Ердоган кај Путин: Пресврт во рекордно време | Свет | DW | 09.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган кај Путин: Пресврт во рекордно време

Со средбата на претседателите на Русија и на Турција завршува леденото доба меѓу двете земји, предизвикано од соборувањето руски борбен авион. Експертите се изненадени од темпото на затоплувањето на односите.

Студената клима меѓу Русија и Турција владееше седум месеци, затоплувањето само шест недели. Кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Русија ќе се сретне со својот руски колега Владимир Путин, тие ќе го завршат свртувањето од 180 степени.

Ердогановото паѓање на колена во знак на покорност почна со негово писмо до Путин на крајот на јуни. Писмото се однесуваше на соборувањето на руски воен бомбардер од типот СУ-24 од страна на турската воздушна авијација на 24. ноември 2015 година на турско-сириската граница и во него Ердоган им се извини на семејствата на жртвите.

Соборувањето, при кое загинаа двајца руски пилоти, ги залади односите меѓу дотогаш блиските партнери во драстична форма. Русија меѓу другото реагираше со забрана за внесување турски прехранбени производи и ги укина сите директни летови во летувалиштата омилени кај милиони Руси. Освен тоа, Москва ја стави на мраз изградбата на нафтоводот низ Црното Море и на една нуклеарка. Натамошната судбина на овие проекти ќе ја решаваат Путин и Ердоган лично.

Руска поддршка по обидот за пуч

Повторното меѓусебно приближување е дотолку поизненадувачко, ако се има во предвид односот кој владееше до пред кратко. По соборувањето на рускиот борбен авион, Ердоган изјави дека неговата земја не толерира никакви повреди на границите. Во неделите претходно, Анкара повеќепати протестираше што руските бомбардери вршат повреда на турскиот воздушен простор на границата кон Сирија. Кај Западот растеше загриженоста од воен конфликт меѓу Русија и НАТО-членката Турција.

Vladimir Putin Recep Tayyip Erdogan Russland

Од тесно пријателство, до вербална војна, па пак до блискост: Ердоган и Путин

За Путин, соборувањето беше „нож в грб“. „Алах реши да ја казни владејачката клика во Турција, одземајќи и‘ го разумот“, критикуваше тој во говор на почетокот на декември 2015. година. Москва го обвини турското раководство и за вмешаност во нафтени бизниси со Исламска држава. Руската државна телевизија речиси секојдневно го оцрнуваше Ердоган. Еден познат десничарски популист во Парламентот предложи дури фрлање атомска бомба врз Босфорот и збришување од земјата на турската милионска метропола.

Но, од неодамна се чини е збришан само рускиот гнев. Само неколку дена по испратеното писмо до Путин, Ердоган телефонираше со рускиот претседател и ја договорија сегашната лична средба. Покрај тоа, Путин ја укина забраната за чартер летови кон Турција. Од крајот на јули на турските плажи повторно потекоа реки руски туристи. По неуспешниот обид за пуч од страна на турската војска, повторно е воден телефонски разговор, овојпат на иницијатива на Москва. Путин демонстративно го поддрша Ердоган.

Анкара ги исполнува руските услови

Ваквите турбуленции во руско-турските односи можат да ги збунат дури и искусните аналитичари, пишува московскиот експерт за надворешна политика Фјодор Лукјанов во новинска статија. „По потреба, можно е заборавање и на најострите зборови“, констатира главниот и одговорен уредник на списанието „Русија и глобалната политика“.

Тоа, меѓу другото, стана можно зашто Турција, покрај формалното извинување, барем делумно исполни уште два руски услова, велат руските аналитичари. Во затвор се ставени турските воени пилоти кои го соборија рускиот борбен авион. Освен тоа, Анкара навести подготвеност да преговара за обештетување.

Приближување со пречки

Руските експерти претпоставуваат дека актуелниот развој во Турција ќе ја наведе земјата уште позасилено во насока кон Москва. Се мисли на критиката на ЕУ, САД и Западот во целост на Ердогановите зарези на демократијата по неуспешниот пуч. Русија дури би можела да биде нова потпора на Турција, смета Виктор Надеин-Рајевски од Рускиот институт за политички и социјални студии за Црноморскиот и Каспискиот регион. „Во последно време станува збор за членство на Турција во Шангајската организација за соработка и во Евроазиската економска унија“, вели тој за Дојче веле. Во двете организации Русија е клучниот играч.

Надеи-Рајевски верува оти руско-турските економски односи можат да бидат возобновени релативно брзо. Но, политичкото меѓусебно приближување напротив можно е да биде потешко. „Главниот проблем е Сирија“, истакнува експертот. Турција сака промена на режимот во Дамаск, додека Русија го поддржува сирискиот претседател Башар ал-Асад, меѓу другото и воено.

DW.COM

Реклама