„Долг пат до еднаквост на ЛГБТИ лицата“ | Северна Македонија | DW | 15.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Долг пат до еднаквост на ЛГБТИ лицата“

Во досега најголемото истражување за правата и слободите на ЛГБТИ лицата во ЕУ учествуваа и лица од Северна Македонија и Србија. Состојбата во последните 10 години е само малку подобрена.

Во досега најголемото истражување за правата и слободите на ЛГБТИ лицата во Европа учествуваа 140 илјади луѓе. Истражувањето е спроведено минатата година од страна на Агенцијата за основни права на Европската унија (ФРА) и тоа во 27-те земји членки на ЕУ, во Обединетото Кралство и во земјите кандидати - Северна Македонија и Србија.

Резултатите од студијата, опфатени во извештајот „Долг пат до еднаквост на ЛГБТИ“, се објавени во четвртокот. Првпат во истражувањето се вклучени и млади ЛГБТИ лица, на возраст од 15 до 17 години, како и податоци од земји кои не се членки на ЕУ.

„Резултатите од истражувањето се поразителни“, изјави директорот на Агенцијата, Мајкл О’Флаетри во видео порака објавена на Твитер и додаде дека е „постигнат многу мал напредок во последните 10 години“.

Истражувањето покажа дека дискриминацијата на ЛГБТИ лицата во секојдневниот живот постои и натаму во сите 30 земји. Дури 60% од ЛГБТИ лицата се плашат да се држат за раце со својот партнер/ка во јавноста, 2 од 5 лица доживеале вознемирување во годината пред да биде спроведено истражувањето (2018), секое трето лице доживува дискриминација кога ќе излезе во ресторан, а и економската ситуација не е многу подобра - секое трето лице има проблеми да „врзе крај со крај“. Состојбата е уште потешка кај интерсексуалните и трансродовите лица, каде е погодено секое второ лице. Кога е во прашање насилството, 10% од испитаниците биле жртва на сексуално или физичко насилство во последните 5 години, а процентот е двојно поголем (20%) меѓу трансродовите и интерсексуалните лица.

Резултатите од истражувањето се разликуваат прилично од земја од земја. Кога е во прашање ЕУ, во Ирска, Малта и Финска 70% од испитаниците, на пример, изјавиле дека толеранцијата кон ЛГБТИ лицата е поголема отколку порано, додека во Полска и Франција мнозинството (68 и 54 проценти) сметаат дека толеранцијата е генерално помала.

Повеќе:

Скопје Прајд: Никој не е слободен додека сите не се слободни

Големи разлики во правата на хомосексуалците во ЕУ

Стоунвол беше пресврт за хомосексуалците

Резултати од Северна Македонија, Србија и Хрватска

Кога се прави споредба со статистиката во земјите членки на ЕУ, резултатите во Северна Македонија, Србија и Хрватска се речиси секогаш полоши.

Во Северна Македонија и Србија 50% од ЛГБТИ лицата често или секогаш избегнуваат одредени локации за да не бидат вознемирувани. Во Хрватска тој процент е 43, додека во ЕУ е 33%. Само 20% од испитаниците секогаш или често отворено го покажува својот ЛГБТИ идентитет во Србија, 27% во Хрватска, а во Северна Македонија само 18%. Просекот во ЕУ тука е 47%.

Во Северна Македонија и Србија 87% од испитаниците се плашат да се држат за раце со своите истополни партнери, додека во Хрватска тој процент е малку помал - 84%.

Nord-Mazedonien Skopje erste Pride Parade (Reuters/O. Teofilovski)

Во Северна Македонија процентот на напади врз ЛГБТИ лицата е највисок во регионот - 19%

Зголемен е и бројот на напади врз ЛГБТИ лицата во Србија во последните 5 години - 17%. Во Северна Македонија процентот на напади е највисок во регионот - 19%, а во Хрватска - 13%. За споредба, во ЕУ тој процент е 11.

51 процент од младите ЛГБТИ лица (15-17 години) во Хрватска го криеле својот ЛГБТИ идентитет на училиште, 42% во Србија и 41% во Северна Македонија. Во ЕУ овој процент е нешто понизок и изнесува 30%.

25% од ЛГБТИ лицата во Македонија чувствуваат дека се почесто дискриминирани на работа. Во Србија тој процент е 24, а во Хрватска - 17%.

Кога се во прашање нетолеранцијата и постоењето предрасуди кон ЛГБТИ лицата, во Северна Македонија 35% од испитаниците изјавиле дека ситуацијата се подобрила во последните 5 години. На такво мислење во Хрватска се 45% од испитаниците, а во Србија дури 51% сметаат дека денес ституацијата е подобра.

Укинат Законот за заштита од дикриминација

Иако ситуацијата со правата на ЛГБТИ лицата во Северна Македонија во последните години е подобрена, „заедницата и натаму во голема мерка се соочува со говор на омраза, дискриминација, насилство и неприфаќање од страна на општеството“, вели за ДВ Јована Јовановска, генерална секретарка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во Скопје.

Nordmazedonien Skopje Jovana Jovanovska LGBTI (Privat)

Јована Јовановска, генерална секретарка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во Скопје

„Неуспехот на државата да ги изведе пред лицето на правдата оние кои шират омраза и вршат насилство, е фактор кој придонесе за тоа ЛГБТИ лицата да се чувствуваат незаштитено, дополнително стигматизирано и престрашено“, објаснува таа коментирајќи го извештајот на Агенцијата за основни права ФРА и додава дека дека единствениот закон кој ги штител човековите права на ЛГБТИ лицата во Северна Македонија е укинат вчера. 

„Законот за спречување и заштита од дискриминација е донесен во 2019 година и тогаш првпат беше вклучена заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет. За жал, на 14.05. законот е укинат од страна на Уставниот суд поради неуставно усвојување без потребно мнозинство, што во моментов не’ остава без ефективна заштита од дискриминација“, предупредува таа. „Освен тоа, во предизборие сме и во моментов немаме парламент кој повторно би го усвоил законот. Тоа ќе ја продлабочи несигурноста во заедницата“, нагласува Јовановска.

Истражувањето на ФРА покажува и извесен напредок. На пример, ЛГБТИ лицата во Северна Македонија, Србија и Хрватска почесто пријавуваат насилство и вознемирување отколку што тоа се случува во просек во земјите од ЕУ, и тоа - во Северна Македонија18%, во Србија 14%, а во Хрватска 19%.Просекот во земјите од ЕУ е 14%.

Гледај видео 01:20

Полски општини се прогласуваат за ЛГБТ-слободни зони

Реклама