Димитров: Да не го „наградуваме“ ветото со постојани концесии | Северна Македонија | DW | 24.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Димитров: Да не го „наградуваме“ ветото со постојани концесии

Ветото го крши членот 2 од Договорот, и за тоа Софија треба да сноси штета, а не награди, вели поранешниот министер.

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров

Бугарското собрание почна расправа на која се дискутира за ветото кон РСМ, односно францускиот предлог. Собраниската Комисија за надворешна политика вчера го усвои предлогот од копретседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов за решение на односите меѓу Софија и Скопје, кој е усвоен со гласовите на опозициските ГЕРБ и ДПС. Со него се предвидува Народното собрание да и даде мандат на Владата да го одобри предлогот на француското претседателство за измени на нацрт-преговарачката рамка, и да го укине ветото против РСМ. Во предлогот на Иванов се посочени четири услови за поддршка на преговарачката рамка со РСМ, меѓу кои клучни се два: прецизирање на текстот од Заклучоците на Советот за да се гарантира впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, во одредбите во кои се споменуваат другите народи и на еднаква основа со тие народи; ништо во процесот на пристапување на РСМ во Европската Унија не може да се толкува како признание од Република Бугарија за постоењето на „македонски јазик“.

Овој предлог е спротивен од она што го бараат македонските власти – „чиста позиција за македонскиот јазик“. А бугарската собраниска Комисија заседаваше откако македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, вчера од Брисел порача дека „предлогот во ваква форма како што е во моментов, е неприфатлив“. Тогаш тој ги наведе и македонските црвени линии: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка; јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка. 

Македонскиот премиер Ковачевски, со претседателката на Еврокомисијата, фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ, Мишел и францускиот претседател Макрон.

Македонскиот премиер Ковачевски, со претседателката на Еврокомисијата, фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ, Мишел и францускиот претседател Макрон.

Како аргумент - зошто Софија итно треба да го прифати „најдобриот предлог за заштита на бугарските интереси", на денешната седница во парламеnтот особено беше посочен условот од предлогot на Демократска Бугарија: „Гаранции дека добрососедството останува хоризонтален критериум во рамките на целиот процес на пристапување на РСМ кон ЕУ, за чие исполнување ЕК да го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција".

Токму преку ова решение (увид на Советот) Бугарија обезбедува гаранции дека нејзиниот збор никако не ќе може да биде заобиколен во оценката дали РСМ ги исполнува обврските.

Кој „хистеризира“?

И додека власта и опозицијата во бугарското собрание се обединуваат околу решенија за заштита на националниот интерес, ситуацијата во РСМ е сосема поинаква. Иако премиерот Ковачевски го оцени францускиот предлог како неприфатлив во оваа форма, во исто време изрази критика кон експерти кои укажуваа токму на истото.

„Изненаден сум што луѓето што се нарекуваат експерти и тврдат дека знаат како се одвиваат процесите, се тие што ја креираа најголемата хистерија во земјата. Произлезе дека тие не ни знаат како се изработуваат предлозите и како се споделуваат меѓу земјите-членки и земјите-кандидати“, рече вчера премиерот одговарајќи на новинарски прашања.

Повеќе: Храброст и фрустрација - ЕУ го разочара Западен Балкан

Ваквиот став наиде на бројни критики во домашната јавност.

„Сакам да им честитам на сите експерти, загрижени граѓани, новинари, политички партии, кои во овој клучен момент за нацијата беа гласни и сплотени", вели поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

„Во отсуство на елементарна демократска дебата, дрска затвореност на владата и повремени тешки небулози, се гордеам што народот беше ‘хистеричен’. А критиката кон квалификациите на експертите, од човек кој воопшто дозволил или водел преговарачка тактика што довела до предлогот - ќорсокак, може да биде само комплимент“, оценува тој.

Од самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022

Од самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022

Желбата за некаков „успех" по конференцијата со регионот, која најдобро ја отсликал Еди Рама, според Димитров, создава должност да бидеме посебно претпазливи во наредните неколку денови.

„Софија очигледно вложува напори да ја ‘освои' територијата што им ја понуди францускиот предлог, за следниот обид да почне од таа линија. Ќе треба вешта и аргументирана дипломатска акција за да се вратат позициите на место што ќе овозможи европско решение", вели тој. 

Според него, ситацијата бара и непоходна анализа како се стигнало до последниот предлог.

„Дома, фокусот прво треба да биде на една непријатна тема. Како успеавме, со кои потези и погрешни преговарачки (анти)тактики, од португалскиот да дојдеме до францускиот предлог. Без политичка одговорност за овој дебакл, нема да дојдеме до подобар резултат. Второ, како општество мораме отворено да разговараме за патот напред. Каква политика ќе нѐ доведе до достоинствено решение кое вистина ќе нѐ носи кон членството во ЕУ, со фокус на реформите наспроти билатералните прашања. Меѓу другото, во односите кон Бугарија, треба веднаш да престанеме да го ‘наградуваме’ ветото, со постојани концесии. Ветото го крши членот 2 од Договорот и за тоа Софија треба да сноси штета, а не награди. На пример, контра мерка со замрзнување на работата на Комисијата за историски прашања. Конечно, ни треба една нова и посеопфатна заедничка декларација во Собранието, што ќе опфати позиции за сите теми што ги наметнува Софија. Во изработката на тој документ треба да се вклучат и ‘хистеричните' експерти, кои уште во март излегоа со исклучително сериозна анализа за тоа што може, а што не смее да прифати Северна Македонија“, потенцира Димитров.

Треба решение кое ќе биде на цврсти нозе"

Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) уште на крајот од март годинава го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: какво јаболко може да загризе Македонија?". Документот имаше за цел да ја информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид. Истиот беше испратен до сите надлежни инстутуции, кои никогаш јавно не се осврнаа кон него, а двете организации пред неколку дека организираа и јавна дебата.

„Документот кој го дискутиравме и објавивме во март 2022 година, ги потенцира клучните аспекти кои ‘решениeто' со Бугарија би требало да ги земе предвид, а кои во голема мера соодветствуваат со црвените линии кои ги спомена премиерот на својата прес - конференција во Брисел", посочува Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Притоа укажува како се одразува затвореноста на процесот, но и поларизацијата во двете земји.

„Тековната геополитичка ситуација и доделувањето на статус кандидат на Украина и Молдова креираат притисок од ЕУ врз нас, но и ја зајакнуваат нашата преговарачка позиција наспроти ЕУ. Од друга страна, треба да имаме на ум во моментот политичката поларизација во Бугарија е исклучително висока и многу веројатно е дека истата ќе продолжи најмалку во следната година две. Во овие услови и со оглед на поларизацијата кај нас и затвореноста на процесот, многу е тешко да се обезбеди решение кое ќе биде на ‘цврсти нозе’. Ова е неопходно, бидејќи спроведувањето на било кој договор со Бугарија ќе зависи од однесувањето на било која влада кај нас и во Софија барем во следната декада“, оценува директорката на ЕПИ.