1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Доњецк и Луганск: Продолжената рака на Москва

Роман Гончаренко
23 февруари 2022

Доњецк и Луганск на истокот на Украина се во ударните вести ширум светот. Во 2014, овие сепаратистички региони се отцепија од Украина - и оттогаш сѐ позасилено ги контролира Русија. Сега е повлечена линија.

https://p.dw.com/p/47S71
Руско знаме се вее на плоштадот Ленин во градот Доњецк
Руско знаме се вее на плоштадот Ленин во градот ДоњецкФотографија: Alexander Ryumin/TASS/dpa/picture alliance

Ова е повеќе од пресвртница, ова е раскинување со статус кво состојбата. Со признавање на источноукраинските сепаратистички подрачја Доњецк и Луганск, а пред сѐ со испраќањето трупи во овие региони, Русија во понеделникот подвлече линија под речиси осумгодишната историја од нивното постоење во сивата зона: формално припаѓаа на Украина, а во реалноста со нив владееше Мсква.

Таканаречените „Народни Републики“ Доњецк и Луганск беа создадени на истокот на Украина во пролетта 2014 година, по протестите на прозападната опозиција и по промената на власта во Киев. Денес тие сочинуваат околу една третина од богатиот со јаглен регион Донбас, а таму се и двата главни града на истоимените сепаратистички региони. Слично како германската Рурска област, и овие подрачја пред војната беа густо населени, таму живееја околу 6 до 7 милиони луѓе.

Иако во двата региони е многу развиена индустријата на јаглен и на челик, тие, сепак, се различни. Додека Луганск важи за најсиромашен регион во Украина, метрополата Доњецк беше релативно богата и во 2012 година беше едно од местата каде што се одржа Европското фудбалско првенство. Од избувнувањето на војната, милиони луѓе ги напуштија сепаратистичките подрачја - мнозинството побегна во Украина, а стотици илјади во Русија.

Украински војници во близина на линијата на фронтот кај Доњецк
Украински војници во близина на линијата на фронтот кај ДоњецкФотографија: Aleksey Filippov/AFP/Getty Images

Како дојде до разделување

По распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година, сепаратистичките движења во источна Украина беа речиси незабележливи. Вистинска закана првпат се појави во 2004 година. Тогаш „Портокаловата револуција“ ја спречи победата на прорускиот политичар и поранешен регионален гувернер на Доњецк, Виктор Јанукович, на претседателските избори. Неговата „Партија на регионот“, со седиште во источна Украина, се закануваше со отцепување, но на крајот не се осуди на тој чекор.

Повеќе: Путиновата објава на војна

Јанукович, сепак, стана претседател во 2010 година и водеше политика на клацкалка меѓу Русија и ЕУ. Неговото ненадејно вртење кон Москва предизвика протести на опозицијата во зимата 2013-2014 година, по што тој побегна во Русија. Москва го искористи вакуумот на моќ во Киев за да го анектира Крим.

Во источна Украина проруското расположение беше послабо отколку на Крим. Во Доњецк и во Луганск, меѓутоа, скептицизмот кон новите владејачи во Киев беше најголем. Некои бегството на Јанукович го доживеаја и како пораз на Донбас. Генерално гледано, силите беа речиси исти. Според истражувањето на јавното мислење, околу 20 отсто од жителите на Доњецк беа подготвени да ги дочекаат руските трупи како ослободувачи. Исто толку луѓе сакаа да се борат за Киев.

Украински војници во близина на линијата на фронтот кај Доњецк
Украински војници во близина на линијата на фронтот кај ДоњецкФотографија: Aleksey Filippov/AFP/Getty Images

Во пролетта 2014 година беа окупирани регионалните управи во неколку градови во цела источна Украина, а се влегуваше во полициските станици за се краде оружје. Движечка сила беа руските државјани, очигледно поврзани со тајните служби. Потоа беа одржани „референдуми“ за отцепување од Украина и е прогласена „Народна Република“ на чие чело беа Руси. Киевската влада колебливо се обиде да го спречи востанието. Во летото 2014 година, украинската војска успеа да ја врати контролата над поголемиот дел од областа.

Меѓутоа, по директната интервенција на руската војска во август, која Москва ја негира, состојбата се промени. Украинската војска доживеа пораз во гратчето Иловајск, југоисточно од Доњецк. Големите борби запреа. Во договорот од Минск, во февруари 2015 година, линиите на фронтот беа конечно замрзнати.

Брза русификација, лесна окупација

Во двата региона од самиот почеток е спроведена брза русификација. Таа почна со руски учебници за училиште и со воведувањето на руската национална валута. Сепаратистичките сили ги изградија руски воени советници - што Москва исто така го негира. Индустријата во регионот многу страдаше поради отцепувањето, а некои погони беа префрлени во Русија.

Жителите го слават признавањето на Доњецката „Народна Република“ од страна на Русија
Жителите го слават признавањето на Доњецката „Народна Република“ од страна на РусијаФотографија: Taisiya Vorontsova/TASS/dpa/picture alliance

Во 2019 година, Русија започна да издава руски пасоши на населението во тој регион. Според последните информации, 800.000 источни Украинци наводно имаат руско државјанство. Желбата да се заштитат овие „Руси“ е клучен аргумент за признавањето на сепаратистичките области.

Повеќе: Методи Хаџи Јанев: Сериозни ефекти од руско-украинската криза

Украина имаше потешкотии со правниот статус на тие региони. Првично Киев ги класифицираше како „терористички организации“. Парламентот подоцна ги прогласи Доњецк и Луганск за окупирани региони, а Русија означена како окупаторска сила дури во 2018 година. Според меѓународното право, двете области се дел од Украина.

Спор за јазикот

Она што останува е јазикот, кој со децении се смета за политичко прашање во источна Украина. И во актуелниот конфликт, Русија ја критикуваше украинската влада за дискриминација на луѓето, кои зборуваат руски. Киев го негира тоа. Фактите се следни: употребата на украинскиот, единствениот официјален јазик во Украина, значително се зголеми во писмената комуникација и во медиумите.

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Како и во многу региони на источна и во јужна Украина, повеќето луѓе во Донбас зборуваат руски, со големи разлики помеѓу урбаните и руралните области. Во градовите претежно се зборува руски, додека во селата доминира украинскиот или мешавина од двата јазика. Две третини од жителите на сепаратистичките области го нарекуваат рускиот свој мајчин јазик. Ова е резултат од истражувањето спроведено од Берлинскиот центар за источноевропски и меѓународни студии (ЗОиС) во 2019 година. Секој трет испитаник ги навел двата јазика, а само 3,5 отсто го навеле украинскиот како мајчин јазик.

Моменталното расположение кај населението во двата региона може само грубо да се процени. Студијата на ЗОиС покажа дека околу една третина од жителите на Луганск и на Доњецк сакаат автономија во рамките на Украина или на Русија. Секој петти би сакал враќање на условите пред отцепување или приклучување на Русија без автономија. Меѓутоа, не може да се провери колку се веродостојни овие информации, бидејќи истражувањата во воените и кризните зони не се сметаат за точни.