Иванов ја турна земјата во анархија | Северна Македонија | DW | 01.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Иванов ја турна земјата во анархија

Лидерите на СДСМ и ДУИ заседаваат, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ја слават одлуката на Иванов, а уставни експерти велат дека претседателот грубо го прекршил Уставот.

Претседателот на Република Македонија излезе надвор од своите уставни надлежности, грубо го прекрши Уставот и ја турна земјата во анархија, велат за ДВ уставни експерти и аналитичари. Ваквите оценки доаѓаат откако попладнево Иванов не го даде мандатот за состав на влада на СДСМ, објавувајќи две причини за ваквата негова одлука: првата се уставните рокови, а втората - туѓите платформи кои ја загрозуваат унитарноста на државата. 

„Ни Уставот, ни совеста не му дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го урива суверенитетот и независноста на Република Македонија“, рече Иванов и ги образложи причините за неговата одлука. 
„Денеска го поканив лидерот на СДСМ, господинот Зоран Заев на консултативна средба, на која го запознав за сите правни мислења за кои вчера разговарав со компетентни правни експерти. Според нив, во согласност со член 90, мнозинството е постигнато и тоа е основа за да се додели мандатот за состав на Влада. Сепак, според правните експерти, проблем се роковите. За да се испочитува член 90 од Уставот останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав, што е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен“, рече Иванов.

Според професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, уставно предвидениот рок од 10 дена важи само за првото доделување на мандатот.

„За второто доделување на мандатот нема никакви рокови и според тоа, по доказите дека има обезбедено парламентарно мнозинство, претседателот е должен веднаш да го даде мандатот“, вели Шкариќ.

Осуда на платформата

Но, според Иванов, покрај оваа формално-правна пречка, постоел и многу посуштествен проблем: постизборната политичка платформа од туѓа држава.

„Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност кон друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени“, рече Иванов, додавајќи дека процесот на постизборно коалицирање и формирање нова Влада станало заложник на таа платформа.

Иванов потенцира дека долго време очекувал дека одредени политички партии ќе покажат зрелост и јавно ќе одбијат да зборуваат за туѓа постизборна платформа.

„Наместо веднаш и без дискусија да ја отфлат, некои почнаа со неа да лицитираат, несфаќајќи дека всушност лицитираат со унитарниот карактер на државата, со идентитетот на граѓаните и државните интереси (...) За време на средбата од господинот Заев побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа. Оттука, втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија. Преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа е казниво дело според кривичниот законик“, потенцираше Иванов.

Според Шкариќ, ако одредена платформа е прифатена од албанските партии, таа добива карактер на партиски документ, без оглед каде е пишувана.

„За оценка на уставноста на партиски документи - статути и програми е надлежен Уставниот суд, а не претседателот“, дециден е Шкариќ, и додава дека Иванов излегол надвор од своите уставни надлежности и грубо го прекрши Уставот на Република Македонија. 

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje

Уставниот суд, а не претседателот, е надлежен за оценка на уставноста на партиски документи - статути и програми, вели Шкариќ

Порака до меѓународната заедница

Но, Иванов не упати пораки само до домашната јавност, туку изрази и очекување меѓународната заедница јасно и јавно да ја осуди таквата платформа, како што тоа го правела во случајот со други држави од регионот.

„За жал, во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше. Ваквиот гласен молк ни потврди дека иднината на Македонија сега зависи само од нас, нејзините граѓани и нејзините институции. Мојата порака е јасна. Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија“, порача Иванов, еден ден пред доѓањето во Скопје на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Оценувајќи дека „ова се сериозни моменти од историјата на Република Македонија“, оние што го обвинуваат дека со досегашни постапки ја злоупотребува службената должност и дека може да добие кривична пријава, ги охрабри тоа и да го направат.

„Но, истовремено ги охрабрувам да поднесат кривична пријава согласно Кривичниот законик на Република Македонија и против секој оној кој ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава“, порача тој.

На пат кон анархија

Додека Иванов ја соопштуваше одлуката, на „Бихаќка“ на заедничка средба се најдоа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, а поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ набрзо почнаа да ја слават одлуката на претседателот, упатувајќи се кон седиштето на СДСМ.

Иванов кој денеска не остави простор ниту за прашања, ниту даде предлози за излез од сегашната ситуација, ја зголеми загриженоста за развојот на настаните.

Mazedonien Arsim Zekolli

Арсим Зеколи

Со ова поведение Иванов ја турна земјата во состојба на анархија, вели поранешниот амбасадор и политички аналитичар“, Арсим Зеколи.

„Криењето зад рокови не е аргумент, иако и без тоа сум уверен дека Иванов ќе најдеше некој изговор, некоја запирка, за да одбие да го даде мандатот и со тоа де факто го има срушено Уставот. Целата иронија е во тоа што повикувајќи се на Уставот, господинот Иванов користи политички аргументи за да го поништи истиот.  На крајот, најзагрижувачко и најалармантно не е дрското одбивање да го даде мандатот, туку во ненудењето на опции како да се надмине оваа криза. Со тоа свесно ја остава земјата во лимбо-ситуација, за во име на спречување тензии да прогласи вонредна состојба. Неговата партиска наклонетост е директен катализатор на кризата“, констатира Зеколи.