Цвеќињата ќе процветаат и ако законски се укине пролетта | Северна Македонија | DW | 31.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Цвеќињата ќе процветаат и ако законски се укине пролетта

СДСМ не можеше да покаже поголема сличност со владеењето на ДПМНЕ од потегот со помош на алатката за остварување „влажни“ соништа на политичарите, да се обиде да го зголеми прагот за собирање потписи за локалните избори.

Најточната дефиниција на поимот закон во Македонија е дека е тоа идеална алатка за исполнување на највалканите фантазии на политичарите на власт. Тоа впрочем го докажа сегашниот унгарски бизнисмен, а бивш премиер, кому законите му го овозможија она што ќе го замислеше - од барок во Центар, преку удобност во Мајбах до приватност на Водно. Да се потсетиме дека неговото величество законот, впрочем, овозможи гласачи истоварени од 200 км оддалечениот Пустец да ја одредуваат судбината на општина Центар во Скопје.

СДСМ не можеше да покаже поголема сличност со владеењето на ДПМНЕ од потегот со помош на алатката за остварување „влажни" соништа на политичарите, да се обиде да го зголеми прагот за собирање потписи за локалните избори за да им отежне или оневозможи учество на граѓанските иницијативи.

Постапката е дотолку попоразителна што доаѓа на предлог на министерот Маричиќ, изнедрен токму од граѓанскиот сектор. На предлог-законот видовме неподелена радост од раководствата на големите парламентарни партии. Така што заклучокот со право е: исти се.

Но што навистина ги поврзува СДСМ и ДПМНЕ освен употребата на законите во теснопартиски и антиграѓански цели?

Паметам едни парлементарни избори, бев на новинарска задача во партиски штаб на изборниот ден. Се случи тоа да е победничкиот штаб. Реториката во штабот и восклиците беа: „Им ја земавме тројка", „Ги тепаме во Охрид", „Ги уништивме на нивни терен во источна Македонија"…

Немаше „што им даваме на граѓаните кои гласаат", туку што му земавме на противникот.

За жал, нам речиси третина век од осамостојувањето ни помина во битки за превласт на племенски старешини, каде најбитно е како да се  победи противникот, да се дојде до пленот, до ресурсите кои треба потоа да се ползуваат за поудобен живот на победниците. Во таа „племенска“ борба никогаш не победува идејата, туку партијата. Не победува „големата слика“ за колективна благосостојба, туку личната полза до следните избори.

Во Македонија за поразот на идеи како никој да не жали, а поразот на противникот се слави со триумфализам до екстаза.

На син ми како мал често му пуштав кратки анимирани видеа со Петко на „Пет плус" продукција насловени како „утро", „пладне" и „вечер". Главниот наратив на Петко беше дека „правилата постојат за да ги заштитат нашите права". Децата со тоа ја учеа суштината на носењето закони и политички мерки, дека тие се носат за ги заштитат и унапредат правата на сите граѓани, а не оние на партиските „племенски" старешини и нивни поддржувачи. Штета што возрасните, особено мнозинството креатори на политики, тие лекции никогаш не ги совладале.

Потребененовнаративштоќегозамениклиентелистичкиот

Резултатот од таа „на-ти, дај-ми" филозофија на која пософистицираното име ѝ е клиентелизам, а презимето клептократија, е нефункционални институции и силни политичари. Се слави моќта на поединецот, а не на идејата. И дебатата останува на ниво на пресметка на личности (кој е за Заев, а кој за Мицкоски) наместо за процеси и за одредување на „големата слика".

Таа очајна нефункционалност на институциите и отсуство на граѓаните од политиките во смисла на заеднички квалитет на живот, имав чест да ја почувствувам неодамна, тазе вратена во Скопје на одмор.

Морав да ја продолжам важноста на возачката дозвола. Успеав да закажам термин електронски, среќна дека дигитализацијата функционира. Се појавувам на одреденото место и време наведено во електронска порака. Дури закажав и состанок половина час по терминот, заборавајќи ја реалноста во Македонија.

