1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соседските рефлектори остануваат свртени кон Преспа

10 ноември 2021

Не станува збор за мешање по прашањето - кој ќе обезбеди мнозинство, туку дали ќе се почитуваат договорите кои го крепат интеграцискиот процес на земјата.

https://p.dw.com/p/42o4d
Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Холандскиот премиер Марк Руте денеска доаѓа во Скопје, во посета која не е иницирана, ниту поврзана со актуелната политичката криза, туку е дел од неговата регионална посета на Грција, Албанија и Северна Македонија. За време на посетата, Руте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, со претставници на граѓанскиот сектор, а ќе присуствува и на работна вечера што ќе ја приреди претседателот Стево Пендаровски. Се очекува тој со соговорниците да разговара за односите меѓу Холандија и Северна Македонија, за европската соработка и состојбите во регионот.

Првата посета на еден холандски премиер на Северна Македонија, се случува во ек на внатрешна политичка криза во земјата, само еден ден пред веќе закажаната седница за опозициската иницијатива за гласање доверба на Владата, и во денови на жестоки обвинувања меѓу опонените за притисоци врз пратеници во контекст на исходот од гласањето. Руте пристигнува и еден ден откако синоќа Централниот одбор на СДСМ, највисокото тело помеѓу два конгреса на партијата, соопшти дека „имајќи ги предвид, пред сѐ, случувањата во државата и моментот во кој се наоѓа Северна Македонија, во период кој е клучен за процесите што понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука премиерот да ја одложи оставката на неодредено време, додека тие процеси не се нормализираат, и да работи на тој план“.

Во фокусот на тие процеси секако е и очекувањето во декември да биде деблокирано бугарското вето, иако властите досега не посочија врз основа на што ги темелат таквите очекувања, особено во време кога Бугарија е пред двојни избори - парламентарни и претседателски.

Загриженост во Атина

Но, состојбите во Скопје по локалните избори и опозициската најава за постоење ново мнозинство, го вклучија алармот во Софија и Атина. Не станува збор за мешање по прашањето - кој во следниот период ќе обезбеди мнозинство, туку за анализа на пораките од опозицискиот блок за договорите кои го крепат интеграцискиот процес на земјата, а создадоа првична загриженост кај соседите. Нивното внимание иницијално го привлече потпишување на свечени советнички изјави, на кои наместо уставното стои поранешното име Република Македонија. На тоа се надоврзаа изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека за него Преспанскиот договор е реалност, но дека тој нема да ја употребува придавката Северна и дека „ќе продолжат да работат еден ден кога ќе имаат можност, кога ќе седнат заедно со нивните партнери на истата маса да ја исправат таа и сите грешки кои се резултат на таа реалност“.

Токму врз анализа на оваа изјава на Мицкоски, Том Елис во колумна во електронското издание на весникот „Катимерини“, пишува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зазема прилично нејасен став по тоа прашање.

„Забележано е дека Атина треба да биде претпазлива, бидејќи ситуацијата во Северна Македонија станува сè посложена по оставката на Зоран Заев од премиерската функција (...) Во изминатите неколку дена, Соединетите Американски Држави и Европската Унија зборуваа, а американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пјат, го стори тоа на многу експлицитен начин на неодамнешниот самит во Солун - за потребата да се одржи Договорот од Преспа“, се вели во текстот.

Griechenland Athen | Parlamentsgebäude
Официјална Атина не крие дека со внимание ги следи сите постизборни пораки од Скопје во однос на Преспанскиот договорФотографија: picture-alliance/dpa/A. Angelopoulou

Наведувајќи дека Грција е, и отсекогаш била категорична дека треба да се почитува меѓународното право, но и дека таа е најголем поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, тој укажува дека Атина, но и Брисел и Вашингтон, мора многу јасно да му објаснат на Скопје дека со непочитување на договорот брзо ќе ги влошат односите не само со Грција, туку и со ЕУ, вклучително и на економско ниво.

„Грција бара доследна употреба на името Северна Македонија во и надвор од земјата, како што е наведено во договорот, кој произлегува од меѓународното право, кое е над националниот устав. Тоа е прашање што ги надминува односите Атина-Скопје. Ако на Мицкоски му биде дозволено да го наруши договорот од Преспа, тоа ќе му наштети на кредибилитетот на САД и ЕУ на целиот Балкан, со сѐ што тоа може да повлече за нивното соодветно влијание и регионална стабилност“, се вели во анализата.

Против силите на изолација и дестабилизација

Официјална Атина не крие дека со внимание ги следи сите постизборни пораки од Скопје во однос на Преспанскиот договор. Пред шест дена, за време на заедничката седница на комисиите за европски и надворешни прашања во грчкиот парламент, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитијадис Варвициотис, ја испрати првата порака.

„Мора да го признаам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура“, рече Варвициотис.

Deutschland Berlin | Treffen EU-Außenminister | Nikos Dendias, Griechenland
Дендијас: Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што тие ги преземаат - остануваатФотографија: Imago Images/photothek/T. Imo

Пред четири дена на истото прашање се осврна и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, во интервју за весникот „Врадини“.

„Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што тие ги преземаат - остануваат. Нова Демократија не гласаше за Договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин предупреди во грчкиот парламент. Но, не криеше, како по изгласувањето на Договорот, така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе“, изјави Дендијас.

Сепак, тој изрази надеж дека ќе продолжи соработката во сите области „со која и да е влада која ќе произлезе од внатрешните процеси“.

„Ги повикуваме не само Северна Македонија, туку и целиот Западен Балкан да останат посветени на нивниот европски курс и да им свртат грб на силите на изолација и дестабилизација. Исто така, ја повикуваме и ЕУ да ја одржи динамиката на процесот на проширување, за да не им дозволи на земјите од регионот да се вратат на нивното 'балканско минато'“, порача Дендијас.

Во бугарската јавност, постапките и изјавите во македонската опозиција во однос на Преспанскиот договор ги третираат како иницијален лакмус во која насока би можеле да се движат процесите, со потсетување на досегашни опозициски изјави за Договорот за добрососедство, соработка и пријателство со Бугарија.