Дали Македонија премногу веруваше во Кирил Петков? | Северна Македонија | DW | 04.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дали Македонија премногу веруваше во Кирил Петков?

Македонската политичка елита за Петков сака да зборува како за некаков бугарски Дон Кихот, кој сака да ги разбие бугарските прерасуди кон Македонија. Но, дали е баш така? Пишува Љупчо Поповски.

Бугарскиот премиер, Кирил Петков

Бугарскиот премиер, Кирил Петков

Политиката е чудо на свој начин. Кога не си во неа си слободен на многу начини, кога ќе влезеш во нејзините машини „заробен“ си на најразлични запчаници. Најмногу од интересите на актерите во неа.

Еве еден пример за тоа што значат „политичките пранги“. Се работи за еден од најдобрите надворешно-политички експерти на Балканот и многу познато лице во македонските кругови – Весела Чернева од Бугарија. До декември минатата година таа беше заменик-директор на Европскиот совет за надворешни работи и шеф на канцеларијата во Софија. Фокусот на нејзиното истражување и делување се надворешната политика на ЕУ, како и Западен Балкан и регионот на Црното Море. Порано таа беше и портпарол на бугарското министерство за надворешни работи, како и секретар на Меѓународната комисија за Балканот.

Во јануари 2021 година таа за бугарскиот весник „Дневник“ оцени дека тогашната бугарска влада на Бојко Борисов нема ни желба ни намера да стори нешто до март таа година за кревање на блокадата за Македонија и дека за решение може да се зборува дури на средината на таа 2021. „Концептот за проширување ќе се разгледува политички, затоа што ако само кажеме дека проширувањето постои, а во пракса е невозможно да се исполни, тоа ги демотивира земјите кандидати. Пристапот - ги лажеме дека ги сакаме, нѐ лажат дека веруваат - повеќе не функционира“, рече тогаш. Таа нагласи дека дека Бугарија само ја завршила валканата работа и дека зад неа молчат други земји на кои им одговара овој развој на настаните.  

Тогаш ја даде и оваа оценка: „Се надевам дека Бугарија ќе ги запре овие обиди, бидејќи ова дополнително ќе ја изолира и ќе си направи да ѝ е потешко. Видовме дека не само Чешката Република, Словачка и Германија, туку и сите 26 земји, јасно ставија до знаење дека не го прифаќаат бугарскиот аргумент. Дури и соседите како Грција и Романија, на кои теоретски би требало да може да се потпре Бугарија, не покажаа соседска солидарност“.

Љупчо Поповски, автор на колумната

Љупчо Поповски, автор на колумната

Во ноември 2021 Чернева во авторски текст објавен од Европскиот совет за надворешни работи напиша дека „Западен Балкан е во неволја и дека ЕУ треба да му понуди нешто ново“. Во него таа вели дека „ЕУ итно треба да го промени својот пристап – нејзиниот избор на ‘конструктивна двосмисленост’ повеќе не функционира и создава само иритација низ целиот регион“.

Потоа, една недела пред формирањето на владата на Кирил Петков, таа изјави дека Планот за закрепнување и развој на ЕУ како инструмент не може да се поврзува со ниту едно билатерално прашање меѓу поединечни земји. Сепак, политички, според неа, тоа веројатно може да се поврзе. Таа додаде дека факт е дека Бугарија во моментов е во многу осамена ситуација во ЕУ и поради нејзината позиција за Македонија не добива симпатии за ниту едно прашање што би било важно за бугарските граѓани.

Удар во ѕид на калибрираната политика

На 13 декември беше избран кабинетот на Петков составен од една политички неверојатна четиричлена коалиција. Весела Чернева стана шеф на тимот за надворешна политика на Петков и во тоа својство веднаш по Нова година, на 2 јануари, дојде во Скопје со задача да ја подготви посетата на новиот бугарски премиер што се случи на 18 јануари веднаш по изборот на новата македонска влада на чело со Димитар Ковачевски. Таа посета во себе имаше и доза на политички спектакл, затоа што изгледаше дека замрзнатите односи полни со меѓусебна недоверба се поставени на нови шини со работни групи кои треба да направат голем пробив во наредните шест месеци и политиката зграпчена од националистичките канџи ќе може малку да здивне во своевиден чист воздух. Сето тоа од денешен аспект изгледа како голема заблуда.

Повеќе од авторот: Кога ветото се претвора во слабост

Не, ова не се реченици со кои на некаков начин треба да се поткопа умешноста добронамерноста, знаењето и искуството на Весела Чернева. Напротив, токму обратното – дека паметните луѓе можат да дадат извонреден придонес да се изгради вистински мост преку „македонско-бугарската река Квај“. Но дека внимателно калибрираните дипломатски потези за намалување на тензијата од обете страни на Осогово и зголемување на довербата може да се удрат од ѕид и да изгледа дека се распрснуваат. Во основа, тука не се работи за Весела Чернева и нејзините совети (за кои, нема сомневање, го користат најдоброто европско знаење и широчината на размислувањето), туку за ситуација во која за само шест месеци се најде нејзиниот шеф – Кирил Петков.

Македонскиот и бугарскиот премиер, Ковачевски и Пеков на заедничка пресконференција на 25 јануари 2022 во Софија

Македонскиот и бугарскиот премиер, Ковачевски и Пеков на заедничка пресконференција на 25 јануари 2022 во Софија

Иако македонската политичка елита не сака да кажува условно речено, „лоши зборови“ за Петков, туку повеќе за него сака да зборува како за некаков бугарски Дон Кихот кој сака да ги разбие бугарските прерасуди кон Македонија и да најде начин да се тргне блокадата на Софија (во исто време, да ѝ помогне на македонската јавност да стопи и дел од овдешните предрасуди). Но, не е баш така. Ако ја прочитаме само неговата последна изјава од четвртокот околу наводниот предлог на Франција, кој треба да изнајде формула за кревање на ветото, во неа нема ништо поразлично од она што го кажуваат другите политички актери во Бугарија – од претседателот Румен Радев до сите други партии во собранието: „Во врска со планот на Франција јас ништо не сум видел црно на бело, но, се разбира, отворени сме да разговараме со сите наши европски партнери кои имаат предлози. Но повторно ќе кажам, тие треба да бидат согласни со рамковната позиција на Бугарија. А дури и позицијата да се утврди, таа треба да помине низ Народното собрание“, рече Петков.

Повеќе од авторот:  Тодор и Ванче

Една недела порано се појавија информации во бугарскиот печат дека за време на коалицискиот совет на четирите партии Петков најавил дека ќе бара условите што ги постави Бугарија за решавање на спорот со Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија. Неколку дена претходно во Рим, за време на чествувањето на Кирил и Методиј, во најдобриот манир на историското присвојување на солунските браќа, рече дека „азбуката што ни ја дадоа светите Кирил и Методиј ја прави старата бугарска култура исклучително важна за европската цивилизација. А големите умови ја нарекуваат Бугарија културно чудо на Словените“.

Се разбира, тешко може да му се одземе правото на еден бугарски премиер да ги става сесловенските просветители (како што се нарекуваат во целиот словенски свет) во бугарски рамки, како што тоа претходно го направи тамошното собрание. Но ако Петков тоа го прави да не ја вознемирува бугарската јавност и дополнително да ја дели и така поделената владејачка коалиција, со овие изјави го поткопува својот брзо стекнат углед во македонската јавност дека тој е политичар од европски ков со американско педигре кој сака да решава проблеми, а да не се повладува на горливата политика.

За голема жал на Балканот, Кирил Петков не е Алексис Ципрас и, барем така сега изгледа, нема ни намера да биде. Ципрас ја жртвуваше премиерската функција за да го склучи Преспанскиот договор со Зоран Заев, по кој и двајцата ја загубија власта, но оставија наследство кое ќе се изучува во учебниците на универзитетите и во аналитичките центри за тоа што може да направи политиката која има визија. Ако во некаков случај македонско-бугарските преговори не се одвиваат во таква тајност како израелско-палестинските преговори во Осло, тоа значи дека Петков одлучил, барем во случајот со Македонија, да јава на бранот на расположението на јавноста. За да ја зачува владата, а и своето место во политиката.

