Дуелот во „кецот“ - лакмус за Македонија | Македонија | DW | 08.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дуелот во „кецот“ - лакмус за Македонија

Голем интерес предизвикува претстојниот дуел меѓу Никола Попоски, носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот опонент од листата на СДСМ, Стево Пендаровски. Според аналитичарите, „кецот“ ги диктира трендовите во земјата.

Изборната единица 1, во која доминираат општините на главниот град Скопје, е арената на која ќе се води една од најжестоките изборни битки, а според аналитичарите, клучно е тоа што трендот во Скопје ги диктира и трендовите во целата земја. Тој тренд засега не е поволен за власта, а причината е позната: Скопје беше полигонот на кој во изминатите години се спроведе неокласицистичко ребрендирање на јадрото на градот, без да се прашаат граѓаните дури кога беа во прашање и фасадите на нивните згради. Парите што ги изеде мега проектот „Скопје 2014“, масакрот на зеленилото во корист на барокот и девастацијата на коритото на Вардар заради поставување галии и украсни мостови, се само дел од критиките со кои ќе се соочи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски. Негов опонент е професорот Стево Пендаровски, кој во изминатите години беше жесток критичар на ваквите архитектонски експерименти, низ кои се шверцуваа и антички и квазиполитички контексти.

Попоски: Бараме јасен мандат за да ја водиме државата!

Колку дипломатскиот речник ќе му помогне на Никола Попоски (1977) да ги оправда ваквите проекти, пред сѐ од економски аспект, со оглед дека во неговата биографија се запишани две дипломи: една од Економскиот факултет на УКИМ, друга од Економски факултет на Универзитет во Ница, како стипендист на француската влада. Магистер е и по европски економски студии на европскиот колеџ во Бриж, Белгија и магистер по странски јазици и меѓународна трговија на ЕУ-Универзитетот во Рен, Франција. Од 1999 - 2001 работел во Кралското инженерство на Велика Британија, а од 2003 до 2004 во државната пристанишна управа на Руен, а потоа и како секретар во француската амбасада во Македонија. Во 2010 година е именуван за амбасадор на Македонија во ЕУ, од 2011 до денес е министер за надворешни работи, а од јуни годинава и вицепремиер. Оженет е и татко на три деца, но се бори да ја освои довербата на големото национално семејство. За исполнување на таа цел го посочува идеалот - партијата да освои мнозинство од 63 пратеници во парламентот.

„Тоа ни е потребно, бидејќи по една долга политичка криза треба да имаме јасен политички мандат за тоа во која насока треба да одиме и кој треба да ја води државата“, вели Попоски.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister (Getty Images/AFP/A. Kisbenedek)

Никола Попоски

Тој е еден од ретките кој нема класичен партиски бекграунд и меѓу членство не го доживуваат како „вмровец“, туку како нужен кадар кој со дипломатско-бирократски јазик ќе го убедува Брисел во „посветеноста на Владата“ за достигнување на европските вредности и интеграции. Тоа елоквентниот Поповски умешно го прави, но извештаите од ЕК секоја година го потсетуваат дека до ЕУ не стигнува со зборови, туку со дела. Поповски не гледа проблем во делата на неговата Влада, туку во она што го нуди опозицијата. Изборната понуда на СДСМ ја споредува со волшебно стапче и подароци пред Божик, за разлика од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која според него, има „поконзервативна димензија“.

„ВМРО не вели дека ќе има просечна плата од 30.000 денари, туку дека ќе има толку колку што ќе успееме да ја намалиме невработеноста. Прв предуслов за покачување на платите е да имате помала невработеност. Кога имате маса од 38 отсто невработеност, како на пример, на крајот на последниот мандат на СДСМ, не можете автоматски да ги покачувате платите. Имате огромна маса на луѓе што немаат работа и се подготвени сѐ помалку да работат,“ објаснува Попоски.

Уверен е дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ најдобро го прави - е решавање на најбитните проблеми на граѓаните: отворање нови работни места, подобрување на инфраструктурата, носење на инвестиции...

„Ние сме единствен гарант дека Македонија може да биде европска земја. Од сите луѓе со кои имам разговарано во Европа, не рекле дека сакаат да имаат влади кои не се способни сами да работат и други да им ги решаваат проблемите. За сите овие работи Заев и тајфата велат дека други треба да решаваат, сметаат дека некој од надвор треба да ни кажува. Македонија ќе биде поуспешна и побогата, со повеќе вработувања и инвестиции без свитканиот р'бет, горда, убава и победничка Македонија“, порачува Попоски.

Во едно од неговите последни интервјуа, запрашан дали мисли дека граѓаните во Македонија се среќни, тој дипломатски одговара: „Има уште многу да се направи. Природно е и човечки во кое било ниво да сакате да постигнете повеќе. Не го гледам тоа дали се среќни или не. Има богати земји, па населението не се изјаснува дека се најсреќни. Македонија е добра комбинација на добри услови за живеење, пријатен народ, позитивна атмосфера, а ако следи економски развој мислам Македонија може да биде убаво и просперитетно место за живеење“.

Пендаровски: Ќа го вратиме духот на Скопје и на Македонија!

Колку се среќни граѓаните по еднодецениска власт на ВМРО-ДПМНЕ, предочува неговиот противкандидат, Стево Пендаровски.

„Во изминативе 10 години власта потроши 700 милиони евра за мермер и за стиропор.Во исто време, над 180 илјади наши граѓани тонат во сиромаштија и живеат со 40 денари на ден. Тие луѓе беа заборавени, како да не се граѓани на Македонија“, рече Пендаровски и најави сет мерки за искоренување на сиромаштијата.

Стево Пендаровски (1963) е еден од непартиските кандидати на листата на Коалицијата предводена од СДСМ. Од таа позиција СДСМ го кандидираше и за нејзин кандидат на последните претседателски избори. Од ВМРО-ДПМНЕ епитетот „непартиски“ го сметаат за лажно претставување, но работната биографија на Пендаровски укажува дека професионално извршувал високи функции во мандатите на различни влади. По образование е правник, а денес е доцент на Универзитетот Американ колеџ. Беше советник за надворешна политика, односно за национална безбедност на двајца поранешни македонски претседатели - Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во еден мандат беше претседател на ДИК, а во турбулентните '90-ти години, помошник-министер за внатрешни работи и началник на Управата за аналитика и истражување во МВР. Докторирал на тема „Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс“. Неговиот професионален бекграуд - на учесник и сведок на многу значајни политички процеси, го презентира како личност која ги знае сите важни политички епизоди и детали од осамостојувањето на Македонија до денес. Деновиве ја презентираше експертска проценка, според која, Владата од буџетот годишно испумпувала по 400 милиони евра или 5 милијарди евра за 10 години, но со уште десетина начини на грабеж, вкупната сума е многу поголема.

Mazedonien Wahlen Stevo Pendarovski 2014 (picture-alliance/dpa)

Стево Пендаровски

„Вкупната сума на украдени пари во последните 10 години изнесува од 7 до 8 милијарди евра. Граѓаните прашуваат дали тие пари можат да се вратат и дали тие што го направија грабежот ќе одговараат. Да. Постојат механизми за враќање на украдените пари. Со јасна политичка волја и со оставање на надлежните да работат според законот, во првите две години од мандатот можеме да вратиме барем 40 проценти од таа сума“, вети Пендаровски.

Пендаровски кој е сопруг и татко на малолетен син, во кампањата посвети големо внимание на алармантната состојбата во здравството и на проблемите што ги имаат децата во пристапот до услуги.

„Комисијата за третман на болните деца во странство ќе биде реорганизирана, брза и мобилна и нема да прима инструкции од партиски штабови на кое дете треба да му биде платена операцијата“, рече Пендаровски. Вети зголемување на просечната плата на здравствените работници, вработувања без партиски клуч, укинување на екстерното тестирање, реформи во образованието... Потенцира дека граѓаните во „единицата“ се и најогорчени од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

„Десет години граѓаните на Скопје и околината ги трпеа личните хирови на Груевски и фамилијата. Десет години гледаа како им се менуваше градот, улиците, па дури и нивните домови, без притоа никој да ги праша дали воопшто се согласуваат со таквите промени. Денес Скопје е град со енормна загаденост, идентитетски разобличен град, а граѓаните го загубија достоинството на живот во урбана заедница. На Скопје, но и на Македонија мора да им се врати духот и желбата на граѓаните да живеат и да го сакаат својот град и својата земја“, порача Пендаровски.

 

DW.COM

Реклама