Заев за ДВ: Она што го прави Груевски е за да се пазари за амнестија | Македонија | DW | 02.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев за ДВ: Она што го прави Груевски е за да се пазари за амнестија

На граѓаните и на Иванов уште еднаш ќе им биде предочена Програмата на новата Влада. Ние сме сериозни политичари и со тоа сакаме уште еднаш да ги разбиеме сите неразумни аргументи на Иванов, вели лидерот на СДСМ.

Неколку дена по крвавиот четврток и по вчерашните пораки од стратегискиот партнер на Македонија, САД, разговаравме со лидерот на СДСМ, Зоран Заев за идните чекори на парламентарното мнозинство по изборот на новиот собраниски претседател. Заев зборува како мнозинството ќе одговори на гаранциите што ги бара Иванов, за поддршката на демократските процеси добиени од домашната и меѓународната јавност, за потребата од итни и длабоки реформи, но и за одговорност пред законот на сите инволвирани во минатонеделното насилство. 

ДВ: Како ги оценувате ставовите на Иванов по средбата со Хојт Ји, особено барањето да го исполните јавно искажаниот збор дека „ќе дојдете и заедно со коалициските партнери ќе обезбедите гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сѐ ќе биде во согласност со Уставот на РМ“. Навестува ли ова дека Иванов, сепак, ќе го даде мандатот за влада?

Зоран Заев: Јас ја објавив јавно Програмата на новата Влада каде што има јасни гаранции за почитување на унитарноста на државата, Уставот и евроатлантските перспективи. Програмата е ставена и на веб-страницата на СДСМ и е позната за целата домашна и меѓународна јавност. И како партија, и како парламентарно мнозинство, повеќе пати недвосмислено сме кажале дека не постојат никакви закани за унитарноста и целовитоста на Македонија. Тоа се измислици на Никола Груевски за да го спречува трансферот на власта, во што му помага Иванов. Причината е позната - страв од промените кои носат правда за сите. Ќе им биде предочена уште еднаш на граѓаните и на Иванов содржината на Програмата на новата Влада. Ние сме сериозни политичари, кои имаат намера одговорно да ја водат државата и со овој потег сакаме уште еднаш да ги разбиеме сите неразумни аргументи на Ѓорге Иванов. Порачувам и тој конечно да направи едно нешто во интерес на граѓаните и да го даде мандатот.

Но, Иванов бара дијалог и повторува дека „платформата од Тирана не може да биде услов, ниту пак основа за формирање Влада во Република Македонија“. Кои ќе бидат следните чекори на мнозинството во однос на овие ставови на Иванов? 

Единствен валиден документ што постои е Програмата на новата реформска Влада. Тоа го знае и Иванов, кој исто така знае дека за истите почетни позции на албанските партии преговараше и Груевски цели 20 дена, но тогаш тоа не му пречеше. Почна да му пречи откако Груевски не успеа да формира Влада. Повторувам, постои Програма на Влада која гарантира сигурна, стабилна, економски и евроатлантски просперитетна иднина за сите граѓани на Македонија и никој нема право да го кочи тој процес. Одлучувачка е мнозинската волја на граѓаните кои преку своите 67 претставници во Парламентот го формираа парламентарното мнозинство. Прашувате што следува. Избран е новиот претседател на Собранието и тој ќе испрати официјално известување до Иванов дека има демократски формирано легитимно парламентарно мнозинство и дека Ѓорге Иванов е должен да го даде мандатот за формирање Влада. Посочувам дека парламентарното мнозинството има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на кредибилни изборите и таа обврска ќе ја исполни.

Пред македонската јавност се пласираа тези дека изјавите кои досега доаѓаа од Стејт департментот и од амбасадата на САД се „приватни изјави“ на кадровски остатоци од администрацијата на Обама. Ги демантира ли таквите шпекулации посетата и пораките на Хојт Ји? 

Многу е јасна пораката на заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји и таа е на линија на сите досегашни искажани ставови од САД и амбасадата во Скопје - сите да ги поддржат демократските процеси за да се формира новата Влада. Ова е порака и од ЕУ и целата меѓународна демократска јавност, ова е очекување и на граѓаните кои гласаа за промени. И нова Влада во Македонија ќе има.  

Која е најзначајната порака што стигна од стратегискиот партнер на Македонија - САД, преку посетата на Ји?

САД се еден од нашите најзначајни стратегиски партнери и како и досега застануваат зад државните интереси на Македонија со целосна поддршка на демократските процеси. Насилството не е решение и не носи добро на Македонија, напротив - ја влече кон дното. Претседателите на сите политички партии и институциите мора да го сфатат својот дел од одговорноста и да дејствуваат во насока на поддршка на демократските вредности што отвораат евроатлантска иднина на државата.

Насилството во парламенот најдиректно ги покажа метастазите на партијата во државата. Ако во парламентот упаднале „да изразат гнев“ и вработени во МВР, во АР и АРМ, може ли одговорноста да се сведе на 15-тина лица? Што со оние кои јавно мобилизираа на насилство, но и оние кои ги отвориле вратите на парламентот за да влезе толпата? 

Мора да има одговорност и за извршителите на насилното крваво сценарио во Парламентот, но и за нарачателите. По она барање за амнестија од организатори и мотиватори на протестите, но и по вчерашната реакција на ВМРО-ДПМНЕ со оправдување на насилствата, јасно е кои се нарачателите - Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Иванов, Вељаноски, Чавков. Јасно е, станува збор за организирано насилство со лица од институции на системот и ова е уште еден доказ дека на Македонија итно ѝ се потребни промени. И промени ќе има. Секој кој сторил дела против граѓаните и државата, ќе мора да се соочи со правдата. Во соработка со стручната јавност и со граѓаните ќе обезбедиме професионален, праведен и независен правосуден систем, а ќе ги ослободиме и институциите да работат независно, во интерес на граѓаните. Да, тоа е процес, но одлучни сме да го обновиме државниот систем во којшто, како што гледаме, има остатоци од режимот во рапаѓање.

Трајко Вељаноски тврди дека е сѐ уште актуелен претседавач и дека ќе закаже седница кога тој ќе оцени дека има услови. Техничкиот премиер неовластено од име на владата му даде поддршка на Чавков. Бидејќи има сериозни индиции дека нема да се дозволи мирен трансфер на власта, очекувате ли дека ќе поттикнат „втора рунда“ насилство? Како ќе се превенира тоа со оглед на високата партизираност на МВР?

Спроведоа организиран обид за убиство на пратеници и насилство врз новинари и вработени во Собранието. Извршија тешко кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ние покажавме како достоиствено се бранат државните интереси и како се сака Македонија. Не дозволивме да ја реализираат намерата да направат хаос во државата, меѓуетнички судир, судир на граѓани од иста етничка заедница, државен удар, за да отворат простор за налудничавото сценарио Иванов да прогласи воена состојба. Тоа им беше намерата. Со оваа група околу Груевски никој не може да биде на чисто што тие планираат. Но јас знам што ние нема да дозволиме. Нема да им го дозволиме сценариото. Мудро, со почитување на деловникот, Уставот и законите, со смиреност, и наша и на граѓаните, со поддршката и од домашната, но и од меѓународната јавност, ќе ја реализираме нашата обврска за избор на новата Влада на граѓаните. Иако институциите се партизирани, знаеме дека во нив постојат професионалци кои нема да тргнат во кршење на Уставот и законите и против интересите на граѓаните. На крајот, видовте каква зрелост покажаа и самите граѓани кои ја препознаа намерата на овој разулавен режим во заминување и не се вовлекоа во провокациите.

Со оглед дека имаше многу шпекулации, Ве прашувам: дали Груевски директно или индиректно барал од вас гаранции за негова и амнестија на одредени лица од неговото најблиско партиско и семејно окружување?

Да, Груевски ова што го прави, го прави за да се пазари за амнестија. Амнестија нема да има. По сѐ што слушна јавноста што сѐ Груевски правел - ќе оди на суд. Ќе има независен судски систем, судот ќе ја цени неговата вина. Но бегање од соочување со правдата - нема. Ветив на граѓаните, Македонија ќе биде правна држава и правдата ќе важи подеднакво за сите.

Додека папата Франциско повикува на молитва за мир во Македонија, владици од Синодот на МПЦ држат политички говори на „патриоти“, професори јавно го фалат насилството и бараат уште повеќе... Колку длабоки реформи сте подготвени да спроведете - за општеството да се врати во нормала, имајќи го предвид високото ниво на рудиментирана свест во клучни сфери - образование, култура, безбедност...

Демократијата не е лесна работа, ниту е едноставен процес. Затоа е потребно сите да се вклучат во обновата и изградбата на демократските вредности во Македонија, што режимот ги уништи изминатите 10 години. Ние сме одлучни, тоа го наведовме и во нашата предизборна Програма, на тоа се обврзуваме и во Програмата на новата реформска Влада. Сите потребни реформи ќе ги спроведеме, од извештаите на Прибе и на Европската Комисија за да ја застанеме Македонија на нозе. Тоа значи дека ќе овозможиме институциите да работат професионално и независно од политиката. За граѓаните, не за политичарите како досега. Тоа се однесува на судството, на медиумите, на регулаторните тела што имаат обврска да ја контролираат власта. Но, сѐ е руинирано и во здравството, и во социјалата, и во образованието... Каде и да се завртите, нема здрав темел во државниот систем. Економијата е катастрофа. Луѓето се осиромашени. Нѐ чека многу работа. Но да ви кажам, едвај чекам да почнеме. Имаме верба дека ќе изградиме од Македонија земја достојна за почит, имаме визија и план, имаме квалитетни луѓе кои можат да ги понесат промените. Ќе се живее добро во Македонија. Живот за сите ќе има.

Овие денови, од кого сѐ добивте меѓународна поддршка за продолжување на демократските процеси, кои треба да ја вратат земјата на реформски и евроатлантски патеки?

Цела демократска домашна јавност, професори, научници, лекари, граѓани од сите сфери во општеството, земјоделци, студенти, но да знаете има и неопределени граѓани и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои згрозени до каде можеле да одат Груевски и раководството, до нарачани убиства, велат - ајде побрзо да се случат промените и сите да здивнеме. Не им е лесно и на овие луѓе. Верувајте огромна поддршка има од граѓаните, и последната маска на режимот падна.

Ако мислите на меѓународната заедница, голем број амбасадори, претставници на земјите пријатели на Македонија во земјава, но и високи владини и државни претставници од држави од ЕУ и светот, изразија поддршка на демократските процеси. Најголем дел од нив и јавно, така што и вие го знаете тоа. Нема враќање. Македонија оди напред, никој ниту смее да го спречи тоа, ниту ќе дозволиме да го спречи.

Кој момент од минатиот крвав четврток е нешто што никогаш нема да го заборавите?

Разулавените погледи на криминалци и убијци кои беше јасно дека дошле со намера да падне крв, да згаснат човечки животи. Тешко ми паѓа дека и низ ова моравме да поминеме, не само како партија, како мнозинство, туку и како држава. Но како велат, секое лошо е за добро. Сѐ излезе на виделина. Сега треба само внимателно и мирно да продолжиме по нашиот пат, вистинскиот пат. Тоа е патот на промените. Патот на животот во Македонија.

DW.COM

Реклама