ЕУ како дестабилизатор | Северна Македонија | DW | 18.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕУ како дестабилизатор

Непресметливата политика кон Балканот, покажува примерот со Заев, во регионот има дестабилизирачко влијание, пишува „Зиддојче цајтунг.“ Макрон во меѓувреме го релативираше својот одбивачки став, но довербата е нагризана.

Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ објавува коментар на авторот Тобијас Цик со критика на сметка на политиката на ЕУ, која води до дестабилизација, за што сведочи примерот со Северна Македонија. Во земјата ќе следат предвремени избори како последица на француското вето во октомври за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија:

„Нека рече некој дека ЕУ на надворешнополитички план нема веќе вредно за споменување влијание - Зоран Заев од сопствено болно искуство може да го посведочи спротивното. Социјалдемократскиот екс премиер на Северна Македонија успеа, наспроти отпорот на националистите, блиски до Москва, да издејствува неговата земја да го промени името, на тој начин отстранувајќи ја најголемата пречка на патот кон ветениот процес на пристапување кон ЕУ. Но, во октомври, францускиот претседател Емануел Макрон изненадувачки вложи вето против почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. Брисел го прекрши својот збор, Заев поднесе оставка, а парламентот во Скопје сега го отвори патот за одржување нови избори. Не е исклучено на нив да победат националистите: наводниот доказ дека проевропската реформска политика на социјалдемократите не ѝ носи ништо на земјата, Брисел самиот им го испорача. Макрон во меѓувреме го релативираше својот одбивачки став, а ЕУ им дава нови надежи на западнобалканските земји, но довербата е трајно нагризана. Брисел мора брзо да се усогласи околу обврзувачка линија кон југоисточното соседство. Непресметливата политика кон Балкан, покажува и примерот со Заев, во регионот развива дестабилизирачко влијание.“

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се осврнува на односот на ЕУ кон Албанија, за кој албанскиот премиер Еди Рама смета дека е неправеден, во текстот со наслов „Разочараниот зет ја чека невестата“:

„Албанскиот премиер Еди Рама во понеделникот раскажа приказна, која според него, ја илустрира дилемата на неговата земја. Тој неодамна имал посета од висок по ранг претставник на членка на ЕУ, кој инстистира на посебно длабоки реформи за да можат да почнат преговорите за пристап кон ЕУ. Посетителот побарал ангажирање патрола со тешко вооружување пред да го напушти својот авион. ’Тој мислеше дека стигнува во Кандахар’, изјави Рама, значи во делот на Авганистан кој го контролираат талибанците. Рама во разговорот со европските новинари во Брисел не откри на каков начин бил решен проблемот. Но, кога посетителот конечно се нашол пред Рама, бил многу засрамен. Албанија се чувствува неправедно третирана, гласеше централната порака на Рама во Брисел...

Рама смета дека Албанија е ’колатерална штета’ во интерна кавга во самата ЕУ меѓу две визии, имено меѓу приврзениците на посилно продлабочување на Унијата и оние кои се залагаат за проширување...

Албанскиот премиер ја споредува ситуацијата на својата земја со онаа на зет кој се дотерал и чека во црквата на големиот момент, за да констатира дека невестата ја нема. Човек се учи на неволјите, вели Рама, истакнувајќи дека сега не сака да разгорува големи очекувања. Ако следниот пат на венчавката невестата повторно не се појави, шокот ќе биде помал.“

 

Реклама