Каде е клучот за топење на блокадата на Скопје? | Северна Македонија | DW | 16.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Каде е клучот за топење на блокадата на Скопје?

Според извори на ДВ, во следниот период се очекува да бидат преземени многу засилени активности меѓу Скопје и Софија, со оглед на кусите рокови до декемврискиот Совет на ЕУ

Сѐ позагрижувачката состојбата во Западен Балкан, го сврти вниманието на ЕУ кон земјите од регионот, вклучително и кон блокадата на Северна Македонија на европскиот пат. Состојбата вчера била анализирана и на состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, на која министрите за надворешни работи на членките на ЕУ го разгледале „Документот за расправа за Западен Балкан“, подготвен од Eвропската служба за надворешни работи (EEAS).

Во документот, за кој шефовите на дипломатиите расправале без заклучоци, било предупредено дека политичката ситуација на Западен Балкан е „оптоваренa со сѐ поголеми предизвици“. Во него било наведено и дека ЕУ „покажала силен ангажман во однос на Западен Балкан“ на самитот во Брдо кај Крањ во Словенија, како и на други средби на високо ниво, со политичка, финансиска и техничка поддршка. Меѓутоа, „тие напори ги прекрила сенка на широко разочарување нa партнерите од Западен Балкан кога станува збор за процесот на проширување“ и дека „јавната поддршка на интеграцијата во ЕУ опаѓа, додека силно јакнат националистичките пораки“.

Според МИА, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјавил дека сакаат првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија да се одржи што е можно поскоро, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде за време на актуелното претседателство на  ЕУ до крајот на оваа година, и дека почетокот на преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ.

Ситуацијата во Западен Балкан – загрижувачка!

По состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел се огласи и бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев.

„Ситуацијата во регионот на Западен Балкан е загрижувачка. Во последните месеци видовме зголемени тензии во Босна и Херцеговина, меѓу Косово и Србија, а има  политичка нестабилност во Република Северна Македонија.  ЕУ мора да ги искористи сите расположливи инструменти за поддршка на домашниот политички дијалог во Босна и Херцеговина и нормалното функционирање на институциите“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Bulgarien Außenminister Svetlan Stoev

Светлан Стоев: Загрижувачка ситуација на Западен Балкан

Во него се нагласува дека посебен акцент бил ставен на дијалогот Белград-Приштина и на внатрешнополитичката ситуација во Република Северна Македонија.

„Европската интеграција е двонасочна улица која бара посветеност не само од ЕУ, туку и од земјите партнери. Тие мора да се придржуваат до европските вредности, вклучително и добрососедските односи и почитувањето на човековите права“, нагласил Стоев.

Неговиот став го изразил и на работната средба на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), која се одржа вчера во Брисел, во организација на ротирачкото грчко претседателство (2021-2022).

Бугарија останува убеден поддржувач на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, истакнал Стоев на оваа работна средба.

Динамизирање на работата на заедничката комисија

Пред таа работна средба, Стоев оствари билатерален разговор со неговиот македонски колега, Бујар Османи.

„Од бугарска страна беше потврдена принципиелната поддршка за процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Во исто време, беше нагласена потребата од постигнување убедливи резултати, кои ќе ја гарантираат ангажираноста на Скопје со основните европски вредности како што се добрососедските односи и човековите права, вклучително и обезбедувањето уставни гаранции за правата на Бугарите во Република Северна Македонија. Очекуваме реален напредок во таа насока, кој ќе ѝ дозволи на Бугарија да даде согласност за почеток на преговорите за присоединување на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

По средбата Османи на Фејсбук напиша дека со Стоев ја потврдиле важноста и посветеноста кон напредокот во процесот на европската интеграција, добрососедството во регионот, а размениле видувања и за последните политички случувања, по завршувањето на изборните циклуси и во двете земји.

„Истовремено, ја поздравивме подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата во наредниот период ќе изнајде начини за постигнување на конкретни резултати, кои се во интерес на двете страни. До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, нашите очекувања се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон ЕУ“, напиша Османи.

Клучот кај Радев?

Според диппломатски извори, ставовите за импликациите што може да ги предизвика  бугарската блокада  врз Северна Македонија, но и врз кредибилитетот на ЕУ, биле дискутирани и „јасно предочени“ уште на самитот во Брдо кај Крањ, особено на средбата Меркел-Макрон-Радев. Според овие извори, „клучниот ангажман се очекува по завршувањето на претседателските избори во  Бугарија“,  што укажува дека следните чекори се очекуваат од таа адреса.

Претседателот Радев, кој има неспорни шанси за нов претседателски мандат, пред два дена се наврати на средбата со Меркел и Макрон, одговарајќи на прашањето за писмото што францускиот претседател го испратил до амбасадорите на Франција, со датум за деблокада на патот европскиот пат на Скопје и Тирана.

„Клучот за почеток на преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ е во почитувањето на  правата на македонските Бугари,  во искоренувањето на говорот на омраза, во запирање на системската дебугаризација и во обидите за систематско уништување и фалсификување на илјадагодишно бугарско културно и историско наследство“, изјави Радев, одговарајќи за значењето на тоа писмо.

Во соопштението од неговиот Кабинет го пренесуваат ставот на Радев дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје, а не со лобирање пред европските метрополи, двете земји можат да градат искрени пријателски и добрососедски односи.

„Румен Радев потсети дека во октомври на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија одржал средба со претседателот Макрон и канцеларката Меркел, специјално организирана од нив. И пред нив и пред сите европски лидери, пред лидерите на европските институции и пред медиумите, тој многу јасно го искажа бугарскиот став. Почетокот на преговорите нема да зависи од следната нова влада и нов парламент во Бугарија, туку особено од самата Република Северна Македонија, која мора да преземе соодветни мерки“, се вели во соопштението од Кабинетот на Радев.

Според извори на ДВ, „без оглед што во моментов изгледа дека ништо не е променето, постои простор за исчекор, и во следниот период се очекува да бидат преземени многу засилени активности од двете земји“, со оглед на кусите рокови до декемврискиот Совет на ЕУ.