И покрај победата на Сандерс, кај Демократите ќе решаваат умерените | Свет | DW | 12.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

И покрај победата на Сандерс, кај Демократите ќе решаваат умерените

Либералниот Сандерс се позиционира како фаворит на Демократската партијата, но аналитичарите сметаат дека битката ќе ја одлучи пресметката меѓу умерените кандидати. Резултатите во Њу Хемпшир не се одлучувачки.

Берни Сандерс се закотви како знаменосец на левото крило во Демократската партија со резултатите од партиските состаноци во Ајова и Њу Хемпшир, но за умереното партиско крило кое се надеваше дека на изборите ќе исплива силен заеднички кандидат, сликата дополнително се замати.
Пит Бутиџиџ, поранешниот градоначалник на градчето Саут Бенд во Индијана, делуваше добро позициониран да биде водечки кандидат на умереното партиско крило по победата во Ајова, се додека сенаторката од Минесота Ејми Клобучар не предизвика поделба на гласовите на умерените во Њу Хемпшир.

Третиот можен кандидат на умерените демократи, поранешниот потпретседател Џо Бајден постигна лоши резултати и во Ајова и во Њу Хемпшир, но тој е единствениот од таа групација кој ужива голема поддршка кај латино и афро-американската заедница. Затоа Бајден најави дека ќе ги причека партиските состаноци во Невада и Јужна Каролина, држави со големи латино и афро-американски заедници, пред да одлучи што понатаму.

На тројцата умерени кандидати порано или подоцна ќе им се приклучи и поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг, кој не се појавува на почетните гласања, но гради огромна кампањска машинерија која ја финансира од сопствен џеб. Неговиот настап се очекува дури во март во големите држави како Калифорнија и Тексас.

Резултатите од првите гласања укажуваат дека битката за номинацијата кај демократите и потенцијалниот ривал на републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември, може да потрае уште со недели, ако не и месеци. Клучен притоа може да биде исходот на битката во умереното крило на демократите.

Умерените во предност пред левичарите

По првите две рунди внатрепартиски гласања, тројцата умерени кандидати Бутиџиџ, Клобучар и Бајден освоиле 53% од вкупниот број гласови, додека двајцата кандидати на левото, либерално, крило Сандерс и сенаторката Елизабет Ворен освоиле 35%. Тоа е можен сигнал дека гласачкото тело посакува центристички кандидат кој може да се наметне кај поширокиот електорат, вклучително и кај независните и републиканците.

„Сандерс е се уште многу далеку од водство во однос на бројот на делегатите“, вели Дејвид Хопкинс, експерт за претседателска политика на Бостон колеџот. Ајова и Њу Хемпшир обезбедуваат само 65 од вкупно 3,979 делегати за партиската конвенција на Демократската партија.

Притоа кај демократите владее загриженост дека отворено бескомпромисно либералниот Сандерс ќе ја загуби директната битка со Доналд Трамп.

„Постои една паника која полека се всадува кај етаблираните Демократи во однос на изборот на Сандерс“, вели Џоел Пејн, стратег на демократите кој работеше на кампањата на Хилари Клинтон во 2016.

USA | New Yorker Ex-Bürgermeister Michael Bloomberg

Очекуваното вклучување на Мајкл Блумберг во демократската кампања може да им ги помати сметките на актуелните кандидати.

Поддржувачите на Сандерс, како конгресменот Марк Покан од Висконсин, верува дека партијата ќе се обедини околу Сандерс доколку тој продолжи да победува и докаже дека неговата порака е приемчива за гласачите.

Следната фаза

Следува гласањето во две држави со разнолик електорат и резултатите можат да бидат далеку поинакви од оние во Ајова и Њу Хемпшир каде белците сочинуваат повеќе од 90% од населението.

Сандерс има голема шанса да победи во Невада поради нејзиното бројно латино население, додека Бајден се надева на пресврт во Јужна Каролина каде смета на поддршката на афро-американците. На националнот ниво, Бајден има најголема поддршка меѓу црното население меѓу сите демократски кандидати, иако таа е во опаѓање. На второ место е Блумберг, а на трето Сандерс. За разлика од нив, Бутиџиџ и Клобучар имаат многу мала поддршка кај црното население.

На крајот, изборите сепак најверојатно ќе ги решат парите. Бутиџиџ досега успеа да собере најмногу фондови за својата кампања, пред Клобучар и Бајден. Но ниту еден од нив нема да може да се натпреварува со Блумберг, кој веќе потроши 250 милиони долари за својата кампања.

Професорот Хопкинс вели дека појавата на Блумберг веќе ја вознемири кампањата на демократите и проценува дека тоа така може да остане се до партиската конвенција во јули.

„Годинава е нешто уникатно. Можно е ниту еден кандидат да не добие мнозинство гласови од делегатите“.

 

Реклама