Дали Америка е подготвена за револуцијата на Сандерс?! | Свет | DW | 14.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Дали Америка е подготвена за револуцијата на Сандерс?!

По катастрофалните (не)избори во Ајова каде за неколку промили победи новата ѕвезда на демократското небо Пит Бутиџиџ, по партиските избори во Њу Хемпшир, Берни Сандерс е дефинитивниот фронтранер за Демократите.

Изборот во Њу Хемпшир е далеку поиндикативен во изнаоѓање на кандидатот кој би се соочил со Доналд Трамп. Тука за разлика од Ајова, каде изборите беа од затворен тип, право на глас имаа и независните гласачи, оние кои не декларираат припадност кон ниту една партија. Односо, победата на Сандерс покажува дека тој добро би поминал во оние држави (swing states) каде електоратот е неодлучен и изборниот резултат е крајно нејасен.

Дебакл доживеаа Џо Бајден и Елизабет Ворен, додека сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар воскресна меѓу умерените кандидати.

Иако умерениот кампус претставен од Бутиџиџ, Бајден и Клобучар доживеа поделба на гласовите, тоа што е проблем за Демократите и за Сандерс е поделбата на гласовите во блокови. Ако ги споредиме гласовите на умерените Демократи и оние на радикалните левичари, или социјалдемократи, тогаш комбинираниот резултат на Сендерс и Ворен (чии програми се слични) изнесува 35 проценти од гласовите. Ако ги сумираме гласовите за умерените кандидати, односно Бутиџиџ, Бајден и Клобучар, тогаш се надминуваат 50 проценти од демократските гласови. Клучното прашање за Демократите е дали оваа атомизацијата на умерените гласачи ќе почне да се концентрира во еден кандидат или ќе продолжи да се распрснува на сите страни.

Добрите вести за Сандерс се што и покрај веќе наводно митската поддршка за Бајден од страна на малцинствата, особено од латино и афро-американската заедница, 78 годишниот Берни, според серија на релевантни анкети, го има надминото поранешниот потпретседател на Обама и на ова поле.

Vorwahlen in den USA - New Hampshire Bernie Sanders (Reuters/R. Wilking)

Берни Сандерс

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

-Земјотресот кој ризикува да нѐ помири

-„Договорот на векот“ на Трамп е фарса, а Македонија е сервилна и смешна

Демократите се поделени на многу основи, според идеологија, род, етнички и според возраст.

Сандерс и понатаму има голем проблем со изборност кај жените и кај повозраните гласачи. Поддршката кај мажите за Берни е 32 проценти, додека кај жените, едвај 20 проценти. И додека кај младите помеѓу 18 и 34 години Сандерс е апсолутниот фаворит, кај гласачите над 65 години поддршката за него е седум пати помала. Кај демократскиот електорат жените се мнозинството од гласачите, додека излезноста кај возрасните е најголема.

Останува непознаницата со Мајкл Блумберг, мултимилијрдерот и поранешен градоначалник на Њујорк, кој не се појави на првите два партиски избори, и ќе влезе во игра дури на 3 март, на Супер-вторникот, кога ќе се гласа во големите држави како Калифорнија и Тексас. Според политичкиот профил и Блумберг би требало да ги привлече умерените гласачи, додека тешко би откинал гласови од електоратот на Сандерс и Ворен.

Доколку конечниот дуел би се одвивал помеѓу мултимилјадерот и демократскиот социјалист, бројките повторно се на страната на Сандерс. Берни е прв меѓу вторите преференци кај поддржувачите на Ворен и е изедначен со Блумберг меѓу вторите преференци кај поддржувачите на Бајден. Воедно, меѓу демократскиот електорат дури 76 проценти гледаат наклонето кон Сандерс и само 18 проценти негативно, додека Блумберг може да се надева само на 58 проценти наклонетост.

Во идеолошка смисла пак, најголемата опасност по Сандерс е таа антиестаблишмент и антиамериканска етикета и стигма на „социјалист“ и „екстремист“ која си ја заработи во американското општество. Застапникот на социјална и здравствена заштита за сите, кејнесијанска економска политика на капитални државни инвестиции, поголем данок, односно оние нормални социјалдемократски велфер и економски политики кои ја извадија Европа од мизеријата после Втората Светска војна, во Америка се уште се третираат како комунистичко зло и екстремизам. Според последните анкети, само 19 проценти од електоратот има позитивно гледиште за демократскиот социјализам, додека 53 проценти се изјасниле негативно.

Оттука и не е случајна споредбата која оваа недела ја направија двајца колумнисти и политички коментатори, Томас Фридман од Њујорк Тајмс и Томас Вулф од Фајненшел Тамјс, изедначувајќи ја судбината на Сандерс со онаа на поразениот британски левичар Џереми Корбин. Од двете страни на Атлантикот владее стравот или сомнежот дека Сандерс е дежа ву на Корбин. Аналогиите се навистина зачудувачи. И покрај победата (според процент на гласови, не и делегати) во Ајова и Њу Хемпшир, Сандерс добива многу помал процент на гласови од 2016-та година. Исто како и Корбин, кој во 2019-та добива многу помалку гласови отколку во 2017-та година. Тоа кажува дека почетниот ентузијазам се намалил и за двајцата.

Сандерс е најголемиот левичар и антиестаблишмент кандидат на Демократската партија после Џорџ Мекговерн од 1972 година кој беше прегазен од Ричард Никсон. Корбин е најголемиот левичар и антиестаблишмент кандидат на Лејбор од премиерската кандидатура на Мајкл Фут во 1983 година, кој го доживеа најголемиот пораз во историјата на партијата, буквално асфалтиран од триумфот на Маргарет Тачер. И Сандерс и Корбин отворено се декларираат како социјалисти, а и за двајцата владее мислењето дека не и припаѓаат на партијата, бидејќи најголем дел од својата политичка кариера ја поминуваат како независни левичарски претставници или на маргините на партиската номенклатура, честопати гласајќи против одлуките на партијата.

Доколку Сандерс се соочи со популистот Трамп, ќе биде етикетиран како комунист, исто како што популистот Борис Џонсон го стигматизираше и го нападна Корбин како марксист. Обвинението и кон двајцата е идентично: дека не се патриоти, дека не ја сакаат и не ја отсликуваат својата земја.

Како што ќе заклучат и двата реномирани весници, секако многу критични кон Трамп и кон Џонсон, но подеднакво блиски до политичкиот естаблишмент, радикално левичарската кандидатура на Сандерс ризикува да го уплаши американскиот електорат и со тоа да ја осигура победата на Трамп, исто како што му се случи на Корбин во Велика Британија.

Аналитичарите од Вашингтон и Лондон предвидуваат дека борбата ќе се сведе помеѓу Сандерс и Блумберг, каде овој последниот важи можеби за најумерениот кандидат кој Демократите се во состојба да го понудат, во надеж дека наместо социјалистичка револуција подобро е да излезат со обид за обединување на Америка зад серија на прагматични реформи, рецепт кој веќе им има обезбедено победи со Кенеди, Клинтон и Обама. Во секој случај, отворената поддршка на Фридман и Њујорк Тајмс за Блумберг јасно кажува каде ќе се насочат напорите на естаблишмент во пронаоѓањето на алтернативен и кредибилен кандидат кој би му се спротивставил на Сандерс.

Но, што мислат Трамп и Републиканците за состојбите кај Демократите и за изгледите на Сандерс?! После изборите во Њу Хемпшир Трамп веднаш излезе со ироничен пост за Блумберг, каде победата на Сандерс ја опиша како лоша вечер за Мајк. Коментарот делува помалку чудно имајќи предвид дека Блумберг не беше дел од гласањето, па зошто Трамп би иронизирал со него.

Но, Трамп знае дека неговото мнозинство е многу тесно, па оттука сака да влијае на изборот на противникот, кој на 3-ти ноември најлесно би го победил. Затоа, Трамп одлучува да навива за Сандерс.

Две години пропагандната машина на Трамп работеше на тоа да го ослабне Џо Бајден, кого го сметаа за најопасен противкандидат од редовите на Демократите. Преку злоупотребата на моќта, случајот Украинагејт и изборниот дебакл на Бајден, се покажа дека Трамп успеал во намерите. Сега претседателот е фокусиран на тоа да го отстрани од игра центристичкиот и умерен кандидат кој според него и Републиканците има најголеми шанси за победа, односно Блумберг. Тоа значи поддршка за радикалниот Сандерс, со кој потоа лесно би се ставила во игра политичката кампања против социјализмот и комунизмот во Америка. Ќе видиме дали мултимијардерот Блумберг кој планира да потроши една милијарда долари свои пари, политички ќе ја преживее аудио бомбата од 2015-та година во која ги стиматизира латино и афро-американските малцинства. Трамп го нарече Блумберг „тотален расист“, уште пред поранешниот градоначалник да излезе на предизборниот терен.

Како и да е, и кај демократскиот естаблишмент и кај Републиканците владее мислењето дека Сандерс е ранлив кандидат. Медиумите блиски до Демократите, па и оние кои отворено навиваат за Сандерс не ја кријат таа негова слабост. И додека тие првите таа слабост ја инструментализираат во интерес на кандидатите блиски до естаблишментот, другите ја користат да ја да предвидат играта на Трамп.

Заклучоците се слични. Републиканците ќе ја искористат антипатијата и непријатеството кое владее помеѓу Сандерс и Хилари, која токму деновиве не се воздржа од токсични критики кон Берни и неговиот карактер. Трамп ќе ја употреби таа токсичност за да го опише Сандерс како комунист кој не застанал против маскулистичките напади на неговите поддржувачи кон Хилари за време на кампањата во 2016-та година.

Трамп ќе ја тероризира јавноста со заканата дека Сандерс планира да го конфискува нивното здравствено осигурување, па дури и нивните домови. Нема да престане да повторува дека Берни сака на Американците да им ги одземе приватните осигурувања. Со Сандерс како кандидат Трамп кој досега не се фалеше премногу со надворешната политика, ќе има материјал да ги напаѓа Демократите дека се проирански настроени. Но пред се и над се, Трамп ќе игра на патриотската карта дека кандидатурата на Сандерс и неговата идеологија во суштина се анти-американски. „Мислам дека е комунист“, ќе изјави Трамп пред неколку дена во неговото интервју пред Суперболот. „Кога мислам на комунизам, мислам на Берни. Вие би рекле социјалист, но зарем не стапи во брак во Моска“, ќе додаде Трамп во својот напад каде свесно ја извртува вистината, иако Сандерс својот меден месец со сопругата ќе го помине во Советскиот Сојуз.

Критиките и прљавата црна кампања се неизбежен дел од едни политички избори. Прашањето е дали Сандерс ќе успее својата идеологија и програма да ги трансформира во автентично политичко движење кое би ги инволвирало граѓаните и целата американска економска машинерија. Останува силен сомнежот дали Америка е подготвена за така драстична промена, одеднаш да се трансформира во една огромна Шведска.

Неговите предлози бараат да бидат сфатени подлабоко од само програмски идеи. Тие имаат своја суштинска и вредносна компонента во менување на американското општество, но мора да заживеат во реалноста.

Предлозите како загарантирана минимална плата од 15 долари/час, еднаквост маж-жена и во работните услови и во приходите, заштита за синдикалното членување, бесплатно универзитетско образование, отпишување на студентските долгови, се одлични политики на хартија, но многу е потешко да се објаснат како би се финансирале.

Одговорот на ова прашање е единственото поле каде Сандерс помалку се лизнува и си дозволува тронка демагогија во одговорот: „Доволно е мало оданочување на финаниската шпекулација на Вол Стрит“. Се е тоа во ред, но мали оданочувања не можат да финансираат вака амбициозни проекти, плус универзално здравствено осигурување за сите.

Дури и залагањето за еколошки Green New Deal, е тешко да се објасни и спроведе во реалноста, каде зависи многу од една Индија и Кина, и каде европскиот пример за сличен еколошки пресврт, и покрај ветувањата на новата Комисија, се покажа како тродупло поскап од предвиденото и политички тешко изводлив.

Да не зборуваме колку е лесно да се наведат грешките на Трамп, но колку е тешко истите да се адресираат. Особено во ситуација кога Трамп внимателно ги одбра темите на кои ќе ја базира својата кампања. Прво и основно – економијата. Американската економија е во историски деценски подем, нешто што не е само негова заслуга, но со малку преувеличани бројки, ќе биде така претставена. Трамп се фали со седум милиони ново вработени, „работничка ренесанса“, и овој пролетаристички дискурс е како создаден да го одалечи Сандерс и да ја минимизира неговата ударна тема. Имиграција, малцинства, ослободувањето од импичментот, сите овие теми Трамп ќе ги претстави како свои победи, а за Демократите како нивни порази. Трамп не е мнозински претседател и докажа дека знае да победи со помалку гласови. Но, за разлика од 2016-та година, сега е уште поборбен, побескруполозен и има со што да се пофали.

Дека Америка е подготвена за револуција, во моментов делува тешко. Би било доволно да видиме дека Демократите се подготвени за промени во своите редови. Можеби овој пат, тргнувајќи токму од Сандерс.

 

DW.COM

Реклама