Духот на Малта над Белата палата | Северна Македонија | DW | 19.05.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Духот на Малта над Белата палата

ВМРО-ДПМНЕ е во полурасчекор меѓу партиската пизма, гнев, отров во јавноста и минус оптимизам со кој ќе го придобие општеството. А тој оптимизам мора да биде платен со доказ дека се имаат реформирано. Пишува Арсим Зеколи

Тргнете ги Ацо Шопов и белата Лада и сцената на бојктот на ВМРО-ДПМНЕ е идентична со походот на СДСМ во блокирање на Собранието во последните дни на Бранко Црвенковски и подемот на Зоран Заев. Тогашните рецитали на Талат Џафери денес се рециклираат со некои помалку милозвучни рефрени, но и тогаш и денес кажани од позиции на одбрана на владината коалиција. Можеме да редиме и други споредбени моменти кои сепак докажуваат само едно – дека бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ е на морално цврсто тло кога станува збор за блокирање на Собранието. Фамозната „јавност” и тогаш и денес беше на раб на хистерија. Но, овојпат, општеството е далеку помалку растревожено. И покрај сите усилби на опозицијата и незадоволството од владеењето на коалицијата СДСМ-ДУИ.

Зачинот кој недостасува во кревање на температурата на општеството во прилог на опозицијата кажува многу, како за сегашната опозиција, така и за нивните претходници. Гледано од временска дистанца, се наметнува дилемата - дали успехот на СДСМ во соборување на владата на Груевски се должеше единствено на незадоволството од екс-премиерот или пак троа повеќе беше поради појавата на нов лик (Заев) и позитивната енергија на промени која се ширеше од непартиски обоени ликови и дружби? Ставено во ножици помеѓу ботокс-оптимизмот на груевистичката пропаганда, банализирираните „тупаница во воздух” пози на Црвенковски и лажни потресувања на Шекеринска, општеството најде причина за оптимизам во новиот лик Заев и новата реторика на опозиционирањез, повеќе базирана врз надеж, отколку движена од пизма.

Кога Груевски не ја послуша Меркел...

Денес, ВМРО-ДПМНЕ е во состојба на полурасчекор помеѓу партиската пизма, гнев, отров во јавноста и минус оптимизам со кој ќе го придобие општеството. А тој оптимизам мора да биде платен со поднесување жртва на олтарот на промената и доказ дека се имаат реформирано. И тука лежи разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Додека првата двапати докажа дека може да преживее промени на чело на партијата, втората сѐ уште живее во грч на стравот и бласфемијата дека партијата може да биде побитна од раководството.

На нивна штета, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште живее под сенката на малтешката понуда од 2017 година, дадена од Ангела Меркел до Никола Груевски - тој да се повлече за партијата да остане на власт. Одговорот на Груевски беше машки егоистична. И политички дилетантска, губејќи ја и премиерската позиција, и владината коалиција и престојот во сопствената земја. Понудата на Меркел, како и советите да ја послуша неговата менторка, тогаш беа пречекувани на нож, со презир и потсмев. Нема сомнеж дека и сегашните укажувања ќе бидат пречекани на ист начин. А сетики и со исти последици.

Вклучително не(до)разбирањето дека ставот на Меркел – а и на меѓународната заедница – не беше персонална, туку политичка порака вперена не само до Груевски, туку и до начинот на владеење, дух и наследници. Кои денеска го сочинуваат јадрото на ВМРО-ДПМНЕ и се фактор на евидентната дихотомија во општеството, кое е цементирано како во одбивање на успесите на владата на Ковачевски, така и во отфрлање на ликовите кои ја претставуваат опозицијата. Особено кога таквите ликови делуваат како наследство од минатото во споредба со новите лица од СДСМ или ДУИ.

Не е до пораките, туку до амбалажата и поштарот

Онака како што Бранко не падна бидејќи во неговите говори од Лада немаше добри пораки, нови идеи, нови иницијативи, така и Мицкоски не е хендикепиран, бидејќи во општеството нема ширум отворени уши за да ги слушнат неговите аргументи дека оваа влада е лоша, неспособна и до коска компромитирана. Проблемот не е до пораките, туку до амбалажата и поштарот, кој верува во промени, но под услов тој да не биде променет. Па дури и по цена токму тој услов – тој лично - да ја компромитира сета нарација и надеж дека убавите намери ќе бидат спроведени во дело. Така што, колку и да се благопријатни ветувањата во устите на ораторите од Ладата или Белата палата, нивниот лик во очите на општеството се сведува на испревртената логика „сѐ ќе биде исто доколку него го бидне”.

И повторно споредбите со Бранко се нужни за да се отслика беспаќето на Мицкоски, во обата случаи диктирано од носталгичноста за лажно-славното минато и неспособноста/неволноста да се согледа денешната реалност или иднина. Навиката му дојде до глава на Бранко, навиката шест месеци да шурува со интегративците и шест месеци да шурува со националистите, во Дебар да чури со Али, а во Струга и Кичево да дими со Груевски. Навиката да им верува на сопствените системски Албанци и стравот од новите Албанци кои не му должат ништо. Споделеното потекло од истиот естаблишмент, истата школа и леснотијата на навиката ја исцрта и превидливоста на делувањето на Мицкоски. Да, во тешки дни по преземањето на партијата побара спас од прстите на Заев во Мала Речица. Па во тешки дни по Заев со двете раце ја прифати понудата за национално единство. Сѐ до пресудите за „Мериот-коалицијата“, но со наследство на „национално единство” во склучувањето на Преспа- и Софија-договорите од кои денес бега како „јавноста” од архивите.

Безидејноста на Мицкоски

Бегајќи од Али, Мицкоски влета во руско-српски сплетки и доброволно ја потврди секоја бихаќка пропаганда или подметнување за русофилија на ВМРО. И тоа во најкритичните моменти на Европа во последните седумдесет години. Како последица, Мицкоски ја изгуби и онака тешко стекнатата доверба на албанските опозиционери, се истакна како потенцијална закана по кохезијата во регионот и ја погази тукушто никнатата спремност на меѓународната заедница во него да препознае некаков македонски десничарски Мицотакис.

За компензирање на кусокот на поддршка од заедниците (поточно: Албанците) Мицкоски ќе се истакне со уште една нова идеја позајмена од Бранко и Зоран и Тупурковски, докажувајќи ја сопствената неинвентивност, опортунизам и идејна мрзеливост. Идејата за вклучување на Албанци (и останати) во изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ. Која не би заслужувала позначеан осврт, доколку во себе не ја содржеше дијагнозата на проблемите во раководењето на најголемата опозициска партија и самата партија. Со таа изјава Мицкоски потврди дека духовно, политички, ментално и интелектуално припаѓа на истиот шињел на размислување на Црвенковски, Груевски, Заев во фаворизирање на системски изговорни Албанци од кои новото пост-Заев раководство сака да се реши и да ги отфрли ем како ислужена карта, ем како компромитација на граѓанскиот концепт и прозападните вредности.

Со неговата изјава, Мицкоски или не е свесен или сака да ја избегне операцијата за лечење на политичката тромбоза низ политичките партии преку отстранување на масните ткива и згрутчени блокади на системот. Ахмети предводеше (сакал-нејќел) во демонстрација на тоа отчепување преку отстранување на Муса Џафери, Беќир Асани, Џеват Адеми, Гзим Острени сѐ до Теута Арифи. Во СДСМ, Заев ја започна истата операција преку отстранување на Шекеринска, Никола Димитров, Царовска, Зеќири, Фетаи. Деновиве тоа се случува и во Алтернатива и Алијанса. Пред Ковачевски е изборот дали ќе продолжи и ќе се осмели на отстранување на Верушевски, Спасовски, Зечевиќ. Или пак ќе си дозволи да падне под сенката на духот од Малта во која живурка сардисаниот Мицкоски. Операцијата продолжува насекаде. Освен во Белата палата на партиската тромбоза.

Пирова победа денес или триумфална епоха утре?

Во последните месеци на владеењето на Црвенковски често ја користев аналогијата со „Гранита договорот” помеѓу Тони Блер и Гордон Браун за преземање на водството над Лабуристите и спроведување темелна реформа преку отстранување на атавистичките кружоци и модернизација на партијата. Начинот на кој тоа беше изведено е сличен на процесите кои се одвиваа во ДУИ и СДСМ по падот на Груевски и заминувањето на Заев. За дневно-политичките набљудувачи, целта на тие чистки е создавањето простор и екипа за предизборни коалиции. За другите, тоа се сепак неопходни реформи за соочување со радикално изменетите внатрешни состојби во земјата, изменетата социо-економска карта и подготовка за уште подлабоките промени кои допрва ќе следат. Тие процеси неминовно влијаат на драматични флуктуации и загуби во гласачкото тело (ДУИ во периодот 2012-17, СДСМ во тек), но со долгорочни бенефити и зајакнување на поддршката по заокружувањето на реформите.

- повеќе од авторот: Скопје и Софија пред црвена линија

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште може да се пофали со тврдо, непоколебливо гласачко тело, верно на партијата. Партијата навистина треба да се гордее со таквата верност на гласачите, но поупатно е притоа и да се запраша за долговечноста на таа поддршка под наплив на реал-политиката во опкружувањето. Инсистирањето за избори час поскоро укажува дека тоа прашање е акутно во Белата палата, подеднакво како и свеста дека социо-демографските трендови можат да ја подријат сегашната масивна инертност. Додека пак реформите во останатите партии може да отворат нови можности кои ќе бидат повеќе од конкурентни според понудата, но и побарувачката.

- повеќе од авторот: Zeitgeist духот на Европа пред историска Zeitenwende

На Мицкоски може и да му се прости нереформирањето на партијата поради презафатеноста со одбраната од упадите на Заев во внатрешните работи. Што не може да се каже и за сегашната опортунистичка инертност на плутање врз последните бранови на груевизмот во неговото опкружување и сопствениот страв од промени. Општеството треба да има разбирање за неговата насушна потреба за избори веднаш и сега, кога неговиот подем е на врвот. Исто како што тој самиот разбира дека доколку не бидат избори, неговата инертност и партиската тромбоза ќе бидат причините за поразот на изборите во 2024 година. Затоа, судбинското прашање пред ВМРО-ДПМНЕ гласи: Пирова победа денес или триумфална епоха утре?