1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи главоболки поради Спутник V

Петер Ланг/АРД
13 мај 2021

И по два месеци од пристигнувањето на 200.000 дози Спутник V, во Словачка не е искористена ниедна ампула од вакцината. Но во меѓувреме е објавен договорот за купување, а експертите се исчудуваат од него.

https://p.dw.com/p/3tIZI
Slowakei | Coronavirus | Premierminister Igor Matovic
Фотографија: Frantisek Ivan/AP Photo/picture alliance

Игор Матович, во тоа време премиер на Словачка, и Марек Крајчи, тогаш министер за здравство, отпатуваа екстра во далечното Кошице за да ја дочекаат руската вакцина Спутник V.

„Со вакцината Спутник, Словачка ќе го зголеми темпото за вакцинирање за повеќе од 40%“, вети тогаш премиерот.

Тоа беше на први март, со првата транша од 200.000 од вкупно 2 милиони дози за Словачка требаше да се надмине недостигот од вакцини.

Речиси дваипол месеци подоцна, не е искористена ни една ампула Спутник. Прво Службата за лекови во Братислава соопшти дека лиферуваните вакцини не одговараат на очекувањата, за што заработи критики од премиерот. Потоа руската страна побара враќање на вакцините, обвинувајќи ја Словачка за кршење на одредбите од договорот.

Но, договорот во Братислава никој не го знаеше, иако според словачкото право требаше да биде јавно соопштен. По долги натегања, Министерството за здравство сега го објави, на запрепастување на многумина експерти: „Во овој договор јасно се гледа значително послабата преговарачка позиција на Словачка во однос на руската страна“, вели правникот Андреј Леонтиев.

Без гаранција за дејството

Иван Хуменик, експерт за медицинско право, објаснува дека ваков договор никогаш не би потпишал. „Руската страна продала производ за чии каратеристики не мора да гарантира, а за кои всушност е склучен договорот“. Со едноставни зборови: рускиот партнер во договорот не гарантира за ефикасноста на својата вакцина. И уште – Словачка се обврзала да ја плати куповната цена од 19 милиони долари за порачаните два милиони дози вакцина, дури иако не ја прими вакцината. 

Матович, кој по владината криза премина на министерското место за финансии, ја отфрла одговорноста: „Договорот не го ни видов, за мене беше важно само воспоставувањето на контактот. Одредбите на договорот се работа на правната служба на Министерството за здравство.“

Уште еден месец до вакцинирањето?

Рускиот партнер сега доби назад 600 од лиферуваните 200.000 дози заради извршување проверка. Институт во Унгарија, каде веќе се користи Спутник, исто така испитува што било лиферувано во Словачка. Откако ќе бидат познати резултатите, ќе биде одлучено дали и кога ќе се користи руската вакцина.

Владимир Ленгварски, наследник на критикуваниот министер за здравство Крајчи, го смета тоа за логично: „Кога овде постојано се зборува дека вакцината не е сигурна, дека содржи нешто што не треба, дека постојат малку информации, тогаш мора да се направи проверка“.

Според Ленгварски, до објавувањето на резултатите од контролата ќе помине околу еден месец. Дури тогаш може да се почне со вакцинирање со Спутник, а доготаш темата може да биде симната од дневен ред на друг начин. Наскоро во Словачка ќе нема толку недостиг од вакцини, а напротив веројатно ќе има зголемен број луѓе кои не сакаат да се вакцинираат.