Еден друг Ричард | Северна Македонија | DW | 14.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Еден друг Ричард

Има германска ЕУ. А има и француска ЕУ. Има Америка на Трамп. Но има и Америка на никогаш-Трамп. Нашата претстава за ЕУ и НАТО е впечаток од минатото. Колумна на Арсим Зеколи.

Има германска ЕУ. А има и француска ЕУ.

Има Америка на Трамп. Но има и Америка на никогаш-Трамп.

И има еден Балкан кој мисли дека сѐ е како што било. И еден друг Балкан кој не е сосема сигурен дали „меѓународната заедница” е сѐ уште – заедница.

При посетата на Македонија, специјалниот пратеник на САДј Метју Палмер најде време да се сретне со вообичаените осомничени за криминал и корупција во земјата, плус Стево Пендаровски и минус спикерот Талат Џафери. Од една најавена средба добивме филмска лента на „многу важни” разговори на Палмер со Заев, Пендаровски, Шекеринска, Ахмети и Мицкоски. Во неговата агенда немаше место, интерес, волја за средба со Зијадин Села, лидерот на албанската опозиција во Македонија. Ден-два подоцна, истиот Палмер ќе приреди слична парада на дипло-партиски чајанки во Косово, низ средби со тамошните партиски и државни водства, плус Српската Листа. Но, Палмер најде време и место за срдечна средба и со поранешниот пратеник во косовскиот парламент и лидер на Самостојната Либерална Партија, г-динот Слободан Петровиќ. Познат по тоа што бил физички нападнат од двајца членови на Српската Листа.

Но, интересен е вкусот, индикативен е принципот на Палмер во изборот на соговорници во Скопје и Приштина. Поточно кажано, неговата симпатија за жртвата Петровиќ во Приштина во споредба со презривото и цинично одбивање да се сретне со една друга, многу поголема, жртва во Македонија, како што е Зијадин Села. Човек во чиј политички и криминален атентат беа (ин)директно вклучени добар дел од соговорниците на „спец-емисарот” со кои си споделуваа комплименти и поддршки.

За Палмер шлаканиците врз Петровиќ се поголема жртва од боксовите, клоците, лостовите, шипките по главата на полумртвиот Села, сервирани и/или нарачани од неговите соговорници. И поради тој лицемерен однос, заклучокот е дека Палмер преферира насилници и хулигани. Што е составен дел од неговиот културно-интелектуален багаж наследен од шетањето низ Балканите во друштво со насилничкиот полусвет, слушајќи ги нивните морбидни вицеви, вртејќи со глава на нивните подвизи како материјал за неговите бисер од книги и сонувајќи дека еден ден ќе биде славен како достоен наследник на Ричард Холбрук. Но во Палмер нема ронка од Холбрук. 

Да не се налутат странците

Низ ходниците на нашите институции сѐ уште лебди парфемот на Хајко Мас од неговата вчерашна посета, во која германското МНР ја одигра улогата на рамо за тешење на етно-македонските соговорници и ја пренесе пораката дека нема интерес и време за сослушување на етно-албанските претставници, вклучително Талат Џафери. Посетата на германскиот дипломат ќе остане запаметена по приказните кои ги раскажуваше за „потребата од реформи” додека паралелно Груевски се растоваруваше од Траекторија, а неговиот Зеќир Рамчиловиќ ја освојуваше заменик-спикерската фотелја. Сепак, на Министерот Маас не можам да му замерам што не најде време за средба со еден, единствен, Албанец при неговата средба, барем во кафе пауза помеѓу средбите со “граѓанските над-етнички претставници” на Зоран Заев. Замерките се резервирани за килавото молчење и немуштост на албанската опозиција. Која досега одмолчуваше за дискриминацијата за да не им се налутат странците. А сега белким одмолчува за да ... што? Им се забрани купување на германска Нутела?
За очекување е дека одбраната на изборот на соговорници ќе биде образложена со вообичаените изговори за средби резервирани единствено со избрани претставници на државата без оглед, нели, на етничкото потекло. 
Но, во основа, тој пристап е илустрација до каде може да забега слепото придржување кон формата на институционалноста и до каде може да ескалира етничката диксриминација во име на над-етничкото граѓанство според квалификативите на Берлин. А за парадоксалноста на таа германска принципиелност да биде дополнително апсурдна, ете ја „случајноста” што ден-два по престојот на Мас во Скопје, во неговиот Берлин ќе се одвива средба на претставниците на Српска листа со најблиските советници на Меркел и на Мас. Од кои никој досега во германската политика го нема побарано она што катадневно се бара од секој Албанец во Македонија - кон Македонија, а тоа е да го признаат Косово како нивна држава како предуслов за влегување во влада. Таа строгост е стриктно конструирана и диктирана за Албанците. Во мерка што дипломатско-политичко-медиумскиот став на Берлин кон Албанците, вечно обвинети за заговор за Голема Албанија, веќе одамна наликува на грчкиот или полскиот жолт печат, кои во секоја, и најбенигна иницијатива на Германија, наоѓаат мотив за постирање свастики или красење на ликот на Меркел со мали мустаќиња.
Скраја сите нијанси, пристапот на Палмер и Мас ја отсликува излитеноста на западниот системски пристап диктиран од цементираниот business as usual пристап во односот кон регионот, напластен со слоеви и слоеви на тивки, сублиминални и веќе службено прифатени предрасуди. Не случајно сликите на Палмер и Мас со соговорниците кај нас наликуваат на епизоди од деведесеттите години, со ликови израснати и култивирани од отровната смеса на комунистички капиталисти, марксисти и полициски доушници, про форма еврофили и суштински албанофоби. Тоа е сепак полусветот во кој Палмер се чувствува комотно, супериорно, осигуран со торби и торби „компромати“ за своите соговорници. Што не може да се каже за другите ликови, неоптоварени од убиства, криминал, корупција и неврзани кон нивните УСАИД, НДИ, ИРИ донации. Од друга страна и во нивна одбрана, Мас и Рот го немаат животното искуство на Меркел во детектирање и препознавање на фините, советски (читај: етно руски) инситуционални трикови за „конструктивно” игнорирање и беспоговорно лапање на официјалните верзии на државните институции. Со кои отворената етничка дискриминација се камуфлира со над-етничка идеологија на социјализмот/граѓанството. 

