Изборите во Македонија треба да го решат хаосот | Македонија | DW | 08.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите во Македонија треба да го решат хаосот

Македонија е во блокада: огромна омраза меѓу партиите, демонстрации, парламентарен бојкот, корупција, криминал и илегално прислушување на илјадници граѓани. Сега изборите треба да донесат спас. Анализа на агенцијата ДПА.

„Она што се случуваше во малата Македонија во последните 2,5 години е веројатно уникатно дури и за страдалничкиот Балкан“, оценува германската агенција ДПА, нагласувајќи дека „конзервативниот Никола Груевски, кој долго време беше премиер, и шефот на опозиционите социјалдемократи Зоран Заев, ги поврзува заемна нетрпеливост, која достига до лични напади и судски постапки“.

„ЕУ и САД ја вложија сета своја дипломатска умешност за да ги донесат на преговарачка маса двајцата кавгаџии и уште две други страни во конфликтот, партии на албанското малцинство, што на крајот резултираше со потпишување на компромисен договор“, анализира ДПА, давајќи кус преглед на настаните од последните парламентарни избори во 2014 година до денес.

„Груевски победи, опозицијата се жалеше на масовен изборен фалсификат и одговори со бојкот на Парламентот. Притисокот врз Владата се зголеми со објавувањето на т.н. бомби. Тоа се протоколи од илегално прислушувани телефонски разговори од страна на тајната служба. Тие требаше да се доказ за речиси непоимливиот размер на корупција и криминал на власта. Во меѓувреме, формираното Специјално обвинителство потврди дека водечки политичари, претприемачи, судии и новинари биле систематски противзаконски прислушувани со години... Меѓутоа, новото обвинителство (СЈО, н.з.) е систематски кочено од страна на судовите, кои се блиски со таборот на Груевски. Тој до денес отфрла секаква вина и зборува за интриги на странска служба. Обвинителството тврди дека станува збор за сопствената тајна служба. На нејзино чело се наоѓаше Сашо Мијалков, близок роднина на Груевски.“

Гледај видео 03:09

Граѓаните за Македонија по изборите

ДПА наведува дека состојбата во земјата се заострила уште повеќе со демонстрациите и контрадемонстрациите на десетиици илјади граѓани и дека терминот за предвремените избори беше два пати одложуван.

„Во кампањата двата непријателски табори го стилизираа гласањето во судбинска одлука за балканската држава. Меѓутоа, домашните експерти се скептични во однос на тоа дека изборите навистина ќе донесат политичка деблокада. Тие предвидуваат дека поразената страна нема да се помири и дека судирот ќе почне одново“, анализира германската агенција ДПА.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама