Зошто Донбас е толку важен за Русија? | Свет | DW | 21.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Зошто Донбас е толку важен за Русија?

Руската војска се прегрупираше и ги концентрираше нападите врз источна Украина. Ова не се случи одеднаш. Но, зошто токму регионите Луганск и Доњецк се толку важни за Владимир Путин?

Руски пропаганден плакат во Доњецк: „Ние сме руски Донбас“

Руски пропаганден плакат во Доњецк: „Ние сме руски Донбас“

Според зборовите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, „битката за Донбас“ започна. На почетокот од април Русија ненадејно ги повлече своите трупи од регионот околу Киев на северот на Украина – очигледно за да ги концентрира своите напади на Донбас во источниот дел на земјата. Таму со денови се очекуваше почеток на рускиот напад. Но зошто Донбас?

Зошто овој регион е поважен за Русија во однос на останатиот дел на Украина?

Административните единици (области) Луганск и Доњецк, како и полуостровот Крим припаѓаат кон украинските области во кои голем број луѓе го имаат наведено руски како мајчин јазик. Таму уделот на етничките Руси исто така е релативно висок. Слична е ситуацијата во соседните области Запорожје и Харков, како и во Одеса, на северозападниот брег на Црното Море. Инаку, етничките Руси само на Крим се мнозинско население.

По „Портокаловата револуција“ по претседателските избори во 2004-тата и „Евромајдан“ во 2014 година, таму беше особено голем отпорот против западната ориентација на Украина, но мнозинството не се согласуваше со тоа. Сепак, милитантните руски сепаратисти, веројатно со поддршка на Москва, успеаја да воспостават контрола над делови од тој регион. Истовремено Кремљ го искористи вакуумот на моќ во Киев за да го анектира полуостровот Крим.

Регионите во Украина со повеќе од 40 проценти население кое говори руски јазик

Регионите во Украина со повеќе од 40 проценти население кое говори руски јазик

„Ова се два од бројните примери во кои Русите постапуваа по принципот ‘отворена можност ве прави крадец’“, вели Андреас Хајнеман-Грудер, експерт за источна Европа во Меѓународниот центар за конверзија во Бон (БИЦЦ). Тој посочува дека за ова немало развиено голем план. 

Како ова се објаснува историски?

Југот на денешна Украина, како пограничен регион на Царска Русија, а подоцна и на Советскиот Сојуз, беше под големо влијание на Русија споредено со останатите делови од земјата. Донбас сѐ до средината на 19 век речиси и да не бил населен, но, тогаш, поради наоѓалиштата на јаглен, стана најзначаен центар на руската индустријализација.

„Во тоа време, во Руското царство јавната употреба на украинскиот јазик е потисната и рускиот како главен јазик во образованието, станува сѐ подоминантен“, објаснува историчарот Гидо Хаусман од Лајбниц Институтот за источни и југоисточни европски студии (ИОС) на Универзитетот во Регенсбург.

Повеќе: „Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза“

„Од друга страна, голем број од жителите од руските рурални краеви поитаа во новата индустриска област.“

За време на кусиот период на независност во 1918 година, Донбас не ѝ припаѓаше на Украина. Потоа, за време на советската ера, уште повеќе Руси се населија во тој регион, објаснува Хаусман. Во тој поглед релативно голем број луѓе всушност може да чувствуваат поврзаност со Русија, па дури и со Советскиот Сојуз. „Сепак, луѓето во Донбас отсекогаш зборувале украински и мнозинството и ден-денес имаат силна поврзаност со Украина“, вели Хаусман.

Политикологот Хајменан-Грудер исто така смета дека е сосема погрешно да се извлекуваат заклучоци за националниот идентитет кај украинското население врз основа на етничката припадност или мајчиниот јазик. 

Молк за руските војници во источна Украина

„Дури и во некои баталјони на украинската армија кои се бореле против сепаратистите во 2014/2015 година, се зборувало руски“. Во меѓувреме, тоа веројатно веќе не е така, бидејќи употребата на рускиот јазик драстично опадна во последниве години.