Другиот Ричард

Што подразбира дека е време да одговориме на поставените прашања. Како што реков, во Палмер нема да го најдете Холбрук. Таа улога е сега наменета за Ричард Гренел, амбасадорот на САД во Берлин, вистинскиот тешкаш од Белата Куќа со директен пристап до Доналд Трамп. Не случајно токму пред последниот Берлински самит, претставниците на Косово, Тачи и Харадинај, прво престојуваа во неговата амбасада, а потоа на самитот. Не случајно при неговите посети во Приштина и Белград никој од домашните соговорници не се осмелуваше да даде изјава за дискутираните теми, за разлика од расклештеноста и разграканоста по средбите со Палмер, претставникот на Помпео. Не случајно е што поставеноста на Гренел така обилно наликува на некои слични, тековни случувања на американската надворешна политика која сѐ повеќе се диктира од Белата Куќа, а сѐ помалку од веќе сериозно разнишаниот Фоги Ботом. Впрочем, неофицијалното име на Стејт Департментот разјаснува зошто нашите Министри за Државни Каузи и партиски имплантирани државници преферираат соработка со старите познаници од балканските кафеани и дипломатски магли, но се преплашени од средби со директните емисари на Трамп кои не се импресионираат со шарени чорапчиња и смешни имитирања на БЦ. 

Треба ли да потсетам дека исто така не е случајно што утрешниот престој во Берлин на претставниците на косовската Српска листа во регионалните медиуми се најавува со наслови „Средба со Гренел” и со поднаслови „ќе има средба и со Мас”? Се поставува прашање, дали по дрското игнорирање од страна на Мас, албанската опозиција треба да одговори со барање за средба со Гренел во Берлин? Би одговорил со прашање: зошто Гренел би губел време да се среќава со претставници на детинесто раскарана опозиција чии ставови се однапред познати, немаат ’рбет да протестираат дома, едвај чекаат да се прикачат на СДСМ и не бараат ништо повеќе од она што го бара ДУИ.

Меркел неприкосновената

Домашните инстинкти на паланката веќе одамна ја имаат заокружено распределбата на силите во носење одлуки. При што Меркел останува неприкосновена дама на Европа, чии политики ќе ја одржат Германија на врвот и по нејзиното збогување од канцеларијата. Но во тие инстинкти на историските паталци од европските игри на тронови се разоткриваат сомнежите за капацитетите, визиите, мудростите на новата политичка класа на Европа. Доколку ги прашате тие паталци, ќе ви укажат дека почитта кон Германија на Меркел не беше диктирана единствено од моќната економија, туку и од нејзината смиреност, способност за мулти-таскинг, истрајност под баражен оган на критики. И генерално кажано, поставеност на mutti столб на семејство и почит во соседство. Мас и Рот, со своите предрасудни оптоварувања, не ѝ беа од преголема помош. Посебно не во Македонија, каде што нивните kulturkampf пристапи веќе имаат поттикнато огромни дози на сомнеж и оставено премногу празен простор за исполнување.

Затоа да повториме дека има германска ЕУ. А има и француска ЕУ. Има Америка на Трамп. Но има и Америка на никогаш-Трамп. Нашата претстава за ЕУ и НАТО е впечаток од минатото. А нивниот страв од и став кон Балканот нѐ принудува да заклучиме дека не е толку далечен часот кога сегашната футуристичка максима „ако ЕУ ја нема на Балканот, ќе дојдат Русија, Турција, С. Арабија, Кина” ќе биде заменета со само трунка помалку загрижувачката историска паметница дека „ако ЕУ ја нема на Балканот, ќе дојдат Франција, Германија, Британија, Италија ...” 

DW.COM

Реклама