Измена на Уставот во Русија - продолжување на ерата на Путин? | Свет | DW | 25.06.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Измена на Уставот во Русија - продолжување на ерата на Путин?

Во Русија се гласа за промена на Уставот со која би можело да се овозможи претседателот Путин да остане на власт до 2036 година. Преглед на другите промени кои се планирани.

Среде пандемијата на корона вирусот со дневно околу 8 илјади новозаразени, Русите се повикани да излезат на гласање. Денеска започнува гласањето, кое ќе трае една недела, околу промени во рускиот Устав - со далекусежни последици. Би било огромно изненадување ако референдумот не успее, бидејќи и покрај падот во популарноста рускиот претседател и натаму има стабилно јадро на приврзаници. 

Неограничен мандат за Владимир Путин?

Според важечкото право, за рускиот претседател најдоцна до 2024, по два мандата, треба да е крај. Но, тој самиот воопшто не размислува за повлекување од политиката. Со промената на уставот Путин сака да вметне исклучок за себе кој треба да му овозможи да се кандидира за претседател и по 2024 година. Претседателот неодамна изјави дека уште не одлучил дали сака да продолжи. По стапувањето на сила на промените би можел теоретски да владее за време на уште два мандата, до 2036, бидејќи еден трае шест години. Путин тогаш би имал 83 години. За сите идни кандидати пак треба да важи ограничувањето дека за разлика од досега, претседателското место не смее да се окупира најмногу во два последователни мандати, туку сѐвкупно два пати. 

Дали Путин навистина ги крати овластувањата на претседателот?

Русија и до сега е претседетлски систем кој на претседателот му дава далекусежни овластувања. Но, со новата реформа рускиот владетел ќе има уште поголем простор за делување. Во промената на Уставот се вели дека претседателот може да ги води „општите работи на владата”. Владата значи веќе нема да одлучува во кој правец ќе се развива земјата. Таа само во склад со иницијативите на претседателот „ќе ја организира работата”. 

Повеќе:

Царот Путин е гол во ерата на короната

Владимир Путин – заробеник во моќта на Кремљ

Думата го истапка патот за натамошно претседателствување на Путин

По стапувањето на сила на реформата, претседателот и натаму ќе го назначува премиерот. До сега тоа мораше да биде потврдено од рускиот парламент, Думата. 

Но, во иднина тука треба да има клучна разлика: ако Думата три пати го одбие кандидатот предложен од  претседателот, сепак тој може да назначи премиер без да мора да свикува нови избори, како што беше до сега. 

Ново е и тоа што претседателот многу полесно ќе може да направи смена на премиерот, а за тоа не мора како досега да го распушти целиот владин кабинет. Освен тоа, во иднина одредени министри директно ќе одговараат пред претседателот. Тој во иднина ќе може да инициира и отпуштање на судии од Уставниот и Врховниот суд. За тоа ќе му биде потребна согласност од Горниот дом на парламентот, односно Федеративниот совет. Но, тоа се смета за формалност оти претседателот смее и да назначува сенатори  во советот, од кои 7 доживотно. 

Со реформите претседателот и сам себеси може да си обезбеди доживотно место. Тоа му овозможува имунитет и откако ќе заврши неговото владеење. 

Како да се мотивираат руските гласачи?

На официјалната страница за референдумот нема информации за тоа дека исклучок треба да му овозможи на Путин да се кандидира и по 2024. Многу повеќе се зборува дека промените треба да им донесат поголема благосостојба на луѓето. Во државниот весник „Рускаја газета” се пишува за „правото на социјални гаранции” како подобра заштита на работниците или здравствени услуги по достапни цени. Со измените на пример се поврзува и зголемување на „капиталот за мајчинство” што се субвенции при раѓањето на дете во висина од речиси шест илјади евра. До сега тие се исплаќаа дури за второто дете. Освен тоа една од промените предвидува дека минималната плата не смее да биде под „минимумот за егзистенција” што според официјалните пресметки е околу 135 евра  месечно. 

Кај конзервативното и деснорадикалното гласачко тело треба да се добијат поени со нагласување на „традиционалните семејни вредности”. Па така бракот е само спој меѓу маж и жена. Децата ги декларираат како највисок приоритет на државата и треба да бидат воспитувани во „патриотски дух”. Рускиот јазик во уставот треба да биде утврден како „јазикот на државотворниот народ”. 

Ќе има ли промена во односите со Западот?

Во новиот устав Русија треба да се заштити и од „штетни пресуди” на меѓународните судови. Меѓународното право во Русија во иднина не треба да ужива предност, а воопшто не треба да најде примена ако рускиот Уставен суд дојде до заклучок дека не е во склад со националното право. 

Што значи тоа конкретно? Москва на пример би можела да биде соочена со наводи дека руската војска во 2014 го урнала малезискиот Боинг МХ17 со 298 патници над Источна Украина. Повеќето жртви потекнуваа од Холандија. Во Ден Хаг во тек е судски процес против четворица обвинети, од кои тројца се Руси. Пред Европскиот суд за човекови права е поднесена граѓанска тужба против Русија. По реформа на уставот, Русија таквите пресуди очигледно веќе нема да ги признава. На руските граѓани за сега им останува опцијата и натаму да може да тужат пред Европскиот суд за човекови права.