„Ако нешто придонесе во формирањето на украинската нација, тоа е руската агресија во последните осум години“,  вели Хајнеман-Грудер. „Руските бомби навистина ја обединија Украина,“ додава тој.

Има ли и економски интереси за заземање на источна Украина?

За Советскиот Сојуз, по завршувањето на Втората светска војна, сибирските индустриски региони станаа поважни од Донбас, додека за Украина, пак, до 2014 година тоа беше најважната индустриска област. Со избувнувањето на конфликтот, важноста на Донбас се намали, бидејќи многу рудници - особено во сепаратистичките области - беа напуштени или во многу лоша состојба, а и други индустриски постројки и инфраструктура беа исто така уништени за време на војната. Економската моќ на регионот не е одлучувачка за Русија, вели историчарот Хаусман, но е важна за Украина и нејзината економска независност.

„Една од клучните воени цели на Русија е да ја направи Украина долгорочна зависна од Русија - политички, културолошки и економски. "

Какво симболичко и идеолошко значење има Донбас?

Пред осум години, во Донбас избувна жестока војна - во 2014 година, тамошните проруски сепаратисти ги прогласија регионите Луганск и Доњецк за независни „народни републики“. По фазата на отворени борби меѓу сепаратистите и украинската војска, Вториот договор од Минск од 2015 година резултираше со кревок прекин на огнот и воспоставување на „контакт линија“ што ги одвојува деловите контролирани од Украина од сепаратистичките области во пограничната зона со Русија.

Украински војници на фронтот во Донбас

Украински војници на фронтот во Донбас

Потоа Русија, на 21 февруари 2022 година, три дена пред почетокот на инвазијата врз Украина, официјално ги призна овие „народни републики“.

„Руската влада притоа мисли на цел Донбас“, појаснува експертот од БИЦЦ, Хајнеман-Грудер. Русија сега мора да го освои целиот регион за да ја спроведе анексијата која ја подготвија со чекорот на признавање, вели овој политиколог. „Со тоа, тие пред домашната публика би можеле да прогласат победа и евентуално да ѝ стават крај на војната.“

Од друга страна, во овој регион се присутни и украински борбени единици кои се пред сѐ со десничарска ориентација, како на пример „Азовскиот полк“, кој во 2014 година помогна во спречување на заземањето на Мариупол од страна на сепаратистите. 

„Со поразување на овие трупи, Путин може да го оправда крајот на наводната мисија за денацификација - барем во Донбас“, вели Хајнеман-Грудер. Кремљ тврди дека една од работите со кои треба да се бори во Украина е националсоцијалистичкиот режим. Заземањето на индустрискиот и пристанишен град Мариупол, кој по неколкунеделна опсада и гранатирање стана симбол на упорноста на Украина, исто така би бил симболичен успех.

Кое е стратешкото значење на регионот?

„Исходот од војната во Донбас ќе одреди што ќе остане од Украина“, вели Хајнеман-Грудер. Со анексијата на Крим, Русија не само што го освои поранешното домашно пристаниште на некогаш гордата руска Црноморска флота, туку, за првпат по распадот на Советскиот Сојуз, таа повторно е во сопственост на пристаниште кое не замрзнува цела година. Сепак, Крим досега беше ексклава. Со руското копно е поврзан дури во 2018 година преку отворениот мост на Крим, преку мореузот  помеѓу Азовското и Црното Море. Со освојување на целиот Донбас, Русија ќе ѝ го одземе на Украина уште едно важно пристаниште, Мариупол, поврзано со Крим и Медитеранот.

Во зависност од состојбата на армиите и нивните рути за снабдување, вели Хајнеман-Грудер, Русија би можела да ги таргетира следните цели, особено копнената врска долж брегот со Крим. Ова за возврат може да отвори нови воени перспективи.

„Ако Путин види можност да ја укине Украина како независна држава, сигурно ќе ја искористи“, смета политикологот и заклучува дека сега украинската влада е исправена пред големо прашање кое според него гласи: „Дали треба да се откажеме од Донбас за да го спасиме Киев?“