Заев вели дека не е многу далеку од договор со Бугарија | Северна Македонија | DW | 23.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев вели дека не е многу далеку од договор со Бугарија

Дали „пријателството“ меѓу Скопје и Софија е посилно од историските спорови ќе покажат наредните две недели. Заев и Борисов денеска со оптимистички најави дека е можен дијалог и решавање на билатералните прашања

„Не сме многу далеку од договор со Бугарија“, изјави денеска премиерот Зоран Заев на маргините на Македонскиот енергетски форум. Запрашан дали има волја за средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и шанса за решение до декемврскиот состанок на Советот на министри на ЕУ, Заев со оптимистички најави:

„Треба да имаме добра волја и да гледаме позитивно и да ја имаме проектирано иднината пред нас. Верувам дека договорот ќе се случи до вториот Совет на министрите на Европската унија на 8, 9 или 10 декември, а ќе имам и средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Верувам дека и работните групи, коишто контактираат интензивно, ќе создадеме атмосфера за тоа“.

По минатонеделното вето на Софија, со кое се блокираше патот на Северна Македонија кон ЕУ, Заев денеска вели дека Бугарија е голем пријател и прави се што е неопходно во нејзина функција за да се постигне решение за отворените прашања. Тој смета дека ова дополнително време им дава можност на двете страни да бидат паметни и да ја искористат шансата.

Запрашан на какви отстапки е согласна земјата за да се постигне решение, Заев изјави рече не станува збор за отстапки, туку за решение од двете страни и дека има начини како да се дојде до тоа. „Драго ми е што Бугарија ги признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност и со тоа ќе се изнајде решение во кое секоја од страните ќе внимава на интересите на другата страна“, дециден е премиерот.

Гледај видео 26:25

Интервју Зоран Заев: Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

И Борисов е за дијалог

Можноста за решавање на билатералните прашања, претходно ја најави и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа треба да го сакаат и да биде направено од обете страни“, напиша на Фејсбук, Борисов, објаснувајќи дека ова го изјавил на видео-конференциска средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и Швајцарија.

Историчарите на нова средба

Македонските и бугарските историчари на 3 и 4 декември на онлајн средба повторно ќе се обидат да најдат решение за спорните прашања, околу кои се кршеа копјата на последната средба во октомври во Скопје. На маса повторно ќе се најдат конфронтациите околу Гоце Делчев и средновековниот период.

„Бугарските барања се апсолутно неприфатливи за нас, не се согласуваме дека под поимот заедничка историја се подразбира само историјата на бугарскиот народ до 1944-тата година“, вели првиот човек на македонскиот тим од мешовитата комисија за историски прашања, Драги Ѓоргиев. Во интервју за бугарската ТВ Европа, Ѓоргиев признава дека бугарската блокада предизвикала негативни реакции во македонското општество, па дури и притисок македонската страна да ја прекине работата во заедничката комисија. Ѓоргиев цени дека актуелната политичка ситуација ќе има влијание врз работата на Комисијата, но дека дијалогот треба да продолжи. Останува на ставот дека не треба да се задира во идентитетот на Делчев. 

Реклама