ЕУ го победи Трамп | Економија | DW | 26.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

ЕУ го победи Трамп

Трамп попушти- наместо казнени царини, сега, по посетата на Жан Клод Јункер на Вашингтон- тој се залага за укинување на царините кон ЕУ. Тоа е така затоа што ЕУ демонстрираше сила и единствено, смета Карстен фон Намен

Како му успеа тоа на Јункер? Претседателот на Европската комисија со посетата на Белата куќа постигна повеќе одошто можеше да се надева. Паднаа зборови за „нова фаза на пријателство и блиски трговски односи“, за преговори чија крајна цел е да се укинат сите царини и други трговски пречки. И сето тоа по повеќемесечна агресивна реторика на Доналд Трамп против ЕУ и, пред се, против Германија.
Очекувањата од средбата не беа големи. Последните недели Трамп на Твитер, во интервјуа и говори пред симпатизерите говореше за „нефер“ трговска политика на Европејците, ја означи ЕУ како противник на САД и најави казнени царини за европските автомобили.
Па сепак- и тоа е дел од одговорот на прашањето од првата реченица- Јункер имаше среќа. Бидејќи токму во моментот на неговата посета, противењето на конфронтативната трговска политика на Трамп достигна критична точка.
Освен отпорот на меѓународните партнери се погласни станаа критиките од Конгресот, партијата на Трамп, од американските здруженија на стопанственици и фармерите од Средниот запад кои инаку го поддржуваат Трамп, но на своја кожа чувствуваат кога нивниот претседател истовремено ќе се судри со Кинезите, Јапонците, Канаѓаните, Мексиканците и сега и Европејците.
Секако дека Трамп никогаш нема да признае дека погрешил. Но очигледно дека непресметливиот популист од Белата куќа дошол до заклучок дека е добар момент да излезе од ровот и, макар привремено, да ја одигра картата на соработка и на своите фанови тоа да им го продаде како сопствен успех.
Всушност ова е јасна победа на Европската унија. А тоа е вториот дел од одговорот како успеа Јункер: Европејците се држеа заедно кога Трамп со своето дивеење сакаше да ги принуди на отстапки. На притисокот одговорија со притисок и не потклекнаа ни кога американскиот претседател најави болни царини на европските автомобили.

von Nahmen Carsten Kommentarbild App

Карстен фон Намен


За волја на вистината и ЕУ нешто понуди: ќе увезува повеќе течен гас од САД, соја и други земјоделски производи. На тоа Трамп ќе инсистира пред своите приврзаници. По повод преговорите кои ќе следат за договорот за слободна трговија, кој пред неколку дена го најави на Твитер, Трамп ќе рече: Гледате, ги довлеков Европејците на преговарачка маса.
Но факт е дека ЕУ отсекогаш сакаше токму таков договор. Преговорите кои треба да почнат се некаква поблага верзија на трансатлантскиот договор за слободна трговија ТТИП кој Трамп минатата година го прекина со реторички грмеж.
Тоа е типичен Трамп: како невоспитано дете ги урива коцките кои другите ги наместиле, само за подоцна самиот некако да ги состави и да тврди дека тоа е негова заслуга. Јункер премина преку тој инфантилен манир како добар дедо преку однесувањето на безобразниот внук. Добро е што е така, се додека му служи на европското стопанство и на она што остана од трансатлантската заедница.
Европејците по последната епизода на шоуто на Трамп треба најпрво да ја совладаат следната лекција: истрајноста во ставовите и заедништвото и донесоа успех на ЕУ.
Трамп е силеџија од школскиот двор кого не може да го омекне ниту еден апел за разум. Врз него впечаток оставаат силата на другата страна и искуството дека може да добие по нос доколку малтретира и уценува. Тоа Европејците не треба да го заборават кога дивиот рис од Белата куќа ќе го добие следниот излив на бес, а тоа можеби ќе биде уште утре, веќе во следниот твит.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама