ЕУ мора да му пркоси на Трамп | Свет | DW | 01.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ мора да му пркоси на Трамп

САД беа извонредна земја. Тогаш дојде Доналд Трамп. Неговата политика во секој случај ќе ѝ наштети на Европа. Затоа ЕУ мора да се брани- по можност со збиени редови, смета Бернд Ригерт.

Францускиот весник Либерасион на насловната страница неделава го постави вистинското прашање: Трамп- може ли да биде сопрен? Можеме ли ние Европејците да го запреме егоманот кој од бизнисмен и ТВ-забавувач прерасна во како од ланец пуштен претседател? Тоа ќе биде една од најтешките задачи, која ЕУ некогаш ја имала. Зашто човекот кој со неверојатна брзина ги подрива темелите на американската демократија и во меѓувреме предизвикува конфузија ширум светот, навистина мисли сериозно. Сите смирувачки осигурувања дека функцијата ќе го изделка Трамп и ништо нема да се јаде толку врело, колку што тој го зготви за време на изборната кампања, се безвредни.   

Германија како можна главна цел

Доналд Трамп, јасно да се каже, претставува опасност за Европската унија и за либералните демократии во Европа. Тој симпатизира отворено со автократот Путин. Тој ги поддржува националистичките и популистичките движења во ЕУ.  Затоа не зачудува тоа што од ова ќоше, без оглед дали е тоа Герд Вилдерс во Холандија, Марин Ле Пен во Франција, Ханс-Кристијан Штрахе во Австрија или Бепе Грило во Италија, му се возвраќа со воодушевување. Уште полошо: Американскиот претседател се залага за растурање на ЕУ, излегувањето на Велика Британија од Унијата го смета за одлично, а остатокот на ЕУ за конзорциум раководен од Германија.

Во неговите збркани претстави за светот, Трамп ја смета ЕУ, значи и Германија, само за економски конкурент, кој треба да се победи. Германија со нејзиниот извозен суфицит, меѓу другото и со САД, според начинот на размислување на оваа впечатливо недоделкана американска администрација, е центар на злото. Трамп сака радикално да го преобрати американскиот трговски дефицит со недоречени пароли како „купувај американско, вработувај американски“. Тој ќе воведе нови даноци и царини, сѐ едно дали тие економски погледнато се бесмислени или не. Затоа ЕУ мора уште денеска да се подготви за трговска и економска војна од непознати размери.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Кога новиот претседател на САД ќе го урне поредокот на глобалната економија, Европа мора да биде подготвена и да бара нови партнери во Азија. Може да се аргументира дека Трамп со еден таков пресврт кон изолационизам и државен интервенционизам би можел да ја доведе во ризик веродостојноста, а со тоа и кредитната способност на САД. Но рационални аргументи досега не го запреа!?

Силни зборови од Туск, ќе следуваат ли и дела?

Конечно, 11 дена откако Трамп стапи на функцијата во Вашингтон, за збор се јави и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Тој ги класифицираше САД како закана, слично на заканите од Русија, Кина или од исламистичкиот тероризам. Туск побара радикални чекори за спас и зачувување на ЕУ. Тоа звучи остро, но за жал е исправно. Предолго од Брисел не се чу ништо за опасните ескапади на Трамп. 

Само од Берлин и од Париз можеше да се чуе слаб протест. Полска, Чешка и Унгарија не ја критикуваа привремената забрана за влез во САД за мигранти и бегалци од седум муслимански земји, зашто таму на власт се исто така националистички сили. Но најдоцна кога во прашање ќе биде економскиот развој и благосостојбата во Европа, на кои Трамповата администрација исто така им се заканува, Европејците ќе ги збијат редовите- да се надеваме.

Сигнал од Малта кон Вашингтон?

На неформалниот самит на Малта в петок 28-те земји членки на ЕУ имаат можност, да формулираат јасен одговор за Трампизмот. Можеме ли да го сопреме? Да - ама само заеднички! Една шефица на влада веројатно уште сега мора да се изостави од тоа. Британската премиерка Тереза Меј веќе му се закачи на вратот на Трамп во надеж за трговски договор. Со оглед на тоа што Велика Британија повеќе извезува отколку што увезува од САД, таа не би требало да има големи надежи за предности. И во Велика Британија националистите и изолационистите го водат главниот збор. Тие допрва ќе зажалат за нивниот курс.

Една надеж останува: американскиот Конгрес и во нужда и судовите можат да го подзабават победничкиот поход на Трамп. Но што е со милионите кои го избраа? Зошто го доведоа во Белата куќа ноторниот искривоколчувач на факти и измамник? За тоа и натаму нема одговор.

 

DW.COM

Реклама