1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Belgien Viktor Orban und Ursula von der Leyen
Фотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Зошто Орбан не сака Унгарија да излезе од ЕУ

Кено Верзек
19 февруари 2022

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на почетокот на изборната кампања повторно подбуцнува против ЕУ. Но, некој сериозен план за излегување од ЕУ за него не е реална опција, со тоа само би ја поткопал базата на својата моќ.

https://www.dw.com/mk/%D0%B7%D0%BE%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%BE%D1%80%D0%B1%D0%B0%D0%BD-%D0%BD%D0%B5-%D1%81%D0%B0%D0%BA%D0%B0-%D1%83%D0%BD%D0%B3%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D0%B8%D0%B7%D0%BB%D0%B5%D0%B7%D0%B5-%D0%BE%D0%B4-%D0%B5%D1%83/a-60801420

Унгарскиот премиер Виктор Орбан сака да се истакнува како политичар „без влакна на јазикот“, а европските партнери и противниците не ги става во дилема околу своите намери. Всушност, Орбан често говори со едноставен јазик и го изложува својот план така што сите можат да го видат. Но, тука се и експлозивните внатрешни и европски политички прашања за кои унгарскиот премиер веќе долго време зборува со прилична недореченост – што во неговата земја или на друго место во Европа повеќепати предизвика жестоки нагаѓања во јавноста.

Најважна од овие теми е без двојба Унгарзит: прашањето дали Унгарија треба да остане членка на  Европската унија  или да излезе од неа, онака како што направи Велика Британија со Брегзит.

Од една страна, Орбан редовно остро ја напаѓа ЕУ и ја гледа како непријател во еднаква мерка како што тоа беше и Советскиот Сојуз, кој своевремено ја окупираше Унгарија. Истовремено, тој повеќепати нагласи дека уште местото на Унгарија го гледа во ЕУ. Што сака вистински Орбан? Размислува ли сериозно за Унгарзит? А ако не, која е целта на неговите анти-ЕУ тиради?

Овие прашања беа поставени и изминатата сабота (12.02.2022), кога унгарскиот премиер во Будимпешта го одржа традиционалниот говор за состојбата на нацијата, во кој ја оценуваше ланската година и се осврна на идната политичка сезона. Овојпат тоа беше и воведен говор за жешката фаза на предизборната кампања – во Унгарија на 3. април ќе бидат одржани парламентарни избори, едни од најважните во земјата по повеќе од две децении.

„Џихад на владеење на правото“

Во европско-политичкиот дел од својот говор, Орбан овојпат звучеше цивилизирано за своите стандарди, иако на моменти на Брисел му се обраќаше со вообичаените апсурдни инсинуации, како онаа дека  ЕУ сакала на Унгарија да ѝ наметне модел на  „семејства во бојата на виножито“  или водела „уставен џихад“ против земјата.

Фактички,  Орбан прилично трезвено утврди дека Брисел и Будимпешта „мелат во различни водници“ и поинаку размислуваат за нацијата, нејзината иднина, традицијата и глобализацијата. Меѓутоа, според Орбан: „Од наша страна сакаме да ја задржиме ЕУ во целина“. Унгарскиот премиер затоа „даде понуда за толеранција до Брисел и Берлин“ – залагајќи се за меѓусебно почитување и оставање на мир. Орбан не кажа какви би биле последиците ако адресираните би ја одбиле понудата. Но, сценариото за можен Унгарзит, иако тој не го спомена, некако висеше во воздухот.

Унгарскиот премиер уште порано во различни прилики ја навести таа можност. Така на пример, во февруари 2020. година рече: „Излезот на Велика Британија и фактот дека тие таму уште се живи, покажува дека постои живот и надвор од ЕУ.“

Kampagne der Fidesz-Regierung gegen die Europäische Union
Анти-ЕУ кампања на партијата Фидес во 2019 година - Џорџ Сорос и шефот на ЕК Јункер „на тапет“Фотографија: Martin Fejer/est&ost/Joker/picture-alliance

Гласачите на Орбан не сакаат излез од ЕУ

Орбановите луѓе од доверба и членови на неговата влада тука се поексплицитни. Неговиот стар соборец Ласло Ковер, моментно претседател на Парламентот, во интервју во јули 2021. година рече дека тој лично „дефинитивно денес би гласал против“ на референдум за членство во ЕУ. А министерот за финансии Михали Варга изјави дека кон крајот на деценијава, прашањето за Унгарзит би можело да се гледа од „нова перспектива“, и тоа оној момент кога Унгарија ќе почне во буџетот на ЕУ да уплатува повеќе пари отколку што добива. Минатото лето пак неофицијалниот владин весник „Маѓар немет" првпат покрена расправа за излез на Унгарија од ЕУ. „Време е да разговараме за Унгарзит“, гласеше насловот на статијата.

Но, со оглед на негативните реакции на оваа мала кампања за Унгарзит летото 2021. година, на Орбан мора да му стана јасно: уште не е време ова прашање да се форсира во Унгарија – тоа за него би било дури и контрапродуктивно. Тогаш дури и конзервативните кругови со бес реагираа на изјавите на неговите партиски пријатели, како и на текстот во „Маѓар немет".

На работа во Германија, па назад

А и истражувањата на јавното мислење во последните години укажуваат на рекордно одобрување на членството на Унгарија во ЕУ, дури и меѓу гласачите на Орбан, околу четири петтини не сакаат Унгарзит.

Унгарија како регионална сила

И од други причини, излезот на Унгарија од ЕУ или дури и само сериозна дебата за тоа, за Орбан не е некоја реална опција. Тој сака својата земја да ја направи регионална сила и алтернатива на Брисел во централна и југоисточна Европа. Унгарската држава вложува големи средства во фабрики, недвижности и медиуми во целиот регион и води програми за субвенционирање вредни повеќе милијарди долари за унгарското малцинство во Романија, Србија, Украина, Словачка, Хрватска и Словенија.

Орбановата влада исто така е најостар заговорник на брзо членство во ЕУ на Србија,  Босна и Херцеговина и Црна Гора – три земји во кои антидемократските  лидери претставуваат модел на владеење сличен на оној на унгарскиот премиер. Во случај на Унгарзит, Орбан, кој веќе како млад политичар имал огромни амбиции, веќе не би можел да игра улога на важен регионален лидер. 

ЕУ без единствени вредности

На крајот, тука се и милијардите евра од европските фондови кои се слеваат во Унгарија. Додуша, не може да се рече дека тука Унгарија едноставно зема пари. Западните фирми имаат голема корист од евтините трошоци на производство, даночни олеснувања и можност за продажба во Унгарија. Сепак, трансферите од Брисел во изминатите две децении изнесуваа два до четири проценти од унгарскиот бруто национален производ, а тоа е еден од важните столбови на економскиот модел на Орбан. 

Со сериозна расправа за Унгарзит или дури подготовка за излез од ЕУ, унгарскиот премиер значи би ја поткопал својата база на моќ. Наместо тоа, негов експлицитен интерес, како што и формулираше во својата понуда за толеранција - е ЕУ без единствени заеднички вредности.  Тоа би требало да биде унија во која тој може слободно да дејствува во својата земја, без постојано да биде изложен на закани со  правни постапки  и финансиски санкции од Брисел.

Тој се залага за Европска унија како прагматичен деловен клуб. Фактот што Орбан во своите говори непрекинато ја напаѓа ЕУ и имплицитно создава заканувачка заднина со Унгарзит, притоа не е во спротивност со тој концепт, туку е негов составен и логичен дел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница