Дуел Заев - Груевски: Демократијата да ја победи мафијата! | Македонија | DW | 09.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дуел Заев - Груевски: Демократијата да ја победи мафијата!

Во „четворката“ ќе се соочат два концепта: едниот за длабоки демократски промени, другиот за одржување авторитарно и криминално статус кво. Опозицијата тргнува во битка против мафиите, власта - за спас на привелигиите.

Струмица, Валандово, Радовиш, Неготино, Кавадарци, Дојран, Гевгелија, Демир Капија, Богданци и уште десетина помали општини се на нозе. Денеска е последниот ден од изборната кампања, утре следува изборен молк, задутре гласање. Изборната единица 4 е подготвена за најжешкиот политички дуел на претстојните парламентарни избори. Не е доволно да се каже дека таму ќе соочат лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски, и дека на истиот терен со Груевски ќе се соочи и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Тоа не е битка само меѓу партии и лидери. Станува збор за најважниот избор од осамостојувањето на Македонија до денес: избор меѓу длабоки демократски промени и авторитарно-криминално статус кво.

Заев: Уставот нема да се менува!

До финишот на оваа битка, две години низ густо трње чекори Зоран Заев (1974), кој не може да се оквалификува само како лидер на СДСМ. Тој е човекот кој на граѓаните им ја откри „Вистината за Македонија“ преку детонирање на 38 таканаречени „бомби“, а кои содржеа стотици аудио-снимки што сведочеа за тешки индиции за криминал, невиден варваризам, феудално третирање на Македонија и авторитарна политичка практика диригирана и спроведувана од врвот на ДПМНЕ. „Бомбите“ беа најдиректна аудио-илустрација на она што граѓаните длабоко го чувствуваа во изминатата деценија: дека институциите, медиумите, демократијата, сегашноста и иднината се киднапирани од една мала партиска група, која функционира како злосторничко здружение. Заев за изборна арена ја избра „четворката“, базата во која е роден, реализиран и каде го поминува третиот градоначалнички мандат во родната Струмица. Тој е дипломиран економист, кој професионалната кариера ја започнал во „Тргопродукт“- Струмица (1997 - 2003), а во 2001 година станал директор на претпријатието. Од 2003 до 2005 година е пратеник во Собранието. Бил на повеќе високи партиски функции, а за лидер на СДСМ е избран во 2013 година. Но, неговата приказна не почнува ниту од директорската, ниту од партиската фотелја, туку од нивите, уште од детските денови.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Зоран Заев

„На моите раце сѐ е запишано. Работев, се мачев, и научив како чесно се работи во земјоделството. Добро ја знам земјоделската мака и затоа барам поддршка од земјоделците“, вели деновиве Заев, со ветување дека македонскиот земјоделец ќе биде достоинствен, а не најсиромашен како сега.
Тој е сопруг и татко на две деца. Вели дека се бори за иднината на сите деца и семејства во Македонија.

„Ќе има живот за сите нас. На дофат ни е. Просечната плата од 500 евра ќе ви овозможи да имате пристоен живот. Нема веќе да се срамите од вашето дете кога му велите дека немате. После промените, вашите деца нема да заминуваат од земјата. Тоа е прво и најважно во нашата програма“, вели Заев пред граѓаните.
Денес Струмица е најразвиена општина во Македонија, а неговата програма има за цел успешна и развиена да биде целата земја.
„Ако ние во Струмица сме можеле без кредити, може и земјата. Гарантираме вработувања. Гарантираме бесплатно лекување за сите. Нема веќе луѓе да ни умираат по болници. Ви гарантирам јасно и гласно: Уставот нема да се менува и нема никакви планови за федерализација. Но, ќе има конфискација. На Груевски и на братучедите законот ќе им одземе сѐ што земале незаконски“, најавува Заев од митинзите ширум Македонија.

Тој уште еднаш се увери во вистинското лице на Груевски, откако пред граѓаните на Делчево порача: „Овој град мора да го оправда аманетот што го носи името на Гоце Делчев. Ах, да стане Делчев и да види какви неранимајковци го носат светото име на ВМРО, и да види на какво дереџе ја донесоа Македонија. За тоа ли се борел? Ќе умре повторно, овојпат од жал“.

Следуваше скандалозен одговор од Груевски: „Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам: да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави. Него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“.

Ваквата закана со познат ликвидатор од минатото, ја згрози домашната јавност, но не ја изненади, имајќи предвид дека Груевски е истиот оној „демохристијанин“, сопруг и татко, кој за опонентите нарачува шлаканици, динамити ..., а за сите негови неуспеси ги обвинува „туѓите сценарија“.

„Не можам да помислам на нешто понедемократско или нечовечко отколку посакување на смрт на противникот во изборната трка. Никола Груевски отиде предалеку. Ова е кршење на заедничката добра волја базирана на Пржинскиот договор кој доведе до овие избори. Македонија не ја заслужува оваа кампања и вакво лидерство. Тоа е срамота“, изјави лидерот на Партијата на европските социјалисти, Сергеј Станишев.

Груевски: Да се знае кој е газда!

Денес, и на домашната и на меѓународната јавност им е јасна дијагнозата на македонската криза: заробена држава. Нејзиниот креатор, Никола Груевски (1970) ги демантираше проценките на Заев, но и на јавноста, дека по објавувањето на „бомбите“ од срам за три дена ќе се повлече од функцијата. Демонстрираше фрапантно отсуство на каков било личен морал, срам, непријатност и одговорност пред скандализираноста на сите од она што го слушнаа во „бомбите“. Отиде дотаму, што продолжи да се однесува како ништо да не се случило, а себе си и натаму да се претставува како безалтернативен лидер на Македонија. Тоа придонесе за кулминирање на кризата и за неопходност од медијаторство на ЕУ, кое заврши со потпишување на политичкиот Договор од 2 јуни/15 јули 2015 година, тривијално наречен Договорот од Пржино. 

Груевски денеска не е премиер, токму по сила на тој Договор. Но, не ја ослободи партијата од себе. Лидерската функција ја користи како панцир и позиција од која може да се бори за нов мандат, оглушувајќи се на дипломатските сугестии и демократската практика дека лица индицирани со криминал не треба да бидат на кандидатски листи. Себеси се стави прв на листата. Изборниот есап што го прави овој дипломиран економист на Економскиот факултет во Прилеп, добро ѝ е познат на јавноста и преку практиката, и преку „бомбите“. Партиската математика се потпира на принуда, според која еден гласач треба да обезбеди плус 5, 10, 15, 20 или 25 гласачи. Наградата се исплаќа преку субвенции, вработувања, привилегии, цехот за изборната измама го плаќаат од буџетот сите даночни обврзници, а жртва е демократијата. Таа практика која е предмет на истрага од СЈО, не запира ни во овој изборен процес, за што јавуваат набљудувачите на акредитираните граѓанските организации. И покрај тоа, Груевски пред граѓаните тврди дека „не е случајно што толку многу години е заедно со нив“ (на власт -н.з).

„Ако не ги исполнуваме барањата и ветувањата немаше така да биде. Ние сме искрени. Затоа сме тука за вас и во добри и во тешки денови. Од другата страна имаме партија и човек, а отвори уста - лаже. Таков човек не ни треба. Нема да дозволиме некој да ја распарчува нашата држава. Народот одлучува за државата“, порачува Груевски, со надеж дека народот ќе пресуди и за „бомбите“, веројатно  како што пресудувал Андон Лазов Јанев - Касапот (Ќосето), чиј споменик денес, (не)случајно се наоѓа кај Куќата на правдата, за да сведочи за „преките судови“.

Mazedonien Wahlen (DW/P. Stojanovski)

Никола Груевски

Направени се многу анализи за тоа како некогашниот боксер во лесна категорија стана автократ во тешка категорија, и со најконтролираната султан-партија во Европа. Од службеник во бугарската „Балканска банка“ во Скопје, преку партијата стигна до министер за трговија, за финансии, до партиски лидер и премиер. Почетоците му беа надежни. Воведе ДДВ, фискални каси, го стегна даночниот систем, но многу брзо го смени курсот - стави сѐ во служба на врвот на партијата, а не на државата и економијата. Човекот кој за десет години целосно ја оддалечи Македонија од ЕУ, денес ветува мед и млеко, ги нуди истите капитални проекти од преходните партиски програми, кои до денес останаа нереализирани. Доцни изградбата на пруги, болници и патишта, но не задоцни изградбата на раскошната партиска палата, на неокласичните згради од „Скопје 2014“, набавката на „мерцедес“ од 600.000 евра и други скапи „дребулии“ што на Груевски му го хранат авторитарното его. За начинот на кој и ја натаму ја разбира демократијата, сведочат неговите повици на митинзите: „Сите заедно во недела ќе покажеме кој е газда во оваа држава“. 

Очигледно, граѓаните на Македонија имаат многу причини да излезат на изборите во недела. Не само во „четворката“. Особено ако не сакаат државата да биде нечиј феуд, да има „газда“ наместо институции, а тие да бидат само „раја“ што немо ќе гледа како Македонија исчезнува пред нивните очи.  

Гледај видео 03:09

Граѓаните за Македонија по изборите

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама