Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај | Северна Македонија | DW | 18.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај

Унијата која е поделена, која е цинична, која знае да биде безобразна, која ретко не` наградува, но која за нас била и ќе биде – најдобриот од сите реално постоечки светови. Пишува Ивор Мицковски

Иако во моментот кога ова го пишувам се уште не е дефинитивен исходот околу датумот за пристапните преговори со ЕУ, повеќе од јасно е дека до такво нешто нема да дојде оваа година. Со големо жалење ќе ја констатирам себичноста на Франција, но сметам дека ваквата краткорочна одлука на Макрон, не треба да биде пречекана со дополнителна емотивност, изблици на бес или воопшто некаков вид на резигнација. И ќе се обидам да дадам еден осврт на нашата актуелна позиција, зошто дојде до ваквата неповолна ситуација, и што би требало да направиме во иднина, со цел да ги подобриме нашите шанси за брзи интеграции.

Психо-драма околу добивање или недобивање датум

Уште во мај и јуни месец пишував како не ја разбирам или барем не ја одобрувам тактиката на премиерот Заев, да се создава една автентична психо-драма околу добивањето или недобивањето на датумот. Таа позиција за жал се влоши од наша страна во последните денови на Европскиот самит, каде си дозволивме преемотивно, на моменти патетично, па дури и со доза на депресија, да апелираме датумот да го добиеме по секоја цена. Многу луѓе блиски до власта, или апологетски настроени, заразени од владиниот патетичен пристап, некритички се дадоа на исмевања и навреди кон Франција и нејзиниот претседател, мислејќи дека на тој начин ќе постигнат некаков ефект, било за домашна или за надворешна употреба. И` направија само лоша услуга на Македонија.

Во секој случај, политиката се предаде на емоциите, наместо да се обиде да ја разбере реалната состојба, да ги согледа нашите недостатоци и конечно, да разбере што позитивно може и мора да се извлече од целиот процес. Токму така, процес! Бидејќи и со датум и без него, Македонија ја чека најмалку уште цела деценија на тешки реформи пред да се понадева да стане полноправна членка на ЕУ. Процес, затоа што се има свое минато, сегашност и иднина, и секоја земја има своја поголема или помала релативна тежина во однос на интересите на засебни земји, особено оние кои имаат и суверено право, но и капацитет, да ги реализираат своите национални или политички интереси. За жал, Франција е една од тие земји.

Во целиот процес сметам дека нашата влада, како и нашата опозиција, сериозно го злоупотребија Преспанскиот договор, изедначувајќи ја промената на името со нужноста да се добие датум. Таа симплификација на нашата реалполитика и нашиот национален интерес заслужува нешто поголемо вреднување од самите креатори на тој договор.

Името го сменивме за да создадеме предуслови за напредок и нормализација со соседите, решивме горко прашање кое доколку не го надминавме немаше ни воопшто да зборуваме за датум или каков било напредок кон ЕУ. Секоја чест за тоа.

Е сега, што еден куп други работи не се направија или се направија лошо, што мислевме дека решавањето на спорови е доволно само по себе, тоа е друга стратешка грешка за која верувам во иднина ќе имаме време да си ја чукнеме главата.

Притоа, ми беше проблематично да го гледам нашиот премиер како се заканува со самата имплементација на договорите со Софија и Атина, врзувајќи ги за датумот. Така самата влада си ја намали употребната вредност на тие нејзини и наши стратешки успеси. Бара датум заради самите договори, без да се целосно имплементирани, односно, прави евтина трговија меѓу нешто што за нашите граѓани беше, и се уште е, навистина болно, трампајќи го за нешто за кое немавме гаранции дека ќе го добиеме, и кое на крај не го добивме.

Потоа, се направи грешката оваа влада премногу да го идентификува добивањето на датумот, толку гласно да вика по него, што наликуваше дека тоа повеќе го прави за своите политички и изборни интереси, отколку за нашите национални интереси. Датумот го поврзаа директно со иднината на оваа влада, го инкарнираа европскиот пат само и единствено во својство на егзистенција на актуелната влада. И така ја извртија целата работата - наместо владата и политиката да работи во функција на датум и ЕУ интеграциите, испадна датумот и ЕУ да се гледаат единствено низ призмата на оваа влада и нејзината политичка егзистенција.

За потсетување, цели 11 години тоа беше политиката и наративот на ВМРО-ДПМНЕ, само во националистичко и автархично својство. Власта треба да и служи на оваа земја во обид за некаков напредок, свесна дека треба да остави простор и за институционален и политички континуитет, а не да се издигнува до политички хегемон и стабилизатор без кој не се може.

Но, се ова се болестите на нашата ситна, провинциска и поделена политика. Донекаде разбирлива, но навистина контрапродуктивна.

Од каде ни е нам ова брзање и оваа недоверба?

Ќе продолжам со една мала приказна. На 18 април 1951 година, опкружени од мермерот и златото на Собата на часовници во Ке Д'Орсеј, француското министерство за надворешни работи, шест луѓе потпишуваат еден документ. Тоа се шефовите на дипломатија на Италија, Франција, Западна Германија и трите земји кои го сочинуваат Бенелукс, кои го потпишуваат основачкиот документ на Европската заедница за јаглен и челик, потоа Европската заедница, денес, Европска Унија.

На масата се наоѓале шест луксузни книги, печатени во Франција, на холандска хартија, со германско мастило, кожен подвез од Белгија, додека покажувачот на страниците бил исткаен од најфина италијанска свила. Жан Моне гордо ќе раскажува во своите мемоари како секоја од шесте земји, симболички дала дел од себе за физичко отелотворување на заеднички договорената политичка волја. Тоа што Моне не го раскажува е за баналната и бруталната, друга страна на вистината. Преговорите биле толку мачни и долги, што деталите се пишувани, бришени и менувани безброј пати. За конечно да дојдат до соломонско решение. Шестмината министри потпишуваат бел лист, и ги оставаат своите соработници на мир, во наредните две недели, да дојдат до конечна верзија на текстот.

Некој циник би рекол дека основањето на Европската унија настанало преку измама. Оптимистот би рекол дека станува збор за неспорна, меѓусебна доверба.

Драги луѓе, прашањето ми е, од каде ни е нам ова брзање и оваа недоверба. И што мислиме да постигнеме со нашата брзоплетост. 27 земји овие денови, како и во изминатите месеци и години, застанаа позади Македонија. Без нив ќе немавме ни пад на режимот, ни договори со соседите, ни каква било европска перспектива. Застанаа зад оваа кревка, напатена земја и нејзиниот народ, кои никогаш ништо не добиле лесно, ниту пак брзо. Па, си ја забораваме ли сопствената историја?! Франција не ни кажа - не, ни кажа – не денес. Ако ние си ги завршиме некои од домашните задачи, а богами, ги има толку многу, и притоа не си дозволиме малодушност или политичка незрелост да се уназадиме, на Франција ќе и биде претешко и следниот пат да не одбие.

Нашиот воз не смее да излета повторно од шините

Од сите изјави, највеќе ми се допадна, и ја репутирам за најреална, онаа на Ван Ромпуј: „Со право многу пати било повторувано од многу лидери дека реформите што се преземаат не треба да се реализираат само заради ЕУ-интеграциите, туку и за лични придобивка. Реформите што се бараат од страна на ЕУ треба да се спроведат, прво и основно, поради самите вас, граѓаните на Западен Балкан, кои ќе имаат бенефити од подоброто владеење и коректното спроведување на демократските правила и регулативи. Процесот на ЕУ интеграциите не е само работа на површно штиклирање точки, туку сеопфатна трансформација на општеството, која всушност ќе ви донесе полза. Кога овој процес ќе се заврши и заокружи, ве уверувам дека ќе бидете пречекани во ЕУ со раширени раце" – вели Ван Ромпуј.

А можеме ли искрено, со раката на срце, да кажеме дека сме таму каде што не испраќа Ван Ромпуј. Не би рекол. И се согласувам, побрзо би стигнале до таму низ почеток на преговори, со покапиларна контрола од страна на ЕУ, но тоа ќе мораме самите да го направиме, самите да се заложиме дека подобро и почесно ќе се реформираме, за на следниот Самит, никој да нема оправдување повторно да не кочи.

Нашата најглупава политичка грешка би била сега да се разочараме и откажеме, или сега некој да бара одговорност од власта, без разлика колку сме свесни за нејзините мани, грешки, недоследности и криминали. Не, сите имаат двојни стандарди, и ние ги имаме, и Европа ги има. Но, ние сега сме на еден добар проевропски пат, кој и да доживее неколку кривини, стратешки не смее да биде напуштен, и нашиот воз не смее да излета повторно од шините. Јас сум критичар на многу полиња на оваа власт, но ова е поголемо и повредно. Што не значи дека сешто ќе и премолчиме, но некаде мораме и да ја поддржиме.

