Ишингер: Македонија да се вика - Македонија | Северна Македонија | DW | 15.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ишингер: Македонија да се вика - Македонија

Наместо еден па друг еврокомесар, ЕУ треба да испрати во Македонија личност со авторитет и налог - да го реши проблемот, вели шефот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер во интервју за Дојче веле.

Дојче веле: По две децении исполнети со надеж, во младите демократии во Источна и Југоисточна Европа во последно време постои сосем спротивна тенденција: засилен национализам, ограничувања за медиумите, авторитарни влади. Постои ли тука некоја шема?

Волфганг Ишингер: Мислам дека постојат релативно многу темни дамки, но и неколку светли точки. На пример, радува во глобала развојот во Србија во последните години. Тоа што српската политика под водството на Александар Вучиќ успеа да се дистанцира од класичната антиалбанска, антикосовска реторика и да пружи рака, е напредок ако се имаат предвид случувањата од последните 15 години. Но, имате право, целиот регион во целина, вклучувајќи го и Косово, Македонија, патем и ЕУ-членката Хрватска, даваат повод за голема загриженост. Мораме да констатираме дека политиката на проширување на ЕУ и на НАТО, соседската политика на ЕУ и.т.н. не ги дадоа резултатите кои ги очекувавме пред 15 или 20 години.

На што се должи тоа?

Далеку сме од постоење трајна стабилност во овие држави. Сѐ уште се присутни етнички проблеми со масивни економски прашања како невработеност, остатоци од војните. Тоа се должи првенствено на тамошните лоши лидери. Не треба секогаш проблемот да го бараме кај нас, ако се наоѓа на друго место. Причината е лошото и расцепкано раководство и неспособноста за компромиси, како на пример во Босна и Херцеговина. Но, тоа се должи и на тоа што Западот и ЕУ не му посветија доволно внимание на регионот на највисоко ниво. Во последните години сите очи беа свртени кон Украина. Така, се заборави дека Македонија на внатрешен и надворешен политички план постепено се лизга во катастрофа, зашто ние веќе 20 години не сме во состојба на земјата да и‘ дадаме име, да ја прифатиме. Тоа е трагедија.

Српскиот премиер го споменувате во позитивен контекст, иако на негова сметка има критики во однос на медиумите, на пример смената на раководството на јавниот сервис во Војводина. Тој не се придвижува во косовското прашање. Дали веруваме некому кој знае да свири на клавијатурата на западниот свет, но истовремено ги остава отворени опциите во сите правци?

Да бидам јасен: не спаѓам во оние кои веруваат дека со Вучиќ ќе бидат исполнети сите желби кои ги имаме во однос на Србија. Но, тоа е напредок во однос на она што беше претходно, можеби мал, но сепак напредок. Јас поаѓам и од неговата основна определба, дека патот на Србија води кон Европа.

Дали денешна Србија е столб на нашата безбедносна архитектура во рамките на Југоисточна Европа?

Верувам дека е така. Србија е важна држава во регионот кој, во вистински смисол на зборот, сѐ уште не ни припаѓа. Во однос на Хрватска можеме да кажеме дека многу нешта се одиваат погрешно, а сега е членка на Унијата. За истото одамна сме свесни и во поглед на Бугарија и Романија. Затоа, заклучокот за прием и на една толку мала земја како Црна Гора во НАТО го сметам за сосем правилен и логичен. Но, тоа има симбиличко значење, не му користи многу ни на НАТО, а дали ќе им користи на Црногорците, ќе видиме. Многу поважно е што на овие земји во регионот, на сите, од Босна и Херцеговина, преку Хрватска, Македонија до Србија, мораме да им кажеме, многу појасно отколку што тоа го правевме во последните години: напредокот што го посакувате нема да се манифестира ако не успеете да се здружите меѓусебно.

А во однос на европската политика, многу е важно незапоставувањето на земјите, на пример Косово. Исто како што Македонија не смеевме да ја оставиме настрана. Би сакал ЕУ да назначи претставник од висок ранг, чија единствена задача ќе биде постојано присуство во главните градови на овие земји, каде ќе го дига гласот и ќе ги потсетува одговорните какви обврски презеле кон своите сопствени избирачи. Проблемот на ЕУ е што има премногу еврокомесари, кои меѓусебно си стојат на патот, а на крајот за жал ништо не се случува. Тоа е проблем кој не може да се стави на товар на лидерите во регионот, туку е организациски проблем на ЕУ. Јас сум на мислење онаму каде е неопходно, а во Југоисточна Европа тоа е нужно, да постои трајно присуство, трајно влијание на највисоко ниво. За таа цел е потребен некој од Брисел кој има време, енергија, авторитет да зборува во име на 500 милиони луѓе и да укаже што треба да се прави.

Тоа е конкретен предлог, но во регионот постојат европски мисии. На пример во Косово е европската мисија ЕУЛЕКС, еврокомесарот Јоханес Хан е често присутен во регионот, мислите ли дека е потребно обединување на силите?

Јас сум противник на преголемо бирократско присуство, на пример во Косово тоа не донесе ефекти. Од 1999. година во Приштина се врткаа повеќе или помалку илјадници меѓународни службеници и пратеници и војници и слично и извршуваа работи, кои без проблеми би можел да ги заврши и некој невработен Косовец. Јас пледирам за назначување посебен пратеник од Брисел, кој би бил вооружен со голем авторитет и со можноста да врши понуда - за правилните постапки да следува награда. Според мене, кардинална грешка беше што ние во конструкцијата на нашите односи кон регионот можевме да постигнеме визна либерализација за сите, со исклучок на Косовците, а резултатот е што овие сиромашни два милиона или еденипол милион луѓе се изолирани од сите.

Вие заговарате всушност враќање кон еден пакет-однос, слично како со поранешниот Пакт за стабилност?

Токму така. Јас верувам во стариот рецепт, на овие држави кои имаат интерес да пристапат кон ЕУ да им се порача: треба да ви е јасно, цената за влез во ЕУ гласи - завршување на сите спорови со соседите. Само ако можете да се презентирате без и една единствена бактерија од територијален, етнички, верски или финансиски спор, имате шанса да бидете примени во Унијата. Тоа мора да го сфатиме сериозно и така да влеземе во регионот. А и ЕУ-членката Грција мора еднаш да понуди мал чекор на компромис за земјата Македонија конечно да смее да се вика онака како што според моето мислење треба да се вика, имено - Македонија.

Јасно се позициониравте во поглед на спорот околу името. Која е Вашата прогноза или пледоаје: што е потребно во актуелните случувања во Македонија?

Повторно ќе почнам со добри вести: добра вест е повлекувањето на одлуката за аболиција во Македонија. Од мој аспект, со тоа е постигнат важен предуслов за преговори, за договор меѓу досегашната влада и опозицијата околу избори. Добро е што германската влада пред неколку недели го назначи за специјален пратеник амбасадорот Јоханес Хајндл, кого многу го ценам, а кој неколкупати беше во Скопје. Исто така би било убаво ако ЕУ би повлијалеа врз овој процес не само преку еден, а потоа преку друг комесар, туку преку личност од висок ранг. Преку некој кој нема тоа да го прави привремено, туку ќе има налог да го реши проблемот.

Волфганг Ишингер е германски дипломат. Тој бил амбасадор на Германија во Велика Британија и САД, а од 2008 година ја води Минхенската конференција за безбедност.

Реклама