Груевски или ќе одговара за корупција, или за воени злосторства | Македонија | DW | 28.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски или ќе одговара за корупција, или за воени злосторства

Колку е искрена изјавата на Груевски не знам, но малку е лицемерно, зашто реториката на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во последно време, не беше деескалирачка, оценува пратеникот во Бундестагот Јосип Јуратовиќ (СПД)

Дојче Веле: Г-не Јуратовиќ, Вие бевте еден од првите германски политичари кои реагираа по ескалацијата на настаните во Македонија. Како ја проценувате ситуацијата и колку е голема опасноста од нејзино натамошно влошување?

Јосип Јуратовиќ: Состојбата е многу загрижувачка. Сега е најважно граѓаните да останат смирени, да не дозволуваат подгревање на страстите. Треба да се направи сѐ за да се зачува демократијата. Парламентот треба да се заштити, но мирно. Важно е да се избегнува секаква ескалација, зашто сѐ друго би било само „вода на воденицата на Груевски“.

Можеше ли да се очекува ваков тек на настаните?

Не баш. Имав постојано чувство како Груевски и луѓето околу него да создаваат определена атмосфера. Но, јас верувам во разумот на луѓето. Ова сега беше акција на десни радикали, но сепак се надевам дека состојбата ќе биде ставена под контрола.

Претседателот Иванов не го осуди насилството со ниту еден збор. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа го стори рано изутринава. Тој покажува со прст кон други и вели дека антидржавни платформи и желбата да се дојде на власт по секоја цена биле причини за оваа ситуација. Вели дека никогаш не мислел да дојде или да остане на власт со насилство. Како го коментирате ова?

Не можам да коментирам колку тој ова или она искрено го мисли. Но, мислам дека е малку лицемерно, зашто ако се анализира реториката на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во последно време, тогаш таа не беше деескалирачка, туку беше повеќе реторика која мора да доведе до ескалација. Оттука, не ми значи многу кој сега, што и како кажува. Важно е што сега се прави. За мене е важно, тоа го слушнав, дека претседателот Иванов сега ги повикува сите партии, мислам дека тоа е важно и добро. Кога сите партии се залагаат за демократија, тоа е еден вид сигурност за демократијата. Ова е ситуација која е пред сѐ важна за ВМРО-ДПМНЕ. На партијата ѝ е неопходна демократизација, која им е неопходна и на другите партии, но и на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата мора да одлучи: сака да биде конзервативно демократска партија, која ѝ е неопходна на Македонија, или ќе се претвори во криминално здружение со тоа што ќе заштитува одредени клики. Тоа е голем предизвик. Посакувам ВМРО-ДПМНЕ да успее да стане демократска партија.

Како гледате на улогата на меѓународната заедница, токму во вакви моменти?

Најважно е Европа и меѓународната заедница сега да се концентрираат на демократските вредности. Треба да се штитат демократските вредности, а не во име на стабилноста постојано да има договори со луѓе со сомнителни функции, кои можат да бидат дури и криминални. Мислам дека на Балканот, па дури и токму на Балканот, се мери веродостојноста на демократијата во Европа. Семејствата на европските партии, чиј дел се и партиите во регионот, треба да се заложат повеќе за вистинско демократизирање на партиите, наместо постојано да се гледа како да се спаси својата сестринска партија. Таков е примерот во Македонија со ВМРО-ДПМНЕ, но слична ситуација има и во Албанија.

Дали актуелните настани во Македонија сега ќе имаат поголемо влијание врз регионот од она што кризата во земјата и онака веќе го имаше досега?

Сега мора да дејствуваме на сите нивоа. Јас сум секогаш оптимист. Ако сега пристапиме помирливо кон работите и ако се концентрираме на зачувување на демократијата, а тоа во прва линија се функционални парламенти во државите во регионот, тогаш има шанса да се најде разумно решение за иднината на целиот регион. За тоа не е доволна една страна. Мора да се концентрираме во Европа и на меѓународно ниво, но тоа е неопходно да го прават и актерите во регионот. Прочитав дека Иванов рекол оти „никој освен нас не може да ни реши проблемите“ и тука е во право, не можеме со сила да принудиме некого на некакво решение. Но можеме и мораме да работиме на поддршка на демократијата и демократските вредности во регионот. Јас сум познат по својот критички став за регионот. Проблеми со спроведување на принципите на правната држава, независното судство и.т.н. има не само во Македонија, туку во целиот регион. Можам да кажам само едно - Груевски лично е можеби жртва на некаква клика околу него, но сепак би сакал да му советувам: тој веројатно, порано или подоцна, нема да може да избега од независно судство. Тој треба да донесе одлука, ако вопшто дојде до тоа и е неопходно, пред правосудните органи да стои поради корупција, наместо ситуацијата да ескалира толку за можеби да биде соодговорен за некакви воени злосторства. Затоа, посакувам и го молам, меѓу другото и за него, да донесе вистински одлуки во однос на македонските граѓани, сеедно од која националност. Во Македонија може да има само заедничка иднина на Македонците и Албанците.“

 

Реклама