За време на самитот на лидерите на ЕУ на почетокот од оваа недела, Петков за бугарските новинари рече дека нема реални чекори напред во разрешувањето на спорот. „Секако, зависи од Европа, колку тие би ги прифатиле условите кои се многу важни за Бугарија. Затоа велам дека тоа е на ниво на дипломати. Нека си ја завршат работата, потоа доаѓа на ниво на политичари и на крајот доаѓа бугарскиот парламент, кој мора да го земе последниот тежок збор“.

Бугарскиот премиер Кирил Петков дава изјава на бугарските новинари

Бугарскиот премиер Кирил Петков дава изјава на бугарските новинари

Старите „добри" шини

Ако на ова се додаде информацијата што пред некој ден ја кажа министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, дека експертските дипломатски тимови немале средба уште од 11 февруари (13 дена пред руската инвазија на Украина), тоа би требало да значи дека од оние спектакуларни најави за време на посетата на Скопје не останало речиси ништо. Дека бугарската политика спрема Македонија повторно се вратила на старите „добри" шини. Како што беше провокацијата која не донесе ништо позитивно при отворањето на бугарскиот клуб во Битола.

Повеќе од авторот: Што навистина сака Бугарија

Тоа се гледа и во јавните контакти меѓу Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Наводно, тие имаат некаква регуларна телефонска комуникација, но јавните средби се сведени на минимум. Ковачевски и Петков, заедно со нивните двајца министри за надворешни работи, се сретнаа пред десетина дена во Рим за време на чествувањето на Кирил и Методиј, но од таа средба не излезе ништо – само потврда дека остануваат големите разлики меѓу двете земји. Претходно во мај, на свеченоста во грчкиот град Александропулис за промоцијата на терминалот на течен гас Ковачевски и Петков, иако седеа речиси еден до друг, немаа средба.

Има некои гласови дека Бугарија сака или го блокира македонското учество во терминалот во Александропулис. Тоа е тешко да се дознае, но ако е така би претставувало прилично непринципиелен притисок во проектот кој во основа започна на инцијатива на Американците.

Проникливиот бугарски политиколог и професор Евгениј Дајнов неодамна во разговор за ТВ21 изјави дека „нема лесно и брзо решение, бидејќи средината е отруена и јас навистина стравувам дека ако утре се подигне ветото овде ќе има проруски бунт. Подготвени се, има списоци на луѓе за затворање... Политиката е разговор за иднината“. Можеби е така, тој многу подобро од кој било овде го познава дамарот на бугарската јавност. Но дали стравот од бунтови треба да го одредува „разговорот за иднината“, како што вели.

Бугарскиот политиколог и професор, Евгениј Дајнов

Бугарскиот политиколог и професор, Евгениј Дајнов

Најпосле, поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов (кој стана познат овде со неговата реченица дека „Македонија е најромантичниоот дел од бугарската историја“) веројатно е во право кога вели дека со агресивната позиција на Бугарија кон Македонија „се создава една нација кој искрено ја мрази Бугарија“ и дека вистинските државни лидери мора да го креираат јавното мислење, особено кога станува збор за историски одлуки. Но изгледа дека тоа е лесно да се каже кога си во политичка пензија.

Како и да е, изгледа дека односите меѓу двете земји се во длабок мраз, како да не излегле од него од крајот на 2020. И да се вратиме на Весела Чернева. Добрите совети и внимателно калибрирани концепти не секогаш може да пробијат пат во политиката, онаа главната, што ја раководи државата. И тоа не е случај само во Бугарија. Тоа е така и овде, речиси секаде на Балканот, па и во Европа. За жал, изгледа дека Македонија, барем како што сега изгледа, треба да се подготви на уште една долга европска зима која овој пат доаѓа од исток, а не од југ. Причините се нелогични, но кога во политиката секогаш имало логични чекори. Особено кога таа е поврзана со митовите и многувековни чудни реминисценции.