Зигмар Габриел е нов германски министер за надворешни работи | Свет | DW | 27.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зигмар Габриел е нов германски министер за надворешни работи

Почнува бранот кадровски промени во германската политика. Габриел ја презема дипломатијата откако досегашниот министер Франк-Валтер Штајнмајер прифати да биде идниот сојузен претседател на Германија.

Deutschland Holocaust Gedenkstunde des deutschen Bundestages Steinmeier und Gabriel (picture-alliance/AP Photo/M. Sohn)

Претходникот и наследникот: Франк-Валтер Штајнмајер и Зигмар Габриел

Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел, повеќе познат по својот бурен темперамент одошто по дипломатските финеси, е првиот кој ќе признае дека не е најочигледниот избор за министер за надворешни работи. Но токму тоа е улогата во која 57-годишниот политичар се наоѓа од денеска, откако се откажа од обидот да ѝ конкурира на канцеларката Ангела Меркел за водечката функција, најмногу поради сопствениот низок рејтинг.

Во вртоглав политички пресврт, неделава, Габриел најави дека Мартин Шулц ќе го замени на лидерската позиција во Социјалдемократската партија (СПД) и ќе ѝ биде противкандидат на Меркел на изборите во септември. Истовремено, рече дека ќе го напушти министерството за економија и оттаму ќе се пресели во дипломатијата, од каде заминува Франк-Валтер Штајнмајер, кој во февруари треба да биде избран за претседател на местото на досегашниот Јоахим Гаук.

Како човек кој во една пригода ја спореди израелската политика кон Палестинците како „режим на апартхејд“, изборот на Габриел предизвика многу критики. Конзервативниот „Ди Велт“, во уреднички коментар, го нарече потегот „смешка“ и изрази стравување дека Габриел ќе се втурне на меѓународната сцена како „слон во продавница со кинески порцелан“. И самиот Габриел ги прифати критиките на својата последна прес-конференција како министер за економија, но додаде дека е уверен оти ќе научи да зборува „дипломатски германски“.

„Би сакал да верувам дека ќе успеам да се воздржам од предизвикување надворешно-политички кризи со моите зборови“, рече тој.

Контроверзи и скандали

Неговиот прв тест ќе биде собирот на министрите за надворешни работи на Г20 следниот месец во Бон, на кој се очекува да присуствува и новиот американски државен секретар Рекс Тилерсон. Габриел, кој ја нарече инаугурацијата на Трамп „многу националистичка“, веќе предупреди дека светот треба да се подготви за тежок период со американскиот милијардер. 

Facebook Screenshot Sigmar Gabriel zeigt Stinkefinger (Facebook/antifakampfausbildung)

Минатата година Габриел предизвика скандал откако им го покажа средниот прст на група неонацисти

Како ново лице на германската надворешна политика, Габриел ќе се надева дека нема да му се повторуваат гафовите од минатото.

Во 2015 година, тој беше првиот западен претставник кој го посети Иран по историскиот нуклеарен договор. Но посетата потона во контроверзи откако Габриел рече дека соработката меѓу двете земји е условена со признавањето на Израел од страна на Иран. Слични превирања предизвика и во Пекинг во ноември минатата година, откако во пресрет на посетата го обвини азискиот гигант за „нефер“ трговска пракса, по што доби студен прием од кинеските домаќини.

Габриел е поранешен учител кој го презеде раководството на СПД во 2009 година. Но оттогаш, неговата и популарноста на партија е во постојан пад, особено откако во 2013 година беше формирана широката коалиција со демохристијаните на Меркел. Габриел беше постојано во нејзина сенка. Запрашан во интервју за „Ди Цајт“ како му влијае минатото на неговиот татко, Габриел одговори дека му оставило „речиси неконтролиран бес“.

Минатата година предизвика скандал откако им го покажа средниот прст на група неонацисти кои му довикуваа пофалби за неговиот татко.

„Единствената грешка ми беше што не ги користев двете раце“, рече Габриел потоа.

 

DW.COM

Реклама