Дуел во шестката: Конфискација - да, федерализација - не! | Македонија | DW | 03.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дуел во шестката: Конфискација - да, федерализација - не!

Владимир Ѓорчев и Петре Шилегов се фронтмените на двете најголеми партии во македонскиот блок, кои ќе ги вкрстат изборните копја во шестата изборна единица. Со кои теми и проекти се борат за довербата на гласачите?

Владимир Ѓорчев, носител на листата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Петре Шилегов, негов опонент од коалицијата предводена од СДСМ, се фронтмените на двете најголеми партии во македонскиот блок кои ќе ги вкрстат изборните копја во шестата изборна единица. Оваа изборна единица, која ги опфаќа општините од северозападна Македонија, е единствената во која прагот на гласачи остана повисок од законски пропишаните 5 проценти. Колку од довербата на тамошните гласачи ќе освојат тие, зависи и од нивниот минат труд, но и од фактот дека на тој терен „приматот“ го држат албанските партии, поради бројноста на етничките Албанци во структурата на населението. Од тој аспект, очекувано е двајцата кандидати повеќе да се натпреваруваат за гласовите на Македонците, но според последните анкети, СДСМ во голема мера може да се надева и на албанските гласови. Односно, изборите на 11-ти декември се првите на кои се очекува да биде прекршен досегашниот етнички стереотип „секој гласа за своите“. 

Vlatko Gorcev (DW/P.Stojanovski )

Владимир Ѓорчев

Ѓорчев: Референдум за унитарност!

Владимир Ѓорчев (1978), е претставник на младата генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ, иако според должината на пратеничкиот стаж - од 2006 година до денес, реално ѝ припаѓа на средната генерација, со стекнато завидно политичко искуство. Овој политиколог по образование, кој важи за голем приврзаник и промотор на политиката за повеќедетни семејства, денес е татко на четири деца. Но, и тој речиси беше „дете“, кога за првпат се „промовираше“ на улицата пред Собранието. Имено, неговите политички почетоци датираат од 1997 година, кога како генерален секретар на средношколската организација учествуваше во студентско-средношколските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје. Заедно со тогашните „икони“ на протестот, Филип Петровски и Антонио Милошоски, повеќе од 30 дена учествуваше во масовните протести и ноќевањето под шатори пред парламентот, а во време кога некои од паролите ('За Шиптари гасни комори') можеа да предизвикаат многу повеќе проблеми од фрлање со јајца врз зградата на Министерството за образование и барање оставка од Владата. Иако токму Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2000 година донесе одлука за формирање приватен универзитет на албански јазик во Тетово, а до денес се отворени уште неколку, тогашната реторика дека со законот за Педагошката академија се прави „чекор напред во промоција на мултијазичноста во Македонија, измена на нејзиниот Устав, поделба и федерализација на државата“, остана неизменета до денес. Истата е повторно на сцена, насочена кон политичкиот опонент СДСМ. 

„Ако во 1991 година референдумот беше за создавање на независна Македонија, овие избори во 2016 година се референдум за сочувување на Македонија. Затоа 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ се најдобра порака за зачувување на унитарноста на Македонија и уставниот поредок, гаранција за поддршка на огромен број општини во нивните проекти“, агитира деновиве Ѓорчев пред гласачите, со став дека унитарноста е загрозена од плановите за федерализација на опозициската СДСМ. Најавените инвестиции, инфраструктурни проекти, програми за вработувања и други ветувања од партиската програма „Реално“, само го пополнуваат кусото интермецо меѓу постојаните обвинувања за „опасен план за редефинирање на државата“.

Petre Silegov (DW/P. Stojanovski)

Петре Шилегов

Шилегов: Лагите паднаа во вода!

„Влатко Ѓорчев шета низ шестата изборна единица, и немајќи што да понуди по десетгодишното владеење и пустошење од страна на ДПМНЕ и ДУИ, зборува за федерализација и двојазичност. Нешто, за кое не зборува никој друг во Македонија, освен Никола Груевски и Влатко Ѓорчев“, реплицира неговиот опонент, социјалдемократот Петре Шилегов (1969) пред гласачите во „шестката“. Уставот, законите, владеењето на правната држава, се негов професионален терен. Зад пратеничкиот стаж на Шилегов во последниот парламантарен состав, стои долгогодишно богато правно искуство и адвокатска кариера. Правникот, кој се промовираше како еден од најжестоките и талентирани говорници во парламентот, денес ги лови сите кампањски грешки на опонентот, недоречености и невистини за наметнатата тема „федерализација“.   

„Каменот му дојде од близу. Паднаа во вода сите лаги и интриги, сета црна кампања за некаква си федерализација и кантонизација на Македонија. Од неговиот коалициски партнер (Артан Груби од ДУИ во тв - настап - н.з) беше соопштено дека УЧК раководи со македонските институции и дека УЧК го воведува албанскиот јазик на територија на цела Македонија. Со ова во целост се сруши црната кампања на Никола Груевски. Граѓаните од оваа коалиција на Груевски му порачуваат: Нема никаква федерализација и кантонизација, но ќе има конфискација!“, порачува Шилегов.

Враќањето на правдата, подобрувањето на животниот стандард, вработувањата, еднаквоста на граѓаните, се дел од проектите од партиската програма „План за живот во Македонија“, за кои Шилегов разговара на средбите со граѓаните во „шестката“. Темите за „федерализација“ не фаќаат корен меѓу нив. Најзаинтересирани се да има правна разрешница за индициите од „бомбите“, со оглед дека политичката одговорност изостана. Токму Шилегов беше претседател на собраниската Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, чија работа беше бојкотирана од претставниците на власта. Со тоа утврдувањето на правната одговорност им остана на судовите, а политичката одговорност - на оценка од граѓаните. Казна или награда - ќе решат гласачите.

Што ќе изберат гласачите?

„Има два тима, односно две гарнитури“, порачува деновиве Ѓорчев.

„Граѓаните во шестата изборна единица, но генерално и во Македонија, треба да си одговорат на прашањето: кој е тој што ќе може да донесе повеќе инвестиции за нив - Никола Груевски или Зоран Заев? Никола Груевски има разработен систем за привлекување странски инвестиции, има свој тим, има контакти со стотици компании и тоа е начинот како ќе ја намалуваме невработеноста во Македонија и како ќе се отвораат нови фабрики“, потенцира кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Гледај видео 04:40

Измешани чувства меѓу граѓаните за изборните листи

Неговиот политички опонент, пак, вниманието го фокусира на маргинализирањето на домашните фирми во полза на привилегираните странски инвестиции.

„Во изминатите 10 години можеа да покажат сé што знаат и умеат. Сега ветуваат наводна поддршка за фирмите кои ќе бидат извозно ориентирани со пет проценти камата. Допрва им текна дека во земјава постојат луѓе. Ние сме свесни дека столбот на секоја здрава економија се домашните фирми, малите и средни претпријатија, за кои предвидуваме помош од 140 милиони евра“, порача Шилегов.

Им остануваат уште шест дена да ги образложат партиските програми, да реплицираат и да ја прекрстарат „шестката“. Потоа избирачите ќе го имаат последниот збор.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама