Изникнало криво крувче | Северна Македонија | DW | 26.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Изникнало криво крувче

Ахмети никако не сака да се скара со Заев пред претседателските избори, особено по викенд-романчето со спасувањето на Трајко. Ризично е за Али да го предизвика Заев сега. Колумна на Гордан Георгиев.

Да почнеме со вистините што сите ги знаеме. 8 години заедно спиеја во топло-студена постела. Ним секогаш им беше топло, а нам повремено ни кажуваа дека им студи. Спиеја, но и јадеа и пиеја. Ретка слика беше таа симбиоза на киселината и маслото, таа неочекувана љубов и игра на доминација. Венера во крзно и Маркизот од Сад под иста сатенска прекривка. Ние, провинцијалците, се чудевме на овој перверзен циркус што дојде во нашиот мал град и потоа се излеаја на улиците. Секојдневно ја пре-откривавме и нашата перверзна природа, прифаќајќи го до вчера ненормалното за нормално, дури и посакувано. Потоа учевме заедно со нив дека политиката не познава перверзии, таа е системски вградена во перверзиите. Таа е первертирана реалност. Дека патот од свингерај до свињерај е разликата во само една буква. И дека рајот за свињите е пекол за останатите питоми домашни животни.

И уште „вистини“ научивме... Верува ли некој дека во 8 години владеење кај едните биле корумпирани само високите елити, а кај другите никој не бил корумпиран, освен неколкумина од пониските ешалони? Никој не верува, ама секој голта. Верува ли некој дека Сашо не ги слушал, и тоа обилно, политичките знаменосци на ДУИ? И дека постојат мрсни бомби и за нив, уште неоткриени и веројатно засекогаш запретани за нашите уши. Тие прецизно наведувани проектили стигаат само до ушите кои треба да ги слушнат, но нивните шрапнели сѐ уште и темелно ја тресат целата политичка сцена. И ајде, конечно да ја отвориме тезата дека дебарската логистика за Груевски и неговите загадочни соблазнителни изјави од Пешта („Не ви кажувам како побегнав од Македонија, нека поработат уште малку и сами нека откријат...“) се всушност камчињата на патот кој можеби води до високите висини на вечниот коалиционен партнер на сите македонски партии. По викенд-трилерот со имунитетот на Трајко, „товарот на докажување“ и за оваа работа паѓа на ДУИ. Можеби и закочената истрагата на Оливер околу бегството на Никола одеднаш ќе понуди нови сознанија...

Малите несогласувања кои нема и не смеат да ја нарушат големата слика (парафраза на Зоран Заев) се закануваат да станат распрскувачки експлозив кој ќе ја парчоса големата слика и ќе нѐ внесе во нова криза помеѓу неволните коалициски партнери. Не, овојпат не се работи за фингерај за да се покрие очигледниот свињерај, таа нам добро позната игра на Али и Никола пред секои избори. Ова парчосување е прашање на виталитет. Едниот краде од другиот. А кражбата не се состои во тендери, позиции и привилегии, туку во нешто уште поскапоцено. Се работи за најважната валута во државата: гласачите! А кој на другиот гласачи краде, може од гласачи да загине.

Оружјето и ризикот на Али Ахмети

И ете сме на прагот на новиот епски серијал кој ни се нуди пред нашите очи и кој ќе го одреди политичкиот пејзаж во наредните години. Едното општество за сите подразбирало не-етнички или мета-етнички глас за носителот на таа парола. Сегашниве загревања за таа битка се закануваат да станат македонскиот политички Верден, веднаш по претседателските избори.   

Лани во ноември на истово ова место напишав: „Единствениот можен пат на едното општество за сите, во кое СДСМ може да претендира да ги задржи албанските гласови, а да не ги губи македонските, е бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, брз влез во НАТО и вистински реформски курс на некаков (макар имагинарен) пат кон ЕУ. Но таа борба не е можна без борба против корупцијата во редовите на ДУИ. Ќе биде ли тоа јудиниот бакнеж на Заев кон елиминација на ДУИ и стекнување на уште поголем фонд на 'албански' гласови?!? Кој пат попрво ќе биде изоден? На оваа вододелница ќе се прекршува иднината и на Заев и на едното општество за сите.“ Ако овој напис тогаш се чинеше дека е преуранет, сега се чини дека е задоцнет. На фонот на ваквите системски недоразбирања помеѓу коалиционите партнери ќе се движи и борбата за глас повеќе.

