Европа мора да си ја земе судбината во свои раце! | Свет | DW | 04.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европа мора да си ја земе судбината во свои раце!

На ЕУ-самитот во Малта е направен чекор напред во проблемот со бегалците, иако со помош на земја како Либија. Во поглед на Трамп, не помага паника, туку Меркел повикува на европска слога.

„Мораме да ги нагласиме нашите вредности и да ги заштитиме нашите интереси“, изјави Меркел наЕУ-самитот на Малта. Нејзината главна порака до ЕУ-челниците е: „Силни сме само ако проблемите ги решаваме заеднички. Нашата судбина е во наши раце.“Други политичари беа уште подиректни во искажувањето на своите маки: „Трамп досега презеде доволно потези за да имаме причина за загриженост“, изјави на пример австрискиот канцелар Кристијан Керн. И францускиот претседател повторно ја критикуваше новата американска политика.

Британската премиерка на Малта доживеа уште еднаш да смее да биде на заедничката фотографија, но нејзиниот збор веќе нема големо значење за ЕУ. Таа го пренесе текот на нејзината посета на Вашингтон, како и пораката од Трамп дека „стопроцентно стои зад НАТО“. Но, недовербата остана.

Тереза Меј во име на САД ги повика Европејците конечно да почнат да се придржуваат на обврските преземени како членки на Алијансата и да издвојуваат најмалку 2 проценти од БДП за одбрана, што едвај некоја од членките го исполнува. Но, Меј со барањето не наиде на разбирање- во ЕУ, посебно во Германија, владее премногу гнев што токму Велика Британија со години ја блокира подобрата воена соработка во Европа. Дури со Брегзитот дојде до придвижување во ова прашање.

Британската премиерка уште се надева Лондон да стане мост меѓу Европа и САД. Претседателката на Литванија, Далиа Грубаскаите упати зајадлива забелешка на ваквите британски амбиции: „Не ни требаат никакви мостови. Со САД комуницираме преку Твитер“. Ангела Меркел исто така не беше посебно импресионирана од заканата на Вашингтон и Лондон за драстично намалување на даноците за претпријатијата, укажувајќи: „Не ни е потребен натпревар во најниски даночни стапки.“

EU-Gipfel auf Malta May und Merkel (Getty Images/L. Neal)

Тереза Меј и Ангела Меркел

Европа се потпира на Либија

По самитот, германската канцеларка изјави дека „работата со миграцијата добива свои контури“, што е фактички единствен конкретен успех на средбата. Ќе биде направено сѐ што е во рамките на можностите, за да биде прекината бегалската рута преку Медитеранот, и тоа на сличен начин на кој што беше запрена Балканската рута, преку договорот со Турција. За таа цел е потребна соработка од Либија, иако Меркел барем призна дека во оваа земја ситуацијата е тешка, дека бунтовничкиот генерал Хафтар, кого го поддржува Русија, ќе учествува во новата заедничка влада на Либија. На сите им е јасно оти само делумно можат да се потпрат на ветувањата на моментниот европски соговорник, либискиот премиер Ал Сараџа, со оглед на неизвесноста до каде допира неговата моќ и влијание.

Libyen Flüchtlinge in Misrata (Ricardo García Vilanova/Photographic Social Vision)

Да се запре доаѓањето бегалци во Европа-главна цел

Жестоки протести на хуманитарците

Но, во основа, планот е скован: Италија веќе склучи билатерална спогодба со Либија, за да се заобиколат правните проблеми, кои би настанале ако соговорник биде ЕУ. Но, Унијата ја поддржува Италија и ќе помогне во обука на крајбрежната стража на либискиот брег, чија задача ќе биде бротчињата и чамците со бегалци воопшто да не тргнуваат кон Европа. Бегалците би требало да бидат задржувани во самата Либија, иако ЕУ сепак не сака сама да преземе одговорност за опремување на бегалски логори. Задачата би требало да ја преземат меѓународни организации, како УНХЦР и други. Европа на либискиот премиер му понуди 200 милиони евра за соработката, на што тој веќе се пожали дека се премалку. Но, планот нема да пропадне поради тоа, поголема опасност за негова реализација се немирите и несигурноста од кои е потресувана Либија.

Хуманитарните организации остро ги нападнаа новите европски планови. Тие располагаат со доверливи информации за тешки повреди на човековите права во либиските приватни логори, каде бегалците живеат во ужасни услови. Европските челници ова не ги одврати од плановите: целта - да се запре реката бегалци од Африка, е премногу важна. Кога границите на Европа ќе бидат цврсто затворени, ќе биде поголема и подготвеноста на земјите-членки да разговараат за новите европски правила за азил. Така, можеби уште до в лето, би бил решен еден од најголемите проблеми кои ја мачат Европа во последните две години.

 

DW.COM

Реклама