1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има задршки околу приемот на Шведска и на Финска во НАТО
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има задршки околу приемот на Шведска и на Финска во НАТОФотографија: Yves Herman/REUTERS
Конфликти

Зошто Ердоган се заканува со вето во НАТО?

Елмас Топчу
18 мај 2022

Финска и Шведска и официјално аплицираа за прием во НАТО. Но, турскиот претседател гледа критички на членството на скандинавските земји во Алијансата, па дури се заканува и со вето. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/4BRxt

Во услови на криза, НАТО очекува единство и солидарност од партнерите. Така е и овојпат. Сите членки на алијансата учествуваат, само еден не: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Додека Западот сака да застане обединет против Путин, турскиот претседател во моментов се противи на приемот на Финска и на Шведска во Алијансата. Тој дури се закани и со вето.

„Не гледаме позитивно на тоа“, рече Ердоган минатиот петок (13.05). Како причина ја наведе наводната поддршка на Финска и на Шведска на терористички организации. Тоа беа пресметани пораки што тој им ги испрати и на своите следбеници и на Западот.

Оттогаш, медиумите во земјата ги поткрепуваат тврдењата на Ердоган со прилози во кои се објаснува зошто Анкара всушност се противи Скандинавците да влезат во НАТО. Финска и Шведска се легла на терористите, одржуваат контакти со забранетата Курдска работничка партија - ПКК, курдската милиција - ЈПГ во Сирија и со поддржувачите на проповедникот Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во егзил во САД и кого Ердоган го обвинува дека стои зад обидот за државен удар во 2016 година.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу,  во неделата (15.05), на прес-конференција по неформалниот министерски состанок на НАТО во Берлин откри што е навистина во прашање: „Овие две земји и другите членки на НАТО кои имаат контакти и им даваат поддршка на ПКК и ЈПГ и имаат воведено рестрикции за извоз на вооружување во Турција, треба да престанат со тоа“,  рече Чавушоглу. Инаку, неговата земја всушност не е против проширување на НАТО, истакна министерот.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлуд Чавушоглу (најдесно) на неформалниот министерски состанок на НАТО во Берлин во неделата, 15 мај 2022
Турскиот министер за надворешни работи Мевлуд Чавушоглу (најдесно) на неформалниот министерски состанок на НАТО во Берлин во неделата, 15 мај 2022Фотографија: Bernd von Jutrczenka/AP Photo/picture alliance

Што навистина сака владата на АКП?

Значи, станува збор за тоа членките на НАТО, како и Финска и Шведска, да се принудат да направат отстапки. На овој начин Ердоган сака да поентира  внатрешнополитички.

Затоа што Турција е во многу сериозна економска криза. Годишната инфлација во април изнесуваше 69,97 отсто. Трговскиот дефицит неодамна се искачи на 24,5 милијарди долари. Населението страда од спиралата на поскапувања. Рејтингот на Ердоган паѓа. Со националистички тонови тој може повторно да ги собере своите приврзеници зад себе. Нападите врз Западот, Финска и Шведска секогаш се добро прифатени од исламистичко-националистичката клиентела.

Повеќе: Нови предизвици за НАТО: Финска и Шведска се поблиску до членство

А оваа клиентела на Ердоган ќе му биде потребна најдоцна во изборната 2023 година. Тогаш Турција не само што слави 100 години од основањето на Турската Република, туку во земјата се одржуваат и претседателски и парламентарни избори, на кои Ердоган сака да победи. Сепак, тој во моментов ја губи наклонетоста кај гласачите, главно поради екстремната инфлација. Значи, му треба успех и мора да поентира.

Затоа, Ердоган во пристапните планови на Финска и на Шведска гледа можност. Тој се надева дека повторно ќе се ублажат ограничувањата на извозот на оружје за Турција. Откако турската армија ја нападна северна Сирија во 2019 година, Финска, Шведска, Германија и други европски земји објавија дека веќе нема да извезуваат оружје во Турција што може да се користи во Сирија.

И военото вмешување на Анкара во конфликтите во Либија и во Нагорно-Карабах предизвика незадоволство во Европа. Турција прими удар и од Вашингтон. Откако го купи рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400, САД ја исклучија земјата од програмата за испорека на борбени авиони Ф-35. Анкара сега се надева на отстапки од САД и сигнализира дека дури и ќе биде задоволна со испорака на авиони Ф-16.

Ердоган седи на политички лост што го користи со задоволство. Со денови тој ја потсетува турската јавност на повторниот прием на Грција во НАТО во 1980 година. Турција нема повторно да ги направи истите грешки како тогаш, порачува Ердоган. Тогаш приемот на Грција во воената алијанса беше безусловно одобрен и тој ветува дека тоа нема да се повтори.

Откако турските трупи го нападнаа Кипар во 1974 година, Атина истапи од НАТО. Земјата сакаше повторно да се приклучи  по само шест години и за тоа ѝ требаше согласност од Турција. Тогаш Турција попушти под притисокот, и, според мислењето кое преовладува во Анкара, тоа е една од најголемите грешки во блиското минато на земјата.

Какви се условите на Турција?

Условите на Анкара за прием на Шведска и Финска досега не се официјално претставени. Според изјавите на турската влада, сепак, тоа би можело да бидат изјави на Финска и Шведска за борбата против ПКК, ЈПГ и Ѓуленистите, но и отстапки за извозните ограничувања на вооружувањето.

Дарија Исаченко од берлинската фондација Наука и Политика
Дарија Исаченко од берлинската фондација Наука и ПолитикаФотографија: SWP

Дарија Исаченко, експерт за Турција во берлинската фондација Наука и Политика не е изненадена од ставот на Турција. Искусната научничка со години ја набљудува Анкара и забележува дека Турција суштински го поддржува проширувањето на НАТО и дека многу се ангажирала не само во случајот со Украина и Грузија, туку и во приемот на Бугарија и на Романија.

Но, Турција има и долг список на сопствени интереси, кои ги внесува во игра кога ќе се укаже прилика, вели Исаченко. Таа потсетува дека ова не е првпат да се извлекува картата за тероризмот. Во 2020 година, Анкара го блокираше одбранбениот план на НАТО за Полска и за балтичките земји, и тогаш поради наводна поддршка за ПКК и за ЈПГ. Сега повторно ја гледа шансата некои работи да се тргнат од списокот, вели Исаченко. Тие вклучуваат набавка и модернизација на борбени авиони Ф-16 од САД и укинување на санкциите за одбранбениот сектор на Турција.

Во моментов не е јасно до каде Турција има намера да оди со заканите кон своите партнери во овој конфликт и какви отстапки би биле подготвени да направат членките на НАТО, Финска и Шведска. Подготвеноста на турската страна за преговори и увереноста на членките на Алијансата во успешен  укажуваат дека преговори зад затворени врати се веќе започнати. Во моментов е неизвесно дали навистина ќе има пазарење како во турска чаршија, како што навести министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Фатмир Бесими, министер за финансии

Бесими: Борбата со сивата економија ќе биде бескомпромисна

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница