Заев и Мицкоски се разминуваат за неколку недели за изборниот датум | Северна Македонија | DW | 05.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев и Мицкоски се разминуваат за неколку недели за изборниот датум

Лидерите на двете најголеми политички партии вечерва во интервјуа лицитираа со можниот датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Заев ја посакува средината на јуни, Мицкоски- еден месец подоцна

Датумот на одржување на предвремените парламентарни избори најверојатно ќе биде договорен на лидерска средба следната недела, во пресрет на истекувањето на вонредната состојба. Според изјавите на лидерите на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ желбите на двете најголеми партии се разликуваат за околу еден месец. Зоран Заев сака избори на средината на јуни, а Христијан Мицкоски очекува тие да се случат подоцна- кон средината на јули. Компромисот би бил крајот на јуни или почетокот на јули.
Заев вечерва порача дека е подобро избори да се одржат што порано поради неизвесноста со пандемијата на коронавирусот.
„Ние сакаме порано затоа што никој не може да каже кога ќе се јават наредни бранови на корона кризата. Светот дискутира за тоа. Велат може да има следен пик во септември. Дај Боже да нема, но што доколку има?“, изјави Заев во интервју за телевизијата 24.
За истиот медиум, Мицкоски ја наведе средината на јули како можен термин, оправдувајќи го таквиот став со образложението на претседателот на ДИК дека се потребни 50 дена за организирање на изборите.
„Ако претседателот на државата ја прекине вонредната состојбата, тогаш теоретски во првата половина на јули е најбрзо што може од денеска да се создадат услови за изборно соочување“, рече Мицкоски за ТВ 24. Тој додава дека избори треба да се одржат тогаш „кога нема да се бројат жртви од коронавирусот и нема да има опасност од зараза".
И Заев и Мицкоски се убедени дека нивната партија ќе победи на изборите. Лидерот на СДСМ вели дека неговата партија ќе триумфира без оглед кога ќе се одржи гласањето „заради тоа што Владата има сериозни успеси, менаџментот со кризата е дополнителен успех којшто се калкулира од страна на граѓаните, ги решивме сите прашања".
„Јас немам дилема дека кога и да се случат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ. Ќе го победи убедливо и тука немам никава дилема и тоа со разлика од најмалку двоцифрен број пратеници", рече Мицкоски.
Утре Уставниот суд ќе пресече за распуштањето на Собранието и закажаните избори на 12 април.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама