1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали добрососедството ќе ги победи недобрососедските пораки?

Костадин Делимитов
12 октомври 2020

Најавите на Заев дека нема да почнат преговорите со ЕУ ако Бугарија остане на барањата се јасен сигнал за македонските црвени линии. Експертите сметаат дека Софија ги преценува своите позиции но сугерираат внимателност.

https://p.dw.com/p/3jm8U
Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Нова фаза на неизвесност е на повидок по изјавата на премиерот Зоран Заев дека доколку Бугарија остане на барањата треба да се подготвиме дека нема да почнат преговорите со Европската унија. Резервите и песимизмот кај Заев доминираат по разговорите Захариева-Османи во Софија за кои оцени дека не биле добри:

„Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која ја очекуваме во декември. Но, јас верувам дека тоа не став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение“, рече Заев.

Компликувана позиција на Борисов

Експертската јавност не е изненадена, но е загрижена од новата неизвесност која се наметнува од страна на Софија. Тоа што Заев полага надежи во Борисов е добар сигнал, но дилемите се дали и доволен во моментов:

„Знаеме дека се блиски и претпоставувам дека тој ги знае неговите позиции, барем по однос на неблокирањето. Не викам дека Борисов размислува поинаку од мнозина во тој политички бугарски естаблишмент, ама е барем поконструктивен и пореален. Тој е изложен кон Брисел и ЕУ и пораките оттаму доаѓаат кон него и кон министерката за надворешни работи. Но внатре состојбите се многу покомпликувани, особено пред изборите. Она што загрижува е дека оваа тема влезе во предизборието и повлекување или ретерирање без некое објаснување ќе биде потешко и потешко. Лошо е и што опозицијата не се разликува, ги чека во заседа околу ова прашање и тоа дополнително ја компликува ситуацијата на Борисов. Дали ќе се случи тоа што го најавува премиерот е можно, но има време до тогаш", коментира Огнен Малевски, дипломат и поранешен амбасадор.

Повеќе:

Сепак ќе биде „трудно“

Бугарски интелектуалци против меморандумот на Софија: „Зошто Европа не нѐ разбира“

Софија условува со „добрососедство“, Берлин очекува почеток на преговорите

Брунбауер: Бугарија провоцира глупав конфликт за целосно измислени проблеми

Она што е многу важно во моментов според него е да се има цврст став но истовремено да се биде многу внимателен и да не се повторуваат грешките од минатото:

„Видливо е дека за таквата позиција на Бугарија во Европската унија има малку разбирање, но големо прашање е колку тој притисок може да влијае на промена. Нашата позиција е конструктувна, сакаме да разговараме но имаме и ние црвени линии така што влегуваме во фаза на неизвесност во која треба да се биде многу внимателен. Ние сме се испекле во минатото виза ви Грција со непромислени потези, антиквизации, удирање контри и ја загубивме поддршката и онаа позиција на разбирање што ја имавме и влеговме во потешка ситуација од која моравме да излеземе со Преспанскиот договор. Но тоа не значи дека треба да бидеме сервилни и да направиме отстапки кои никој во Македонија не би ги разбрал во однос на јазикот и се друго што е спорно. Нека се објаснуваат тие со Европа и современата историја, тоа и внатре во Бугарија има паметни луѓе кои го разбираат, а уште помалку нема тоа да го разберат во Европа, но не смееме ние да влеземе во таа игра. Нивната крајна одлука е да не блокираат, но со тоа не можат да издејствуваат промена на нашиот став", предупредува Малевски. 

Маса невистини во Меморандумот

Дел од упатените не се изненадени од пораката на Заев ако се знае историјатот на односите и потезите кои ги повлече македонската Влада во изминативе години. Но и пораките кои своевремено ги испраќаше бугарскиот премиер Бојко Борисов за потреба од конструктивност и штетност ако се гледа во минатото:

„Изјавата на Заев е порака до Софија но и до македонскиот народ. Од една страна, тој сам е свесен дека има црвена линија која Македонците не би му простиле ако ја премине бидејќи дел од ревандикациите што ги наметнува Софија и условува како барања се мошне претерани, имајќи предвид дека има маса невистини во Меморандумот што го испрати Бугарија до ЕУ. Од друга страна мислам дека пораката е и до Борисов и владата во Софија дека ете имавме одредени заеднички точки околу европеизација на Балканот, заеднички консензус околу договорот за добрососедство и пријателство и сега одеднаш имаме ретерирање. Заев одржувал одредени контакти, но сега сака да каже дека ако толку тврдоглаво се инсистира и покрај прифаќањето на заедничко чевствување, датуми, пријателство, добрососедство, тогаш треба да дојде до одлагање на почетокот на преговорите", коментира Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен амбасадор.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Политиката на тврдоглавост и попуштање под пресијата на националистичките структури според Ружин е ризична тактика. Бугарија може да диктира, но сепак не и да се преценува смета тој:

„Тоа е голема одговорност и голема тежина за раководството во Софија бидејќи Бугарија сепак е во многу поразлична позиција од Грција на пример. Тука станува збор за новосоздаден проблем, а Бугарија сепак има статус на млада држава во Европа и необично е една таква соседна земја да игра на начин да се ревидинцира она што не може да се ревиндицира. Таа може да диктира но како млада членка го нема тој авторитет, како што го имаше Грција кон Република Македонија порано, а сега Северна Македонија. А да не заборавиме и дека ЕУ држи лекции. Затоа треба да се покаже решителност, храброст и проблемот да биде надминат. И мислам дека поголеми се шансите тој да биде надминат отколку да биде блокиран процесот на преговори“, смета Ружин.

Димитров: „Нема пријателство без взаемна почит“

Конструктивноста и посветеноста на македонската страна за решение на отворените прашања беа јасно изразени и од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. На чествувањето на 11 октомври во Прилеп зборувајќи за фашизмот Димитров предупреди дека би било многу погрешно едно зло да се врзува за цела нација. Но истовремено и порача дека без заемна почит нема пријателство:

„Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи придавката во своето име „европска“ и не знам дали ќе можеме да веруваме во таква Европска унија. Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат на македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора да прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседна или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопределување“, порача Димитров.

Отворените прашања околу историјата се решаваат, или треба да се решаваат на ниво на комисиите од двете држави во кои членуваат историчари. Сепак, она што го компромитира овој процес се изјавите токму на политичарите, посебно на претставници на бугарската политика, кои го користат секој повод за да испратат пораки дека без отстапки околу користењето на терминот македонски јазик, патот кон Европската унија ќе биде невозможен. Дополнително, Софија настапува и со критични тези за формирањето на македонската нација.

Ваквата стратегија предизвика реакции и внатре во Бугарија. Група бугарски историчари, јавни личности и научници деновиве реагираа на меморандумот на нивната влада со кој се условува почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и побараа  промена на официјалните ставови.

Во четврток во Скопје треба да се одржи нова средба на Заедничката комисија за историски прашања. Ова ќе биде десетти состанок на Комисијата во која членуваат историчари од двете држави. Досега според информациите постигнат бил консензус за пет прашања, во однос на две историски епохи и пет историски личности.