1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Рускиот ракетен систем ТОС-1 може да испукува термобарни ракети
Рускиот ракетен систем ТОС-1 може да испукува термобарни ракетиФотографија: Leonid Faerberg/ZUMAPRESS/picture alliance
Конфликти

Дали Русија користи вакуум бомби во Украина?

Маркус Литике
3 март 2022

Украина ја обвинува Русија дека во нападите активирала таканаречена „вакуум“ бомба. Што се знае за инцидентот и какви последици има од употребата на вакво оружје?

https://p.dw.com/p/47w76

Употребила ли руската армија вакуум бомба во нападите во Украина? Вакво обвинение дојде во понеделникот (28.02.2022) од украинскиот амбасадор во САД. „Тие денеска активираа вакуум бомба, која е забранета со Женевската конвенција,“ изјави Оксана Макарова по средбата со американските пратеници.

Што се „вакуум“ бомби?

Вакуум бомби, исто така наречени аеросолни бомби, развиваат огромен топлински ефект. Додека поголемиот дел од конвенционалните експлозивни направи содржат мешавина од пиротехнички материјал и оксиданс за да создадат експлозија, аеросолните бомби се речиси целосно направени од пиротехнички соединенија и се активираат во допир со кислородот во воздухот за да создадат експлозија. Пиротехничкиот материјал од бомбата се раситнува на најсилни делчиња во воздухот и потоа се запалува. По дефлаграцијата (брзо согорување) и бранот на притисок се јавува вакуум ефект или поточно кажано фаза на негативен притисок. Експлозијата го истиснува кислородот од воздухот бидејќи експлозивната направа не содржи сопствен оксидант.

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

Какви штети може да предизвикаат вакуум бомбите?

Вакуум бомбите имаат огромен разурнувачки потенцијал. Хјуман рајтс воч цитира документ на ЦИА за разорното дејство на ваквите бомби. „Оние кои ќе се најдат во близина на местото на кое ќе експлодира ваква бомба ќе бидат уништени. 

Повеќе: Војна во Украина: Гранати врз Харков, Херсон е опколен

Оние малку подалеку веројатно ќе имаат многу внатрешни повреди, а со тоа и невидливи, како на пример пукнати ушни тапанчиња, тежок потрес на мозок, пробиени бели дробови или други внатрешни органи, а можно е и слепило.“

Се користи ли вакво оружје во сегашната воена зона?

Американската телевизија Си Ен Ен известува дека на руска страна во пограничната област кон Украина е регистриран систем за вакво оружје. Репортерот на Си Ен ЕН, Федерик Плајтген на твитер сподели и видео со кое се поткрепува извештајот и напиша: „Руската армија го распореди тешкиот ракетен систем ТОС-1, кој истрелува термобарни ракети, јужно од Белгород.“

Белгород е руски град во близина на украинската граница. И Франк Зауер од Универзитетот на Бундесверот во Михен за ДВ потврдува: „Знаеме дека Русите имаат распоредено системи за вакво оружје во регионот“

Каде во Украина, Русија наводно ги употребила овие бомби?

Една вакуум бомба наводно експлодирала во градот Охтира во областа Суми. На социјалните мрежи се споделуваат слики и видеа од експлозијата и нејзините последици. Портпаролката на Белата куќа, Јен Пасаки изјави дека ги видела ваквите извештаи, но за сега не е потврдено дали Русија користела вакво оружје во нападите. Меѓународните организации ќе треба да ја оценат веродостојноста на овие снимки.

Повеќе: Како оружјето од Западот стигнува во Украина?

Во меѓувреме американската амбасадорка во ОН, Линда Томас – Гринфелд, исто така ја обвини руската страна за користење вакуум бомби. „Видовме видео снимки на кои се гледа како руските сили носат екстремно смртоносно оружје во Украина кое не смее да се користи на бојното поле,“ изјави Томас – Гринфелд на Генералното собрание на ОН. „Меѓу нив има и вакуум бомби, кои се забранети со Женевската конвенција“, тврди амбасадорката.

Фотографија од разурнатата база Охтирка во регионот Суми, која би требало да ја докажува употребата на вакуум бомба од страна на Русија
Фотографија од разурнатата база Охтирка во регионот Суми, која би требало да ја докажува употребата на вакуум бомба од страна на РусијаФотографија: Irina Rybakova/REUTERS

Што велат експертите?

Франк Зауер од Универзитетот на Бундесверот во Минхен вели: „Од сликите кои ги гледаме од Украина многу е можно таму да се користат аеросолни бомби. Но, сепак со овие видео снимки не може до крај да се потврди тоа.“ Со сличен став е и воениот експерт Густав Гресел, кој за ДВ ги анализираше овие видео снимки. „Според мене, ниту едно друго оружје, освен атомско, не би ја имало оваа разорна сила“, вели тој. Сепак не може да се исклучи дека била погодена цел со експлозивен потенцијал. „Но, во таков случај би се слушнале низа детонации,“ вели Гресел. Според извештај на весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг и кај западните разузнавачи има сомнеж дали се работи за експлозија на вакуум бомба.

Доколку се потврдат ваквите извештаи за користење на вакуум бомба од руска страна, тогаш тоа би било воено злосторство и Украина би можела да поднесе тужба. „Поседувањето такви системи на оружје не е забрането. Сепак, нивното користење во населени области е воено злосторство, бидејќи овие оружја имаат широко распространет ефект“, вели Франк Зауер.

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

загадување Скопје

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница