Да се направи светот понесигурен - Владимир Путин 20 години на власт | Свет | DW | 09.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Да се направи светот понесигурен - Владимир Путин 20 години на власт

На 9 август 1999 година Владимир Путин првпат стана премиер на Русија. Со него некогаш се поврзуваа големи надежи, а во меѓувреме постојат поларизирани мислења, во Русија и во странство, коментира Миодраг Шориќ.

Во почеткот беше „анти-Јелцин“: многу помлад од тогашниот претседател, полн енергија, брз и самоуверен на јавните настапи, несклон кон вотка. Пред 20 години тогашниот нов шеф на владата и наскоро нов претседател, Владимир Путин, на своите длабоко обеспокоени сонародници им влеа нова самодоверба. Русите беа вознемирени зашто во 1990-те пропаднаа демократските реформи, на Кавказ беснееше граѓанска војна, а земјата на економски план стигна до дното. 

Новиот човек во Кремљ имаше среќа: растечките цени на суровините донесуваа милијарди во државната каса. Путин вложуваше во економијата, го враќаше долгот кон странство и се бореше против сиромаштијата. Со челична рака ја оконча чеченската војна, направи гласот на Москва повторно да се слушне во светската политика.

Истенчено чувство за копнежите на Русите

Од ова искуство има корист и денес. Путин знае добро да ги насети копнежите на многу Руси по стабилност и империјална величина. Во меѓувреме, тој се прикажува како искусен кормилар кој бродот Русија со сигурна рака го води низ бурите на сегашноста, постојано пркосејќи му на ветрот од Запад. На своите сонародници им ветува она што сакаат да го чујат: повеќе пари благодарејќи на зголемените плати и растечките социјални давачки. А тоа што  не ги одржува своите ветувања  – многумина постари Руси му простуваат зашто не гледаат алтернатива за него. 

Меѓутоа,  сѐ повеќе млади Руси размислуваат поинаку.  Тие живеат во свет кој се менува со стравична брзина. Само во Кремљ останува сѐ онака како што е. Путин, како инкарнација на слоганот „продолжуваме по старо“. Новата генерација тешко може да се идентификува со Путин кој вели дека тој не поседува паметен телефон. Стабилноста која старите Русија ја ценат, младите ја доживуваат како упорно држење за фотелјата на власта. Оној кој како Путин зборува за предностите на климатските промени, не е погоден како идол на младите. Многу студенти ги презираат корумпираните политичари, обвинители, судии и непристојни олигарси. Младата генерација во градовите бара транспарентност во државата. Или како што некогаш се нарекуваше: гласност.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Но, перестројка – трансформација на општеството, што беше втор клучен израз на ерата на Горбачов, засега нема да има. Т.н. „силовики“, постарите мажи од безбедносниот апарат, не дозволуваат толку лесно да бидат турнати на страна, посебно не од страна на мирните демонстранти. И така Путиновиот систем продолжува да работи: изборите се лажираат, печатот се цензурира, дисидентите се прогонуваат. А руското општество засилено се поларизира.

Поларизирачки претседател

Колку подолго е Путин на власт, толку пополаризирани се мислењата за него. Милиони Руси му се восхитуваат на претседателот кој го прошири влијанието на Русија во Украина, Грузија и на други места. Реакционерите ширум светот, па и во Германија, во него гледаат модел како може да се обнови „националната величина": со цврста рака и насилство. Од друга страна, либералните демократи во земјата и странство го отфраат шефот на Кремљ. Чекаат на времето по Путин. 

А тоа може да потрае. 20 години на власт уште не се доволни за сведување биланс. Мандатот на Путин трае до 2024 година. Тој засега остава отворено дали ќе продолжи да владее и потоа.

Политичарот Путин, каков што го гледаме денес, не е оној истиот од пред 20 години.  Порано му се нудеше на Запад како партнер.  Сега се бори против светскиот поредок кој го одредуваат САД. Со тоа го прави светот понесигурен, заедно со авторитарните владетели во Кина или Иран. И тоа за сите народи во светот, вклучувајќи ги и Русите.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама