Завршена „војната на шпионите“ по нападот во Манчестер | Свет | DW | 26.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Завршена „војната на шпионите“ по нападот во Манчестер

Истрагата по терористичкиот напад во Манчестер се забрзува, се вршат рации, претреси, но сепак нема решавачки пробив. Британците ја „испеглаа“ кавгата со американските полициски служби.

По самоубиствениот атентат во Манчестер извршен врз посетителите на концерт, британските истражни органи интензивно се трудат да ја разоткријат претпоставуваната исламистичка мрежа зад нападот. Полицијата утрово уапсила уште еден осомничен во Манчестер, како што соопшти на Твитер, а извршен е претрес на неколку објекти. Во моментов во притвор се наоѓаат осум лица, во меѓувреме биле ослободени еден маж и една жена.

Во самоубиствениот напад во понеделникот вечерта врз посетителите на поп-концерт на американската пејачка Ариана Гранде, 22-годишниот Салман Абеди, Британец со либиско потекло, усмрти 22 лица. 116 луѓе се наоѓаат во болница со потешки или полесни повреди. Полицијата претпоставува дека Абеди не го извршил нападот без помош, туку дека зад делото стои цела терористичка мрежа. Напаѓачот ѝ бил познат на полицијата, но не бил под постојана контрола.

UK Queen Elizabeth besucht bei Anschlag verletzte Kinder in Manchester (picture alliance/empics/P. Byrne)

Британската кралица во посета на повредените во нападот

Британските тајни служби повторно разменуваат информации со американските служби, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја уверил британската премиерка Тереза Меј дека ќе бидат затворени изворите од кои протекоа доверливи информации по нападот.

По разјаснувањето на случајот со нивните американски колеги, истражителите од Британија повторно ја воспоставија размената на информации со тајните служби од САД, потврди Марк Роули, раководителот на терористичката истрага во Британија. Британците добиле нови цврсти ветувања дека на Американците можат да им бидат доверувани бризантни информации.

Довербата меѓу партнерите доживеа слом откако во американските медиуми протекоа детали од тековната истрага во Британија, преку американските служби, кои требало да ја гарантираат нивната тајност. Британската влада претпоставува дека од извор во американската тајна служба на „Њујорк тајмс“ му се доставени форензички снимки од местото на атентатот, со што е извршено загрозување на истрагата. Американските медиуми беа први кои го објавија и името на напаѓачот од Манчестер.

Во Либија, според тврдењето на либиските специјални сили, биле уапсени таткото и помладиот брат на атентаторот, кој наводно бил запознат со деталите од извршениот атентат. Велика Британија по нападот, првпат по 2007 година повторно воведе највисок степен на тревога во земјата, со што полицијата доби помош и од војската. Британските безбедносни органи во изминатите четири години спречиле 18 планирани терористички напади, тврди владата.

Британската кралица Елизабета Втора вчера ги посети повредените жртви од терористичкиот напад во Манчестер во болница.

 

DW.COM

Реклама