навални

-Навални имал „смртоносно средство“ во организмот, тврди неговиот тим

Во тоа време младиот политичар се ангажираше во десно-популистичкото движење „Руски марш" кое исто така ја подгреваше атмосферата против мигрантите. Подоцна Навални се дистанцираше од нив и се прослави како блогер и борец против корупцијата.

Пробивот на национално ниво Навални го доживува на парламентарните избори во 2011 и на претседателските во 2012, кога во Русија имаше протести против изборна измама и барање за оставка на Владимир Путин, кој во тоа време беше премиер.

Како најголем политички успех до сега се смета неговото учество на изборите за градоначалник на Москва во 2013 кога со 27% освоени гласови беше на втората позиција. Навални беше постојано апсен и осудуван за наводен стопански криминал. Опозицискиот политичар во ова гледа обид да биде политички елиминиран. Во 2018 беше исклучен од трката на претседателските избори бидејќи бил претходно осудуван.

Неговата сегашна партија „Русија на иднината" исто така неколкупати не беше регистрирана. Во изминатите десетина години тој израсна во највлијателниот опозициски политичар во Русија, и покрај тоа што некои го обвинуваат за авторитарен стил на лидерство.

Попушта мобилизацијата

Во последно време Навални не беше толку во фокусот. Улични протести како во летото 2019 кога десетици илјади демонстрираа против исклучувањето на опозициските кандидати од изборите за Московскиот градски совет, сега заради короната не се можни.

Навални затоа се откажа од мобилизација против во Русија спорните уставни реформи кои му овозможуваат на претседателот Путин уште еден мандат.  Сега се веќе реткост и бризантните откритија за корупција во највисоките кругови на руската политика, внимателно истражувани и документирани во видеа.

За извонреден се смета 50-минутниот документарен филм на Навални за луксузниот живот на тогашниот премиер Димитри Медведев од 2017 година, кој на јутјуб имаше повеќе од 35 милиони прегледи.

Можна причина за тоа што неговото име од почетокот на годината ретко привлекува внимание е тоа што неговиот најуспешен проект, Фондацијата за борба против корупцијата, беше затворена кон средината на јули годинава. Повод беше тужбата од московска фирма, која ги снабдува школите со храна, а на која Навални во едно видео и префрла корупција.

Според пресуда од 2019 Навални, неговата соработничка Љубов Собол и неговата фондација мораа да платат по 29 милиони рубљи (околу 330 илјади евра) заради грешни наводи.  Таква сума не можела да се игнорира, рече Навални и најави формирање на нова организација.

Истовремено тој мора да се појави и пред судот во Москва заради нов процес. Ветеран од војната кој во едно видео бара уставни измени, го тужел опозицискиот политичар за клеветење. Навални зборува за политички мотивиран процес.

„Паметно гласање"

Навални не е целосно повлечен од јавноста. Од претседателските избори во 2018 тој се движи по два коловоза. Од една страна ја продолжува својата емисија “Навални лајв” која на јутјуб има два милиони претплатници. Во неа Навални костумисан и со кравата го претставува своето гледиште за дневната политика, на пример протестите во Белорусија или во Чабаровск на далечниот исток на Русија.

Емисиите траат некогаш 15 минути, некогаш и по три часа. Навални, кој нема пристап до државните медиуми на таков начин си создаде своја јавност и допира до милиони гледачи, особено млади Руси. Притоа користи хумор и иронија, што очигледно наидува на добар прием.

Втората стратегија му е „паметно гласање” и се однесува на изборите. Со тоа се мисли на поддршка за кандидати кои може победата на владеачката “Обединета Русија” да го спречат или отежнат. Навални има мрежа на поддржувачи ширум земјата која ја користи за избори. Некои аналитичари сметаат дека претпоставеното труење може да е поврзано и со тоа.

 

Реклама