А ДУИ, барем оние што разбираат таму, е свесна дека во тек е и операцијата „Неопходна жетва 2“. Ако во „Неопходна жетва 1“ во 2001-ва година Али Ахмети доброволно го предаде својот калашников во име на мирот во државата, овојпат во име на истиот тој мир ќе мора да му биде одземен и политичкиот калашников кој толку верно му користеше последниве 20 години.

Веќе подолго време, со повремени осцилации, и со видно соголено крешчендо за време на викендов, Али Ахмети рапидно ја губи моралната постура помеѓу Албанците во Македонија. Тој секако разбира дека веќе не може да го повлече тригерот, а да не плати преголема политичка цена на друго место. Заев претендира (барем засега) на прогресивните не-партиски гласачи Албанци и на разочараните гласачи на ДУИ. Села, Касами, Гаши, речиси целокупната албанска опозиција нема да биде чепната во смисла на одлив на гласови. Затоа Ахмети никако не сака да се скара со Заев пред претседателските избори, особено по викенд-романчето со спасувањето на Трајко. Ризично е за Али да го предизвика Заев сега, бидејќи може да му се случи Заев да го изолира и да влезе во хазардерска, но можеби вносна предизборна игра во која ќе ги повика „своите“ Албанци и сите опозициски Албанци во вториот круг да гласаат за претседателскиот кандидат на Заев. Тоа можеби може да биде доволна бројка за успешни претседателски избори, а воедно и последен бесплатен билет на ДУИ во владата на Заев. Во таков развој на настаните, Талат Џафери може да биде колатералната штета, за што лично ќе ми биде криво, бидејќи мислам дека е добар претседател на Собранието.

Други колумни од авторот:

Чао директори!

Културата на Бети, на Роберт и на Асаф

Вистината за 27-ми април

Сепак, повторно и понатаму останува да виси проблемот со „бомбите“ на Заев. Сѐ дури има бомби, нема да има политички мир. Има бомби, нема мир. Нема бомби, има мир. А бомби ќе снема кога сите што биле вградени во некој од шрапнелите ќе се повлечат од политичката сцена. И тоа ќе го дочекаме еден ден. Само трпение. 

Како единствена утеха во претстојните лавини кои нѐ очекуваат, една работа ќе мора сепак да се расчисти до крај. Тоа е вистината за 27-ми април. Се разбира, и тоа е вистина којашто сите ја знаеме, но таа мора да добие судско-обвинителски штембиљ и „врзан потпис“ од меѓународниот фактор.

Имало или немало нарачатели на овој крвав пир? Кои се тие со име и презиме? Преголема е таа тема за да можат сите тие да нѐ прават сите нас будали. Вмровците можат да го мразат Заев колку сакаат, дури и да имаат право да го мразат, но она што им го направија нивните на 27-ми април мора да се дознае, за да може и тие и државата да одат напред. Без вистината за 27-ми април, оверена и широко прифатена од граѓанството како официјална вистина, политичките елити ќе ја држат државата во постојан грч. Оваа вистина е важна пред сѐ за десните гласачи, бидејќи без стабилен, пристоен и добронамерен десен гласач нема Македонија. А уплашен, наместен, манипулиран и конзервиран во „груевизмот“ десен гласач постојано ќе ја турка државата во „невозможното“ десно. За еманципација на таквиот гласач доволно е да се погледне состојбата во бившата вмровска елита. Едниот побегна во Будимпешта, другиве тајно и полујавно го прогласија за кукавица (Миле, Гордана, Трајко), секој секого мести за да си ја спаси кожата, а во судница се тепаат за тоа кој може да биде заштитен сведок. Членството мора да ја погледне оваа слика со изострена диоптрија и чесно да се постави кон неа. Конечно, ако не ѝ веруваат на обвинителката, нека ги слушнат исказите на своите најрадикални членови на кои им се закануваат долгодишни затворски казни за бранење на татковината која не беше нивна.

На крајот, битно ли е воопшто кој ќе биде првиот, а можеби и последниот, претседател на Република Северна Македонија избран на непосредни избори? Не е битно. Она што е битно е таквиот претседател да ја „затвори“ приказната за Северна Македонија и да ја легитимира дополнително со широк изборен легитимитет. Мислам дека оваа работа ќе ја преживееме, но политичката битка во коалицијата што следи потоа некој секако нема да ја преживее. 

DW.COM

Реклама