Даночна реформа на Трамп: богатите - побогати | Економија | DW | 20.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Даночна реформа на Трамп: богатите - побогати

Законот за данок, првата клучна мерка која републиканците успеаја да ја протуркаат, воопшто не ја крие својата вистинска намера. Тоа е бесрамна шема за богатење на богатите на сметка на сиромашните, смета Михаел Книге.

По повеќе засрамувачки погрешни почетоци, републиканците во Конгресот, поттикнати од постојаните твитови на Доналд Трамп, конечно ја постигнаа својата прва легислативна победа изгласувајќи го законот за данок. Трамп и неговата партија сигурно ќе ги минат следните месеци фалејќи ги мерките како исполнување на ветувањата од кампањата дека ќе ја направи „Америка повторно силна“. А тоа, како што покажаа повеќе независни студии на планот, не е точно.

Напротив, она што даночниот закон ќе го стори е дека ќе дополнително ќе ги збогати богатите во САД. Според законот, најбогатите еден процент од Американците ќе добијат 82 отсто од неговите бенефити во 2027 - последната година на законот. Тоа е така затоа што најголемиот дел од мерките во законот за привремени и дотогаш ќе им измине рокот. Но дури и кога законот ќе влезе во сила следната година со сеопфатни намалувања на даноците, пет проценти од Американците ќе плаќаат повеќе данок од сега, додека најбогатите Американци ќе имаат најмногу ќар. 

Повеќе на темата: 

Даночната реформа на Трамп е осудена на неуспех

Трамп најави „даночна револуција“

Укинување на Обамакер

Но законот на републиканците не запира со овозможувањето големо даночно ослободување за корпорациите, богатите Американците како нив, и семејството на Трамп. Честопати се превидува дека дел од законот активно ги подрива средната класа и сиромашните Американци, кои и онака најмалку ќе добијат од даночната шема. Тој дел е отстранувањето на клучниот елемент на Обамакер (законот за здравствено осигурување), т. н. поединечно право, кој наметнува финансиски казни за луѓето кои не купуваат здравствено осигурување. Без тоа барање, премиите за осигурување ќе експлодираат, а надлежните во Конгресот проценува дека повеќе од 10 милиони луѓе ќе го напуштат системот. Тоа пак ќе доведе до зголемување на бројот на неосигурани Американци и со тоа ќе ја загрози одржливоста на Обамакер.

Michael Knigge Kommentarbild App

Михаел Книге


Уништувањето на Обамакер, кој и покрај проблемите им овозможи на милиони Американци да добијат здравствено осигурување, веќе долго беше главна цел на републиканците.

Но новиот закон им штети на просечните Американците на уште еден начин. Се проценува дека тој ќе го зголеми дефицитот за повеќе од еден трилион долари во следните 10 години, што пак ќе ги наведе истите политичари кои го изработија законот да бараат драстични кратења во владините трошења во програмите кои претежно се од корист за сиромашните и старите лица, за да го намалат дефицитот.

Падна маската на Трамп

За Трамп, законот значи официјална абдикација од самопрогласената улога на заштитник на работничката класа и негово крунисување како „крал на мочуриштето“ (спротивно на ветувањето дека ќе го „пресуши мочуриштето“- мислејќи на големите лобисти, н.з.). Секако дека претставувањето на Трамп како претставник на обичните Американци беше трик без никакво значење. Но, овој голем подарок за американските корпорации и најбогатите Американци како него, на кој му претходеше нешто што Њујорк Тајмс го нарече „лобистичко лудило“, конечно им кажува на сите каде се вистинските симпатии на претседателот.

Понатаму, даночниот закон покажува дека Републиканската партија, и покрај отпорот од некои делови, ги поддржува големите корпорации. Иако тоа и не е нешто ново, фактот дека републиканците - кои долго се гордееја со својата фискална одговорност - го напуштија тој концепт и се одлучија за закон кој ќе доведе до нов масовен дефицит, е вреден за одбележување.

И конечно, законот им дава на демократите храна за изборите следната година и за претседателската трка во 2020 година, затоа што ги изложува администрацијата на Трамп и републиканците во Конгресот како приврзани на корпоративните интереси, богатите елити и т. н. вашингтонско мочуриште кое самите толку често го осудуваат.

Укинувањето на штетниот даночен закон може да биде сторено со едноставно гласање во Конгресот. Но стигнувањето дотаму и убедувањето на Американците дека тие не само што му се спротивставени на Трамп, туку дека имаат и реалистичен план за помош на работничката класа, е тешкиот дел за  Демократската партија која сѐ уште не може да се пронајде себеси.

DW.COM

Реклама