Големи придобивки за Македонија од грчките изрази на добра волја | Северна Македонија | DW | 25.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Големи придобивки за Македонија од грчките изрази на добра волја

Огромни се придобивките за Македонија, велат владини извори, по изјавата на Ципрас дека Грција нема да ја блокира втората фаза на Спогодбата за стабилизација и членството во Јадранско-Јонската иницијатива

Во грчката и македонската јавност со големо внимание се анализираат изразите на добра волја што во Давос беа соопштени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Со вчерашната средба разговорите за решавање на спорот за името влегоа во нова фаза, а граѓаните во двете земји се обидуваат да „премерат“ кој што добил. И додека нема никакви мистификации по најавата на премиерот Заев - дека аеродромот и автопатот „Александар Велики“ ќе добијат нови имиња, при што автопатот ќе биде наречен „Пријателство“, јавноста во двете земји прашува што во практика ќе значат отстапките што ги најави грчкиот премиер. Како што изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас, Грција нема да ја блокира Македонија во почнувањето на втората фаза од имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и нема да го блокира и зачленувањето на Македонија во Јадранско-Јонската иницијатива (ЈЈИ).

Mazedonien | Flughafen von Skopje umbenannt in Alexander der Große (picture-alliance/dpa/G. Licovski)

Македонија ќе го преименува аеродромот

Деблокада на втората фаза од ССА

Koи се придобивките од грчката деблокада на можноста Македонија да мине во втората фаза на ССА со ЕУ?

„Огромни“, велат владини извори. Тие потсетуваат дека ССА, која стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи се до приемот на Република Македонија во членство во ЕУ, и е највисока форма на институционална соработка меѓу РМ и ЕУ.

„ССА влезе во 14-та година на спроведување. Не постојат отворени прашања во спроведувањето, освен отпочнувањето на т.н. втора фаза од имплементацијата на Спогодбата, што е во процедура на одобрување во Советот на ЕУ уште од 2009 година. Целите поставени во ССА за стабилизација, здружување и воспоставување на зона на слободна трговија се исполнети, но клучната цел за отворање на преговорите за разговорите и приближувањето кон структурните и кохезионите фондови - сѐ уште не е постигната!“, објаснуваат владини извори.

Гледај видео 01:37

Протести во Солун: „Македонија е грчка“

Според нив, отпочнувањето на оваа фаза ќе има импликации и врз правото на основање, вршење услуги, тековни плаќања и движење на капитал, како и во делот на постепено усогласување на законодавството и непречена имплементација на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА).

Исто така, со оглед дека ССА содржи рамка за политички дијалог и ја зајакнува регионалната соработка, со примената на одредбите од втората фаза би се постигнало унапредување и проширување на пазарите и економските односи меѓу Македонија и земјите од ЕУ, преку воспоставување на основите за техничка и финансиска помош.

Повеќе на темата: 

Автопатот „Пријателство“ ќе ја гради довербата со Грција

Пет тези за спорот за името

Атина е оптимистична за спорот за името

Придобивки од Јадранско-Јонската иницијатива

Кои се придобивките од вториот гест на добра волја - дека Грција нема да го блокира и зачленувањето на Македонија во Јадранско-Јонската иницијатива (ЈЈИ)? Со исклучок на политичко-експертски кругови, пошироката јавност нема сознанија за значењето на оваа иницијатива, па од вчера интересот е фокусиран и на барање одговори: Што е ЈЈИ?

Јадранско-Јонската иницијатива е регионална организација во формална врска на соработка со Стратегијата на ЕУ за Регионот на Јадран-Јон. Европската Комисија полноправно учествува во оваа регионална организација, дури и копретседава со активности доколку е тоа потребно. Членките ја уживаат логистичката подршка на Постојаниот Секретаријат, со седиште во Анкона. Ова е накусо „личната карта“ на ЈЈИ. Земјите кои се дел од неа  имаат големи придобивки, со оглед дека регионалната соработка во Европа е препознаена како корисна за развивање на солидни основи за процесот на европска интеграција, преку унапредување на политичката и економска стабилност во Регионот на кој му припаѓаат.

„Македонија како членка на ЈЈИ би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, кои се меѓу најважните македонски партнери во меѓународната економска соработка и трговија - Италија, Грција и земјите на поранешна СФРЈ. Може равноправно да учествува во обмислувањето на стратегиската развојна ориентација во географскиот регион на кој му припаѓа, преку активна улога во органите на ЈЈИ - Комитет на високи функционери и Министерски Форум. Има олеснета комуникација со Брисел, може равноправно да учествува во формите на соработка утврдени како приоритетни: транспорт, туризам, култура, животна средина...“, објаснуваат од Владата.

Она што е најзначајно, е дека преку членството во ЈЈИ Македонија на уште еден регионален форум ќе може да ги афирмира своите позиции и да ја подобри својата преговарачка позиција во однос на стратегиските приоритети - членство во ЕУ и НАТО. Особено што Италија и Грција, како соседи на регионот на Западен Балкан имаат особено влијание врз одлуките за прием во ЕУ. Според нашите соговорници, тоа ќе придонесе и за унапредување на добрососедската соработка, особено со Грција, но и прогрес во започнатиот процес на приближување и градење доверба. 

Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev (picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski)

Ципрас и Заев здружени во оптимизмот за решавање на спорот за името

Браќа по добра волја

Оние кои детално ги знаат механизмите на споменатата Спогодба и Иницијатива, немаат дилеми дека вчера во Давос е одржана успешна средба.

„Првата средба на премиери на Грција и Македонија по седум години треба да се смета за успешна и да се надевам деќа ќе донесе пресвртница во односите меѓу двете земји“, вели професорот и амбасадор Ѓорги Спасов.

„Ципрас и Заев на првата средба делуваа како браќа кои по долги години на разделеност се сретнуваат и се договараат животот да го продоложат заедно во мир и во пријателство. Делуваа сосема искрено, и токму како луѓе кои решиле еден долггодишен спор кој е непотребно идеологизиран, да го решат, како што рече Ципрас - со прагматизам и одговорност. Делуваа сигурни дека е можно да се најде решение за овој проблем. Според Заев, можно е решение  кое нема да навлегува во идентитетските прашања, а според Ципрас - решение ерга омнес, кое ја елиминира трајно заканата од некаков иредентизам кон Грција и кое отвора пат за билатералните односи да бидат поставени на цврста основа и на заемно почитување и разбирање“, ги споделува Спасов првичните впечатоци.

Според него, важно е што премиерите не останале на празни зборови.

„Заев најави дека македонската влада ќе донесе одлуки за промена на имиња кои грчката јавност ги доживува како иридентизам, а Ципрас објави дека ќе се отвори уште еден значаен граничен премин кон Грција во Преспа, и дека ќе ги поддржи процедурите кои грчката влада претходно ги суспендираше - кандидатурата на Македонија во Јадранско-Јонската иницијатива и ратификацијата на втората фаза од договорот за ССА. Доволно е за почеток да го смалат скептицизмот, да ја подигнат надежта и да почнат, со својот прагматизам и чувство на одговорност да ги разубедат и најтврдите националисти и скептици во своите земји дека е можно решение, од кое двете земји и двата народи не само што не губат ништо, туку добиваат мир и просперитет каков што посакуваат“, оценува Спасов.

Следната фаза од преговорите ќе се одржи наредната недела, кога посредникот на ОН во преговорите за името, Метју Нимиц, ќе ги посети Атина и Скопје. Претходно, во сабота, ќе се одржи координативна средба на која ќе се разговара за предложената предлог-рамка за решавање на спорот од медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц. На средбата во Клубот на пратеници иницирана од МНР, покрај премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе присуствуваат претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама