Ден потоа | Свет | DW | 04.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ден потоа

САД најверојатно ќе останат длабоко поделено општество, на многумина може да им се пристори дека гледаат некакви балкански избори, а не џентлменски натпревар во земја - симбол на демократијата. Пишува Петар Арсовски

Изборната трка во САД, ден по гласањето, изнесе на површина повеќе феномени кои за прв пат ги гледаме во поновата демократска историја на САД.  Неизвесноста на резултатите, обвинувањата за изборна измама, огромниот број гласови по пошта, кои можеби ќе завршат на суд, се нови параметри во американската политика.  Ако на тоа се додаде фактот што и по овие избори, САД најверојатно ќе останат длабоко поделено општество, на многумина може да им се пристори дека гледаат некакви други, балкански избори, а не џентлменски натпревар во земја која се смета за симбол на демократијата.

„Се подготвува изборна измама, ова што се случува е страшно, ќе полнат кутии по затворањето на гласачките места“!  Ова не се зборови на племенски лидер од земја од третиот свет, уплашен за својата партија додека изборниот процес е во рацете на авторитарниот владетел, туку цитат од ноќешното обраќање на Претседателот на САД, кој го коментира изборниот процес во најнапредната демократија во светот.  Нервозата кај Трамп е разбирлива: сега се чекаат гласовите од неколку клучни држави, како Висконсин, Мичиген, Пенсилванија и Џорџија, каде тој води од досега преброените гласови, но каде допрва треба да се почне со пребројувањето на гласовите пристигнати пред денот на изборите. Имајќи предвид дека токму демократите ги стимулираа своите гласачи да гласаат претходно по пошта, претпоставките се дека во овие гласови, кои допрва ќе се бројат, води Бајден со значајна разлика.  Во скоро секоја од овие држави, бројот на неизброени гласови е поголем одошто разликата со која во моментов води Трамп.  Оттаму нервозата во неговиот штаб, и повикот на Трамп броењето да прекине. 

Други колумни од авторот:

Трката од која зависи светот

Сепак ќе биде „трудно“

Октомвриското изненадување

Сизиф е аматер

Во САД, секоја држава ги одредува правилата по кои ќе ги брои гласовите.  Некои држави дури дозволуваат гласовите пратени пред или за време на денот на изборите, кои би стигнале дури до 12 или 13 ноември, да се прифатат и да се бројат во вкупниот број.  Некои држави (како Флорида) ги бројат гласовите пристигнати по пошта заедно со другите гласови, и таму резултатите не се искривени во текот на броењето.  Но токму Висконсин, Пенсилванија, Мичиген, прво ги бројат гласовите „во живо“ па потоа по пошта, и аналитичарите веќе подолго време предупредуваат на фактот дека на почетокот на броењето се очекува да води Трамп (зашто неговите гласачи доминантно гласаат на денот на изборите), за потоа резултатите да го фаворизираат Бајден, кога на вкупниот број ќе почнат да се додаваат гласовите пристигнати по пошта.  Ако земеме предвид дека овој пат, рекорден е бројот на гласови дадени претходно, тој резултат може значително да ги смени резултатите како што ќе стигаат податоците.

Каков и да биде крајниот резултат, сите сега сме изненадени од промените во наративите и тонот на претседателската трка, кои како да припаѓаат на други земји.  Изјави кои досега беа резервирани за други делови од светот, особено оние кои се однесуваат на довербата во изборниот процес, ќе му нанесат штета на американското општество, а може да ги направат и овие избори уште потензични, дури до степен на насилни демонстрации или протести. 

Што се смени?  Прво, анкетите потфрлија (повторно).  9 од 10 анкети во претходните два месеца предвидуваа чиста победа на Бајден.  Овие предвидувања се покажаа неточни, особено во Флорида, Тексас, и неколку други држави.  Дали поради фактот што Трамп мобилизира гласачи кои претходно не гласале, па анкетите не ги препознаваат, или постои вградена доза на неточност на изразувањето (гласачите лажат), сеедно, резултатите од изборите на повеќе места не соодветствуваат со проекциите на анкетите.  Оваа констатација не мора неопходно да значи дека на анкетите повеќе не може да им се верува, но феноменот од 2016 (кога предвидувањата згрешија за Клинтон и Трамп) очигледно продолжува, и треба дополнителни ревизии на методологијата и на математичкиот апарат со кој се проектираат изборните резултати.

Второ, она што штабот на Трамп го тврдеше цело време, дека нивната теренска операција (1) покажува различни проекции одошто анкетите и (2) дека кампањата врата на врата е сеуште ефикасна, особено во неопределени општини, се покажа особено точно.  Во Флорида, Пенсилванија, и повеќе други клучни држави, каде кампањата на Трамп посвети исклучително внимание, и тоа со теренска работа, резултатите без подобри одошто на кампањата на Бајден, односно ваквиот вид кампања побрзо ги надомести разликите.

Трето, можеби победникот нема да се знае со денови.  Тесните бројки, фактот што поради различниот начин на броење државите (особено клучните) може да менуваат боја (демократи или републиканци) во текот на броењето, како и високата тензија во изборите, можат да направат да гледаме повторно вмешување на судовите, или дури и одлука за претседател во Долниот дом на САД.

И на крајот, без оглед на конечниот резултат, изгледа дека САД ќе останата длабоко поделено општество по клучните оски, феномен кој ќе ја комплицира тамошната политичка сцена.  За светот, претседателот на САД има повеќе симболичко одошто суштинско значење, зашто стратешките определби на нивната политика нема да се сменат, но стилот на претседателот влијае на исполнувањето на тие цели.  Доколку победи Трамп, ќе гледаме една повеќе или помалку интровертна варијанта на надворешната политика, а доколку победи Бајден, ќе се активираат сите демократски иницијативи на надворешната политика и САД кои ќе стануваат се поактивен чинител во светот.  За нас, тоа нема да смени многу, освен можеби за некои, кои ќе се радуваат на ерозијата на тамошниот политички дискурс.

 

Реклама