Таа шанса очајно ја пропушти опозицијата. Ќе се сетите, во нашиот пораз во Букурешт, барем бевме обединети, имаше и власт и опозиција во својство на Претседател, без разлика колку бевме реално поделени и лудилото кое потоа следуваше.  На Мицкоски местото вчера и денес му беше во Брисел, покрај Заев,  да покаже обединетост и сплотеност, да понуди солидарност околу прашања за кои немаме алтернатива, и за кои не смееме да имаме поделби, и така да покаже државнички капацитет, ако веќе има аспирации за власт. Бедно ја прокоцка таа шанса.

Други колумни од авторот: 

Пропорционални по вокација

(Thinker Tailor Zaev Spy) Зошто никој не го спасува војникот Заев?

Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО

Психодрамата на Заев!

Читав деновиве безброј критики до Франција, како би требале да ја преиспитаме нашата европска иднина, смешни предлози да се отвориме за Русија и Кина, или да пуштиме човечки пратерии на бегалци кон Брисел. Како да било што од ова од нас да зависи?! Но, бесот е разбирлив, иако непрепорачлив.

Жртвеното јагне на Макрон

Франција не` извиси заради своите големи интереси, ако сакате и лични интереси на Макрон. Времето ќе покаже дали иднината ќе го казни за неговите големи амбиции. Но, ние испаднавме жртвеното јагне за неговиот и францускиот grandeur. Британија, вечниот поборник за златната средина, големиот поддржувач на малите држави и проширувањето, речиси дефинитивно се повлекува. Франко-германската локомотива за нешто повеќе од година дена, ќе остане без лидерството на големата Меркел. Макрон ја гледа својата и шансата на Франција, да го заземе кормилото и да го стабилизира своето идно лидерство пред да се консолидира новиот германски канцелар. Разбирлива е неговата стратегија, одбра да подигне глас, да направи ефект дека од него се` зависи, да удри со тупаница на маса, дека тој е новиот император на Европа. И да бидеме искрени, колку и да сме субјективни. Помеѓу Брегзит и Турција, помеѓу бараните реформи на Еврозоната и самата Унија, настрана силната поддршка и драматичните зборови или катастрофизмот на некои од останатите 27 членови, Европа не плати преголема цена, ниту Макрон ризикуваше премногу, за на некое време да ги жртвува Тирана и Скопје.

Политичката драма се претера за сметка на реалните состојби

На замерките дека каков кредибилитет би имала Унијата, ако не го награди добриот ученик, или како мисли другите да потпишат договори, повторно мислам дека станува збор за исфорсирана теза. За кои идни договори зборуваме?! За договор меѓу Србија и Косово, за решавање на хаосот во Босна?! Не може да разочарате некого кој цвета во постоечките услови. Србија, Косово, Босна и сите поедини ентитети се суштински автократии, политичарите се носителите на организираниот криминал, хегемони на стабилократијата и одржувачи на статусот кво. Таквите не можеш да ги загрозиш, пошто веќе се загрозени. И за нашите договори, било за тој од Преспа или со Софија, предуслов беше да падне Груевски и режимот, па потоа да се случат. Истото важи и за земјите во регионот.

Тоа не значи дека нашиот пример е безвреден и дека тој нема влијание, или дека реперкусиите не се возможни. Само мислам дека политичката драма се претера за сметка на реалните состојби.

За нас е најважно да продолжиме на европскиот пат. Со НАТО членството трајно ќе го обезбедиме нашиот меѓуетнички мир и нашите надворешни граници. Ако на патот кон ЕУ, се природадат и реални реформи на полето на владеење на правото, соочување со криминалот и корупцијата, со непотизмот или владиното самоволие, со деструктивноста на опозицијата, доколку се подобри квалитетот на луѓето во врвот на нашата политика, во раководењето со нашите институции, тогаш имаме шанса да се спасиме, да опстоиме и да живееме нешто подостоинствено. Западот не ја спушта врз нас железната завеса, туку во едни крајно комплицирани времиња, и покрај бројни себични интереси и опортунистички судири, го поддржува нашиот економски, политички и воено интегративен процес.

Македонија не може да преживее преку статус кво. Затоа повторно ќе апелирам. Да се доврши, море да се почне, да се комплетира секоја сфера од нашите внатрешни реформи и промени, да се направат вистински реформи, да не се ни помислува на алтернативни модели или сојузи, на некои нови автархии, на малодушност и ниски страсти, зошто ние немаме друга опција освен нашето историско приближување и влез во Унијата. Унијата која е поделена, која е цинична, која знае да биде безобразна, која ретко не` наградува, но која за нас била и ќе биде – најдобриот од сите реално постоечки светови.

 

DW.COM

Реклама