Изборите во Северна Македонија ги покажаа старите пукнатини | Северна Македонија | DW | 23.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Изборите во Северна Македонија ги покажаа старите пукнатини

Вториот круг од изборите би можел да предизвика нова државна криза, проценува по првиот круг претседателски избори дел од печатот на германски јазик.

Во текстот со наслов „Изборите во Северна Македонија ги покажаа старите пукнатини“ весникот „Зиддојче цајтунг“ денеска уште во првата реченица оценува дека „првите избори по преименувањето на земјата во Северна Македонија документираат длабока поделеност на балканската држава“. Весникот ги наведува резултатите од првиот круг на изборите и тесната предност за Стево Пендаровски и констатира дека „доминантна тема во изборната борба беше договорот за името постигнат со Грција“. Пренесувајќи ги ставовите на Пендаровски и Сиљановска Давкова околу договорот за името и евроатлантската интеграција на земјата, „Зиддојче цајтунг“ уште пишува:

„Социјалдемократите се надеваат дека со преземање на претежно церемонијалната функција Претседател од страна на 56-годишниот универзитетски професор Пендаровски, земјата, по долгогодишни политички кризи и кавги, ќе вплови во мирни води. На претседателските избори пред пет години Пендаровски загуби од националконзервативниот кандидат Ѓорѓе Иванов, кој по два мандата веќе нема право да се кандидира. Иванов жестоко се спротивставуваше на договорот со Грција и важи за близок следбеник на Никола Груевски, кој беше премиер долги години и кој поради затворска казна за корупција на крајот на минатата година авантуристички побегна во Унгарија. Таму, пријателската влада на Виктор Орбан му даде азил по брза постапка.

Вториот круг од изборите би можел да предизвика нова државна криза. Во првиот круг одзивот изнесуваше неполни 42%. Доколку на 5 мај не гласаат минимум 40% избирачи, изборите ќе бидат неважечки“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Весникот „Тагесцајтунг“, пак, во текстот со наслов „Пат и втор круг“ уште во поднасловот наведува: „По првиот круг од изборите неизвесно е дали граѓаните на Северна Македонија ќе се одлучат за поголемо приближување кон ЕУ“. Наведувајќи дека „набљудувачите сметаат оти во вториот круг одзивот ќе биде повисок“, „Тагесцајтунг“ на крајот на текстот разгледува неколку претпоставки:

„Доколку во вториот круг победи кандидатот на власта Стево Пендаровски, Заев може да го форсира приближувањето кон ЕУ кон кое се стреми. Доколку победи конзервативната противкандидатка на Пендаровски, професорката по уставно право Гордана Силјановска, тоа би било изјаснување против промената на името и - во очите и на најголемиот број дипломатски претставници во Скопје - би значело уназадување за целото општество. Меѓутоа, шансите за победа на Стево Пендаровски се добри. Зашто, одлучувачки за изборната победа ќе биде ставот на албанското малцинство. Албанците и во регионот на Скопје бројчено силното ромско население, имаат интерес од продолжување на интеграцијата на земјата во ЕУ.“

DW.COM

Реклама