Во исто време и на исто место имаа закажано уште 50 граѓани, сите збутани во една просторија, каде беше загушливо и без столови, односно место каде можеш достоинствено да почекаш два или три часа колку што отприлика треба да се услужат сите закажани.

Таму, на тие 50 квадрати простор, јасно се гледаше згазеното достоинство на граѓаните. На кои не им се почитува времето како ресурс, елементарното достоинство и потреби што државата треба да ги сервисира.

Други колумни од авторката:

Која приказна сакаме да е нашата приказна?

„Големата оставка“ и потребата од ревидирањето на односите вработени-компании

Што ги поврзува Европското во фудбал и сечата во Центар?

Имаме ли ние наше „Можеме“ за претстојните локални избори?

А може да е поинаку и многу едноставно. Да се закаже термин за онолку луѓе за колку што има столови (кои ги нема) во просторијата или да се направат услови за капацитетот што треба да се услужи. Наместо да се купи скапо служебено возило за некој функционер, можеа парите да се наменат за функционалност на институциите. Просторија која ќе обезбеди достоинство при вршење на неопходни административни работи.

Институциите се нефункционални бидејќи не постои визија, односно „големата слика" за тоа каде треба да сме за десет, дваесет години и кон таа слика да се креираат политики преточени во мерки.

Единствениот аспект на граѓанинот кој на креаторите на политики им е важен, е неговата улога на гласач на денот на избори. Не им е битен неговиот квалитет на живот, туку неговиот глас. За кој се спремни индивидуално да му го зголемат популистички квалитетот на живот, макар ужасно краткорочно, за да го исползуваат во теснопартиски цели.

За да се промени партиската реалност која базира на клиентелизам, потребен ни е нов наратив. Наратив што ќе се темели на вредности. На враќање на вредноста на животот на граѓаните. Каде нема да се ветува, на пример, поевтина струја на краток рок, што е неодржлива мерка, туку ќе се креира одржлива „голема слика" во енергетскиот сектор, која ќе овозможи природно поевтинување на струјата со зголемување на енергетски потенцијали.

Каде нема да се нуди продолжување на рок за легализација на дивоградби и одново откочување на криминална спирала за стекнување нелегален имот повеќе, туку за планирање и градење според потребите на заедницата. Каде секој е важен. Ако секој има еден живот на располагање, да се чувствува во тој еден живот достоинствено, но не на штета на другите, туку заедно со другите.

Квалитет на живот на заедницата, а не на партијата да стане новиот императив.

Но, не само мнозинството функционери, туку за жал и голем број граѓани сега се навикнати на живот што го поддржува клиентелизмот и тој начин на функционирање веќе е вграден во нашиот колективен идентитет.

Тоа е своевидна комфор-зона, да се фати приклучок кон победничката партија, да се фати врска и да се дојде до политичка поддршка за водење бизнис или добивање тендер.

Излезот од таа комфор-зона кон еден наратив за поквалитетен живот на заедницата како исчекор бара доволен број на луѓе кои за тоа се залагаат. Во и вон партиите.

Тие луѓе ќе се препознаваат и здружуваат, а тоа ги плаши оние кои виреат единствено на клиентелистички терен и кои се спремни и со душман да се прегрнат, само да опстои нивната сегашна комфор-зона.

Таквата синергија на идеи и енергија за поинаква приказна на луѓе кои се залагаат за вредности наместо силни поединци, и кои можеби во моментов се здружени во граѓански иницијативи, не може да се стопира со закон.

Ако некој прогласи дека ја укинува пролетта, цвеќињата зарем нема да процветаат? Дали ако некој го прогласи сонцето за неуставно, тоа послабо ќе грее?

Ако се соберат доволен број поединци што ќе го сменат наративот, од оној - да се „убие" противникот за да се обезбеди еклузивен пристап до изворот, кон тоа да оживее идејата за колективен пристап до заедничките ресурси, ќе се променат и хероите на нашето време.

Од носители на функции кон носители на идеи и процеси.